Црквата како глас на надеж и пророчки знак?

05.07.2023 11:43
Црквата како глас на надеж и пророчки знак?

 

Разгорените страсти околу „родовиот идентитет“ оваа недела имаат своевиден климакс. Неполна недела по завршувањето на „прајд“ настаните се случи „Сенароден собир против законот за родова еднаквост и законот за матична евиденција“.

Медиумите, а посебно социјалните медиуми се преплавени со содржина на оваа тема, од колумни, преку статии па сѐ до лични видувања. Аргументите одат од издржани, воздржани, одмерени и умерени до флоскули, плеоназми, говор на омраза и теории на заговор.

Мојот став на темата поврзана со овие и слични прашања е изложен во бројни јавни написи кои се лесно достапни, така што тука нема да се повторувам.

Имам само две пораки до сите засегнати без разлика на гледиштата по овие прашања.

Како прво, сите оние кои се водат од постулатите дека христијанството и разните христијански деноминации се пред сѐ регресивни, тесногради и опресивни кон придобивките на западното современо општество, особено кон оние на сексуалната ориентација и родовиот идентитет, треба да имаат на ум еден непобитен факт. Меѓу другите, за овој факт зборува познатиот британски историчар Том Холанд во неговата книга Владение: Како христијанската револуција го пресоздаде светот (Dominion: How the Christian Revolution Remade the World). Холанд успешно докажува дека феминизмот не би нашол плодна почва во не-христијански светоглед. [Tom Holland, Dominion: The Making of the Western Mind (London: Abacus, 2019), 516].

Исто така, разните марксистички теории со проекции за бескласно општество во основа се атеистички копнеж кон исполнувањето на христијанската есхатологија. Во идеолошка смисла Маркс може да биде ставен на листата на христијански еретици. Филозофот и атеист Џон Греј, пак, го опишува либералниот атеизам како „доцно цвеќе на еврејската и на христијанската религија,“ и додава, „а во минатото најголем број од атеистите не биле либерали“ [John Gray, Seven Types of Atheism (London: Allen Lane, 2018), 1]Од исчитувања на ставовите на Греј, разни коментатори на неговата мисла заклучуваат дека постои недвосмислена поврзаност на секуларизмот со насилството и со системската опресија во модерните општества. Посебно е засрамувачки фактот за врската меѓу просветителството и антисемитизмот.

Секако, од историска гледна точка христијанството дава поводи да биде критикувано. Самите христијани имаме света должност овие нешта да ги препознаеме, да ги признаеме и да се покаеме во име на нашите идеолошки предци.

Притоа важно е да се има на ум навидум мала но клучна разлика, онаа меѓу легитимната критика за разни толкувања, проповеди и дејства во минатото, од една страна, и анахроното критизерство, од друга страна. На пример, озлогласената римо-католичка инквизиција и „палењето вештерки“, бездушното прогонување и истребување на богомилите во контекст на источно-православната црква, како и суровиот индивидуален третман и масовните масакри на радикалните реформатори (анабаптисти) од страна на протестантската реформација, подлежат на легитимна критика.

Од друга страна, тврдењата дека христијанството е во суштина мизогено и против правата на малцинствата е анахроно критизерство. Да се гледа на тековните состојби и тие да бидат споредувани со христијански ставови во даден историски контекст, од подалечното минато, е исто како да се обвинуваат изумителите на авионот дека тогаш и таму тие заговарале крајно небезбеден, заостанат и нерентабилен начин на летање во споредба со денешните воздушни летала. Без првото никако не би се стигнало до второво.

Исто така, критиките спрема христијаните за начинот на кој некои од суштински христијанските идеи и придобивки се толкуваат и се применуваат денес, не се заговарање да се лета исклучително со „орнитоптер“. Се работи за прашања поврзани со етиката на примената на тие придобивки. Да ја сменам метафората. Прашањето на современите подморници не е да се биде категорички против нивна употреба. Прашањето е примената на овие врвни технологии за неодговорен авантуристички туризам на пребогати луѓе кои не знаат на кој начин да најдат забава или смисла во животот. Трагедијата на „Титан“ е таков пример.

Да се обвинува христијанството дека во принцип е против правата на жените и на малцинствата е исто како да се обвинува дека Леонардо не ни смеел да го проектира својот „орнитоптер“. Џорџ Вајт и Едвард Фрост би требало да бидат уапсени затоа што се „дрзнале“ со оваа направа да полетаат.

Христијанството е единствено заслужно за развојот на она што денес го познаваме како принцип на „човекови права“. Тоа потекнува од непоколебливата библиска определба човештвото да го гледа како Божји образ и по таа основа да не прави никакви разлика на суштинско ниво. Мажот и жената се потполно и еднакво луѓе. И двајцата во потполност го носат Божјото подобие. Во случај на толкувања, а имало такви, каде жената е прикажана како суштински инфериорна на мажот се работи за несреќното преземање на филозофски гледишта туѓи за Библијата а кои потекнуваат од грчко-римската култура. Конкретен пример имаме во Аристотел. Тој застапувал гледиште кое жената ја става во подредена положба не заради какви било културолошки, општествени и политички ставови, туку заради тоа што жената е по дефиниција инфериорна. Ова според Аристотел, се должело на недостигот на рационалност и на самоконтрола кај жената.

