23 начини на кои феминизмот ги подобри животите на мажите

22.03.2024 15:31
23 начини на кои феминизмот ги подобри животите на мажите

 

Феминизмот сè уште често се смета за грд збор, а мошне ретко се споменуваат неговите позитивни учиноци, во корист и на мажите. Феминизмот не би требало да го гледаме како движење кое им користи само на жените и кое стана „закана за националната безбедност, а мажите ги направи поплачливи и слабаци“, како што тврдат Фокс Њуз, туку како движење кое позитивно влијаеше на општеството во целина.

Зерлина Максвел, позната политичарка и новинарка на The New York Daily Times, преку 23 примери покажува како феминизмот им помогна и на мажите.

1. Економијата доби голем и долготраен поттик

По Втората светска војна придонесот на женската работна сила го промени економскиот пазар. Жените се приближно половина од работната сила, а нивното влијание е важно во сите индустрии. Според Економист, зајакнувањето на деловните жени е една од најважните промени во индустрискиот свет. Според проценките на Голдман Сакс, сразмерното зголемување на женската работна сила ќе го зголеми БДП за 21 процент во Италија, 19 проценти во Шпанија, 16 проценти во Јапонија, 9 проценти во Америка, Франција и Германија и 8 проценти во Велика Британија.

2. Мажите остваруваат подобри врски и сексот им пружа поголемо задоволство

Познато е дека жените многу ги ценат мажите кои ќе одлучат да се вклучат во домашните работи. Некои истражувања дури и покажаа дека таквите мажи се посреќни во бракот и дека имаат почести сексуални односи. Затоа паѓа во вода стереотипот дека феминистките ја загрозуваат машкоста.


3. Укинати се законите кои ги дискриминираат мажите

Кога родовата дискриминација стана популарна тема во седумдесеттите, луѓето почнаа да гледаат и други примери за нееднакво третирање во склоп на американското законодавство. Така во 1976 година американскиот Врховен суд пресуди дека е неуставно различно да се третираат мажите и жените пред законот. Во случајот Крег против Борен обвинителот од Оклахома се побуни против родово различната возрасна граница за легално консумирање алкохол. Дозволената возрасна граница за жените беше 18, а за мажите 21 година. Со тоа стереотипно се претпоставуваше дека мажите се понеодговорни од жените. После овој случај возрасната граница за консумирање алкохол за двата пола беше 21 година.


4. Животот стана полесен за мажите кои не се во врска

Судијката на Врховниот суд Рут Бадер Гинсбург заедно со својот сопруг го покрена случајот Мориц против Комесаријатот, залагајќи се за правото на даночно олеснување на самците. Дотогаш, одбитокот се однесуваше на жените, вдовците/вдовиците и разведените мажи, додека мажите самци беа заобиколени преку дупките во системот. Тоа беше една од многуте победи на судијката Гинсбург во слични случаи, повикувајќи се на 14-от амандман против родовата дискриминација во законите.

5. Сексуалната слобода

Сексуалната револуција сексуално ги ослободи жените и ја овозможи достапноста на контрацепцијата. Анил Даш, писател од Њујорк, смета дека контрацепцијата не е корисна само заради сексот, туку и заради контролата на раѓањето. „Имам можност да бидам попаметен и повеќе да размислам за одлуките во темпирањето на својата кариера, родителството и другите обврски благодарение на флексибилноста и слободата кои ми овозможија лесен пристап до контрацепцијата“.

6. Мажите веќе имаат контрола над репродукцијата благодарение на легализацијата на абортусот

Иако товарот од бременоста и раѓањето биолошки паѓа на жените, не можеме да ги исклучиме ни мажите, зашто можноста на избор ги ослободува и нив. Организацијата НАРАЛ со проектот „Men for Choice“ апелира на вклучување на мажите во зголемувањето на свеста и финансирањето на семејствата кои имаат потреба од тоа. Исто така, помалку е познато дека и мажите имаат абортуси, односно ако за абортусот зборуваме како за „женско прашање“, ги исклучуваме трансродовите и полово неопределените лица.

