Изгубени во преводот, пронајдени во рајот или пеколот

03.07.2023 12:10
Изгубени во преводот, пронајдени во рајот или пеколот

 

На неодамнешниот протестен собир, Поглаварот на МПЦ-ОА, Неговото Блаженство, Архиепископот Охридски и Македонски г. г. Стефан, остро се спротистави на носењето закони за родова еднаквост и матична евиденција; ги критикуваше „родовата идеологија“ и организациите и движењата кои наводно толку зајакнале што преку државните институции пишуваат закони. Поглаварот обвини дека „се подметнува поимот род кој е свесно избран, но во намерите на новите теоретичари и идеолози не носи ништо добро“.

Членката на МАНУ и професорка (родово коректно напишано), книжевна теоретичарка и критичарка, антологичарка, поетеса и раскажувачка, Катица Ќулавкова, се надоврза на г. г. Стефан и укажа дека англискиот збор gender погрешно бил преведен како род, бидејќи тој збор во македонскиот јазик означувал нешто сосема друго, односно етничкото и семејното потекло на некој човек.

На тој начин еден моќен и авторитетен маж, верски Поглавар, ефектно се надополни со исто толку ако не и повеќе моќна и авторитетна жена, за оваа пригода благомилозливо пристигната од академскиот Олимп. Пресекот на двете по пол различни битија, а по биолошки род – луѓе, и тоа од видот на просветлените, се случи во осудата на подметнувањето на поимот род и архетипскиот грев на грешниот превод. Секако, присуството на Ќулафкова имаше и поливалентен ефект, бидејќи покрај сценографијата, костимографијата и кореографијата, нејзиниот несомнен интелектуален и духовен габарит обезбеди каква–таква родова рамнотежа на сцената преполна со интелектуално не толку габаритни мажи.

На протестниот собир беа искажани и други интересни нешта, но овие укажувања од погоре создаваат ризик да се загубиме во преводот, и онака подзагубени во патеките: некој да заврши во пеколот, а друг во рајот, или обратно. Со цел да се намалат фаталистичките ризици, само неколку појаснувања.



Идеологијата на човековите права и слободи од поодамнае консензуално прогласена за вредност и преведена во правна норма, не само во западните општества („неолибералните“ како ги нарекува Ќулафкова, или „светски поредок кој им е туѓ на апостолите, светите отци и светото Евангелие“, како што ги нарече Неговото Блаженство), туку и кај нас. Човековите права се универзални и важат за сите поединци. Затоа во низа меѓународни акти, и во нашите закони, се нагласува потребата од посветеност во гарантирање еднакво достоинство на сите човечки суштества и уживање на правата и слободите на сите поединци без дискриминација по која било основа, како што се пол, раса, боја, јазик, религија, политичко или друго мислење, национално или социјално потекло, поврзаност со национално малцинство, имот, роден или друг статус.

Согласно ова позитивно право, како што вели г. г. Стефан, „Црквата и останатите верски заедници имаат свое место и свои загарантирани права“. Припадниците на Црквата со векови биле подложени на нетолеранција и дискриминација вклучително и маргинализација, социјална исклученост и насилство, за да сега создадеме систем кој ја штити слободата во практикувањето на вероисповеста и обезбедува диверзитет на верски заедници. Од своја страна, и лезбејките, хомосексуалците, бисексуалците и трансродовите лица биле со векови и сè уште се подложени на хомофобија, трансфобија и други форми на нетолеранција и дискриминација дури и во рамките на нивното семејство – вклучително и криминализација, маргинализација, социјална исклученост и насилство – врз основа на сексуална ориентација или родовиот идентитет. Оттаму и потребата, како за остварување на верските права и слободи така и за овие лица (да не забораваме дека меѓу нив има и посветени верници) да се обезбеди целосно уживање на нивните права и слободи.