Наспроти овој суштински мизоген поглед, Библијата во секој период на нејзиното создавање воведува револуционерни концепти. Еден од нив е активната вклученост на Еврејките во различни домени на општественото постоење, вклучувајќи ја и економската, религиозната и семејната сфера. Овие студии покажуваат, дека дури и во класичниот патријархат заснован врз религиски принципи, библискиот наратив (во овој случај еврејското Свето писмо) отвора револуционерни перспективи и е далеку пред времето по важни општествени прташања, во случајов вклученоста на жените во сфери кои од историска гледна точка не им биле достапни. Бројни научни трудови и историски извештаи покажуваат дека овој феномен се повторува низ разни историски периоди [Cf. Judith R. Baskin, ed, Јewish Women in Historical Perspective (Detroit: Wayne State University Press, 1991)].

Како второ, протестот предводен од МПЦ-ОА, кому му се приклучија и верниците од разни протестантски заедници, покажува една долгорочна слабост на организираната религија: наместо да го следи Бог кој во принцип е на страната на слабите и сиромашните, религиозниот естаблишмент често ја зема страната на богатите и на моќните. За оваа слабост и грев пишуваат Старозаветните пророци. Ќе го земам примерот на пророкот Езекиил. Посебно се нагласени три нешта:

  • Запоставување на стадото: Свештениците, претставени како пастири, потфрлиле во грижата за народот кој им е доверен да го водат и да се грижат за него. Наместо тоа тие ги искористиле своите повластени положби за лична полза, запоставувајќи ги духовните потреби на народот. (Ез. 34:2-3)
  • Експлоатација: Религиозните водачи ги злоупотребиле најранливите во општеството експлоатирајќи ги и доведувајќи ги до раб на егзистенцијата. (Ез. 22:25-29)
  • Отсуство на правда: Верските водачи потфрлиле во непристрасното спроведување на правдата. Наместо да се држат до Божјиот закон пред кој сите се еднакви тие гледале да им угодат на оние моќните и на богатите. (Ез. 22:29; 22:6-7).

Имајќи предвид дека Македонија е држава со висока корупција во секој сегмент, а посебно во најважните – образованието, здравството, инфраструктурата, економијата и животната средина, сосема е примерно да се праша зошто на овие теми речиси и да нема јавна реакција од која било христијанска конфесија во Македонија, додека на темата сексуална ориентација и родов идентитет се случува масовна регрутација?

Ако црковните водачи сакаат автентично да ги одбранат семејните вредности и децата од родовата идеологија, тогаш треба непрестајно да протестираат против коруптивни појави кои очигледни во секоја пора на општеството а чија клетка, според нив, е семејството. На пример, не сум наишол на ниту еден јавно изнесен протест или повик на учество во протест на која било христијанска конфесија против таканаречените „рудници на смртта“ во околината на Струмица, Дојран и Гевгелија. Бројот на загрозени животи, особено оние на децата, е далеку поброен од каков било процент на деца загрозени од влијанието на „родовата идеологија“. Со по некој исклучок, црквите, како по правило на овие теми молчат. Ова е посебно симптоматски по прашање на плановите за рудник крај струмичките села Штука и Иловица. Македонските судови неодамна пресудија во полза на инвеститорот наспроти јасната желба на населението и на одлуката на владата да го раскине договорот.

Дополнително, како протестант добро запознаен со гледиштата на најголем број протестанти во Македонија, загрижува улогата на некои од водачите на овие заедници во увезувањето на културните војни од Америка во Македонија и нивно пресликување во македонското општество.

Пророците во Стариот завет и Исус во Новиот завет прават нешто револуционерно. Ги изобличуваат привилегираните религиозни и општествени структури. На првите им велат дека воопшто не го познаваат Бог, а на вторите дека се угнетувачи. Библијата познава и лажни пророци. Тие си ги остварувале своите лични интереси пресметливо ласкајќи им на оние кои биле најзаслужни за обичните луѓе, а посебно вдовиците и децата, да бидат гладни, експлоатирани и обесправени.

И моето уверување е дека полот, а со тоа и родот, не смее да се сведе на ниво на есенцијализам – нешто што човештвото го дефинира по суштина. Како христијански верник, но само во тој контекст!, и јас сметам дека бракот е само меѓу еден биолошки маж и една биолошка жена. Сексуализацијата на малолетни деца, особено на оние пред пубертет, е опасен експеримент без оправдано покритие. Но ова не смее да ги исцрпи обврските на црквата да биде знак на надеж и пророчки глас во светот. Бог од нас верниците очекува многу повеќе. Во спротивно ни следи предупредувањето на пророкот Амос:

„Ги мразам и отфрлам празниците ваши и не ги помирисувам жртвите ваши во времето на вашите прослави во собранијата. Ако ми принесете сепаленица и лебен принос, нема да ги примам и нема да погледнам милостиво на благодарствената жртва од вашите угоени телиња. Отстрани ја од мене бучавата на твоите песни, зашто звуците на твојата харфа нема да ги слушам. Правдата нека тече како вода, и справедливоста – како силен поток“ (Амос 5:21-24).

Колажи: Dani Sanchis

ОкоБоли главаВицФото