7. ФБИ ја промени дефиницијата за силувањето, вклучувајќи ги и мажите

Благодарение на кампањата „Rape is Rape“, која ја започнаа Feminist Majority Organisation и Ms. Magazine, повеќе од 160 000 мејлови го натераа ФБИ да ја промени застарената дефиниција на силувањето. Кога беше прогласена новата одлука, Ким Ганди, главната советничка на организацијата изјави: „Ова е голема политичка промена која драматично ќе влијае на начинот на кој се следи и пријавува силувањето на национално ниво.“ Новата дефиниција на силувањето вклучи секакви облици на пенетрација и повеќе не ги исклучуваше мажите.

8. Мажите добија заслужено слободно време надвор од работното место

Според американскиот семеен закон, вработениот немаше никаква законска заштита во случаи на болест или нега на болно дете. Често мораше да се избира помеѓу задржување на работата или отказ. Денес законот овозможува 12 недели неплатено отсуство за секој 12-месечен период, кој на вработените им овозможува да се грижат за сопственото здравје и здравјето на своето семејство. Иако жените беа на чело на измените на овој закон, тој ги вклучува сите работници независно од родот.

9. Правда за мажите кои искусиле сексуално насилство во војска

Напорите да се искорени сексуалното злоставување во војската ги поттикнаа политичарките како Џеки Спејер и Клер Мекаскил, но фактот дека и мажите можат да бидат жртви на насилство долго беше занемаруван. Иако се поголеми шансите жена војник да биде силувана од колега отколку да настрада во борба, повеќето жртви на сексуално злоставување во војската сепак се мажи. Организациите како Male Survivor и Man Can End Rape беа важни за да се овозможи да се слушнат и нивните гласови.


10. Товарот на војната веќе не е само на мажите

Со овозможувањето и жените да им пристапат на војската и бојното поле во 2013 година, се отворија 237 000 работни места за жени, што и на мажите им ја олесни работа. Чарлс Клајмер, колумнист на PolicyMica и воен ветеран, изјави дека со тоа двојно се зголеми потенцијалот на военото раководство, зашто порано се елиминираат половина од талентите. И покрај тоа, понатамошните студии покажаа дека родово мешаните единици демонстрираат подобри тактики.

11. Борбата за граѓанските права стана реалност

Бритни Купер, асистентка на женските и родови студии на Универзитетот Рутгерс, изјави дека токму жените биле клучни во борбата за човековите права. Не само родовите, туку и расните, како Роуз Парк или Џо Ен Робинсон. Зад многу движења стојат токму жените заради својата храброст и трудот против сите облици на дискриминација.

12. Затворите станаа побезбедни за мажите

Кампањите против сексуалното насилство во затворите не се корисни само за жените туку и за мажите. Актот за елиминирање на затворското силување од 2003 година, кој го поттикна феминистичката активистка Ловиса Стеноу, заговара права на повеќе од 200 000 затвореници кои секоја година се силувани во американските затвори, а повеќето жртви се мажи. Нацртите на законот се променија благодарение на нејзините напори и државата е должна секоја година да објави статистички податоци и да го следи статусот на затворските силувања.

13. На мажите им е овозможено да поминуваат повеќе време со децата

Благодарение на еманципацијата на жените и нивниот влез на пазарот на трудот, мажите денес имаат можност да поминуваат повеќе време со децата и добија право на родителско отсуство. Исто така, се покажа дека оние деца кои поминуваат повеќе време со татковците имаат поголеми шанси да дојдат до академска титула, а помали шанси да станат зависници или деликвенти. И покрај тоа, најновите студии покажаа дека децата на татковците кои со својот труд се вклучени во домаќинството, придонесуваат и до 40 проценти, имаат поголеми шанси да бидат поуспешни на училиште.