Советот на Европа, во кој како држава членуваме од 1995 година, посочува дека недискриминаторниот третман од страна на државните актери, и онаму каде што е соодветно, позитивните државни мерки за заштита од дискриминаторски третман, вклучително и од недржавните актери (во нив влегуваат верските заедници), се основни компоненти на меѓународниот систем кој ги штити човековите права и основните слободи. Европскиот суд за човекови права на кој ние Македонците милуваме да се повикуваме кога ни одговара за други прашања и предизвици, ја смета сексуалната ориентација како забранета основа за дискриминација и се заложува за унапредување на заштитата на правата на трансродови лица. Судот го потенцира начелото дека ниту културните, традиционалните или религиозните вредности, ниту правилата на „доминантна култура“ не можат да се повикуваат за да се оправда говорот на омраза или која било друга форма на дискриминација, вклучително и врз основа на сексуална ориентација или родов идентитет.

Комесарот за човекови права на Советот на Европа, има мандат и за следење на ситуацијата на LGBT заедницата во земјите-членки, во однос на дискриминацијата врз основа на сексуална ориентација или родов идентитет.

Советот на Европа има експлицитна препорака да се усвојуваат и ефективно да се спроведуваат законодавни и други мерки за борба против дискриминацијата врз основа на сексуална ориентација или родов идентитет, за да се обезбеди почитување на човековите права на LGBT заедницата и да се промовира толеранција кон нив. По оваа препорака има постапено нашето Министерство за труд и социјална политика, составувајќи дел од текстот на нацртот на Законот за родова еднаквост, кој за волја на вистината по содржина продолжува да биде фокусиран првенствено на остварувањето на еднаквите можности на жените и мажите.

По однос на законот за матична евиденција треба предвид да имаме дека 38 земји-членки на Советот на Европа имаат правна или административна процедура за обезбедување правно признавање на полот, а девет имаат систем за самоопределување. Меѓутоа, во некои земји не постои јасна процедура, а други ја укинаа постоечката заштита со тоа што го оневозможија правното признавање на полот. За некои трансродови, интерсексуални и родово разновидни луѓе тоа значи дека имаат официјални документи кои не се совпаѓаат со нивниот родов идентитет. Ова ги прави поранливи на дискриминација и насилство, заклучува Советот на Европа. Друг проблем е зголемувањето на опозицијата кон човековите права на трансродовите лица во некои земји придружено со дефицит на информации од јавен карактер за нивната ситуација.



За крај, да се навратиме на „грешниот“ превод на gender во род.

Нацртот на законот за родова еднаквост го дефинира поимот „Пол“ како биолошки и психолошки карактеристики врз основа на кои луѓето се дефинираат како жени или мажи, додека поимот „Род“ како општествени својства и можности што се поврзуваат со тоа да се биде женско или да се биде машко, и со односите меѓу жените и мажите и момчињата и девојчињата, како и односите меѓу самите жени и односите меѓу самите мажи. „Родов идентитет“ се однесува на внатрешното и индивидуално доживување на сопствениот род што секое лице длабоко го чуствува за себе, што може, но и не мора да соодејствува на полот што му е определен при раѓање, како и личното доживување на сопственото тело и поинакво изразување на родот, вклучително име, облека, говор, манири и друго. Ова се дефиниции на поими кои се најчесто присутни во законодавството на низа држави членки на ЕУ, и искажана намера на поднесувачот на законот е да се надминат пречките и недостатоците во ефикасното обезбедување на еднаквост и елиминирање на стереотипите во општеството.

Современиот англиски збор gender доаѓа од средноанглискиот род, gendre, заемка од англо-норманскиот и средно-францускиот, род. Ова, пак, потекнува од латинскиот genus. Двата збора значат „вид на луѓе“ или „тип на луѓе“.

Како филолог, Академик Ќулафкова освен што укажува дека преводот е погрешен, би било коректно да понуди алтернативен превод. Тоа наместо „родова“ може да биде „еднаквост на сите видови или типови луѓе“, но дали формата во овој случај е навистина позначајна од суштината, односно дали е човечно и христијански, едните да сме поеднакви од другите?



Сликите се од стрип епизода на Wonder Woman (1942)

Извор за текстот: Racin.mk

ОкоБоли главаВицФото