14. Проширената дефиниција на злосторствата од омраза ги вклучува сите идентитети

До 2009 година делата дефинирани како злосторство од омраза беа мошне ограничени, однесувајќи се само на незаконските дела против расата, религијата или националноста. Благодарение на Метју Шепард и Џејмф Бирд Јуниор, дефиницијата се прошири на полот, сексуалната ориентација и инвалидноста.

15. Срушени се стереотипите за лицата кои живеат со ХИВ и СИДА

Една од првите познати јавни активистки која ја промени прецепцијата на лицата кои живеат со ХИВ и СИДА беше принцезата Дајана, во време кога се веруваше дека можете да се заразите и преку допир. Не само што се зголеми свеста за оваа тешка болест, туку на неа престана да се гледа исклучиво како на проблем на хомосексуалците.

16. На мажите им е овозможена подобра здравствена репродуктивна нега

Planned Parenthood е организација која често се смета за исклучиво женска здравствена организација, но таа им помогна и на многу мажи. Од 2002 до 2012 година бројот на машки учесници се зголеми за 83 проценти. Мажите можат да се лекуваат, информираат и учествуваат на курсеви за родителство.

17. Благодарение на женските селебрити ѕвезди светот почна да ја толерира различноста

Бијонсе ги поддржува своите обожаватели со хомосексуална ориентација и ја зголемува свеста за нивните права на светско ниво. Така, на пример, за линијата на својата долна облека направи и комбинација за хомосексуални парови.

18. На спортистите им е овозможена заштита на чувствителните зони

Благодарение токму на една жена, мажите можат да ја заштитат својата чувствителна зона во груба игра како што е американскиот фудбал, што не би било можно ако жените не излезеа од сферата на домаќинството.

19. Животите на мажите станаа подобри и посреќни

Благодарение на феминизмот и женската работна улога надвор од домаќинството, мажите се ослободуваат од товарот на работата и не се единствени хранители на семејството. Некои ќе се побунат дека заради тоа жените имаат двојно повеќе работа, но факт е дека распределбата на работата ги прави посреќни двата полови.

20. Се промени перцепцијата за улогата на мажите во медиумите

Како што се промени улогата на жените, така паралелно се случија промени во стереотипите на нашите улоги, најмногу во начинот на кој денес нè прикажуваат медиумите. Многу проекти се вклучија во критикувањето на маскулинитетот кој го проектираат медиумите, како The Representation Project и нивниот документарец The Mask You Live In, каде се истражува колку токсично може да биде тоа за младите момчиња во периодот на созревањето.


21. Мажите можат да бидат медицински сестри и учители

Кога станува збор за борбата против родовите стереотипи на работното место, жените можеби се погласни затоа што многу од работните места на кои се сегрегирани го задржуваат родовиот јаз во платите. Сè уште ретко се споменуваат машките медицински сестри како пожелна или општествено прифатена работа, но не значи дека таа е помалку вредна. Слично е и со учителите во училиштата.

22. Мажите се охрабрија во редефинирањето на старите стандарди на машкоста

Една од најважните лекции на која нè научи феминизмот е самокритиката, што значи дека ништо не е објективно, дури ни науката. Анил Даш вели дека токму феминизмот го научил како да биде подобар граѓанин и подобар член на својата заедница, заради константните напори во постигнувањето на еднаквоста, правата и хуманоста.

23. Реформата на имиграцискиот закон им помогна на многу американски семејства

Женската група како We Belong Together и феминистичките лидерки како Глорија Стејнем покажаа дека имаат клучна улога во имиграциските реформи, иако жените се поголем дел од непријавените работници и помалку е веројатно да добијат виза од мажите. Но заедничката борба во остварувањето на машките и женските права ја зголемува политичката свесност и им помага на многу семејства, и тоа благодарение на феминизмот.

Фотографии: Brooke DiDonato

Превод: Алек Кузмановски

Извор: https://voxfeminae.net/

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото