Груевски переше пари, Мицкоски го „пере“ Груевски

10.07.2023 13:19
Груевски переше пари, Мицкоски го „пере“ Груевски

 

Не треба да има сомневање дека изјавата на Мицкоски дека „спомениците и сите проекти од т.н. проект Скопје 2014 година се создаваа со огромна љубов и патриотски чувства на чинителите“ е инспирирана, или, уште полошо, претходно издиктирана и искоординирана со Будимпешта со цел да се изрелативизира обвинението на Основното јавно обвинителство за организиран криминал и корупција форматирано во предметот „Феникс“ со кој се осомничени 15 високи функционери на ВМРО-ДПМНЕ, вклучувајќи го и Груевски како првоосомничен.

Само два дена пред оваа неговата изјава од главниот град на Унгарија дојдоа насоките во „посланието“ на Груевски кога напиша дека „спомениците и сите проекти од т.н. проект Скопје 2014 година се создаваа со огромна љубов и патриотски чувства на чинителите, а ако за некој поединец тврдат дека нешто проневерил, треба да понудат на јавноста и судот цврсти и многу реални докази за тоа, а не прес конференции на незавршени истраги и со општи флоскули, темпирано во време кога треба да се ’испере задникот’ на оној кој им дал инструкција токму сега да говорат за ова“.

Оттаму со право беше реакцијата што дојде од Обвинителството за организиран криминал и корупција кое повика сите политички партии да запрат да ја злоупотребуваат во политички цели истражната постапка во предметот „Феникс“, како и кое било друго постапување на Обвинителството.

„Ги потсетуваме сите политички фактори на пораката што во овој контекст пред само неколку дена ја упати американскиот Стејт департмент – ‘лидерите на Северна Македонија мора да покажат силни, опипливи резултати во борбата против корупцијата преку зајакнување на институционалната независност и ограничување на политичкото мешање, особено во судството, што е од суштинско значење за исполнување на целите за пристапување во ЕУ и градење доверба на граѓаните во Владата’“.

Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција и јавниот обвинител, кој постапува по предметот „Феникс“, преземаат дејства за обезбедување докази целосно водејќи се од начелата на правичност и заштитата на пресумцијата на невиност, истакнаа во соопштението од ОЈО. Дополнија дека во однос на јавните коментари и шпекулациите во кои фокусот се става на временската рамка за преземање на дејствијата во овој предмет, сметаат дека е неопходно „да се истакнат одредени датуми што го следат постапувањето во предметот, со што јавноста ќе може да оцени дека предметот ‘Феникс’ е воден во согласност со законот и соодветно на доказите“.

Но зошто би го правеле тоа од ВМРО-ДПМНЕ и лидерот Мицкоски, кога, очигледно, според „ферманот“ на султанот во бегство добија насоки случајот веднаш да почне да се релативизира и да се прогласи за политички процес и „постапка зад која стојат исплашени политичари, на чело со Заев кој и понатаму има огромно влијание во правосудниот систем и нему блиски луѓе од политиката“.

Ете, тоа е тој мајндсет, тој „ум“ кој сега дава директиви тоа што некогаш беше нивна пракса од заробената држава и правосуден систем од тефтерчето, сега да го импутираат и на актуелната власт.

Пералната во Белата палата „укључена“ на вриење

Просто е неверојатно како Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ не сфаќаат дека тоа што не се ослободија од гревовите на Груевски и неговата камарила (во превод: (бело)дворска група, клика која преку интриги влијае врз државните работи во своја корист), сега и постојано ги влече во амбис.

Наместо еднаш засекогаш да расчисти со груевизмот во ВМРО-ДПМНЕ и да ги симне тешките воденички камења што му ги обеси околу вратот неговиот „кум“ за да му го чува престолот, Мицкоски, сега веќе, засекогаш останува во прегратките на Миклош (Miklós), некогаш познат како Никола Од гепекот.

Ама изгледа силна е пастирската љубов и обврзува на послушност, а со тоа и на релативизацијата на „Феникс“ за злоупотребите во Скопје 2014 ВМРО-ДПМНЕ, со што, всушност, Мицкоски го овозможува континуитетот на груевизмот.

Инаку, како што веќе констатираа аналитичарите, изјавите на челниците на ВМРО-ДПМНЕ за случајот „Фенис“, перење пари и злоупотреба на службена должност, ги нарушува принципите на неколку аспекти кои, во овој момент допираат три клучни сегменти во нашето општество: кривично-правниот; политичкиот, односно влијание на политиката врз правосудството; и корупцискиот аспект. Три исклучително чувствителни аспекти, за кои, очигледно, некој не сака да ја задржат независноста.

Во однос на првиот аспект – кривично-правниот, треба да се земе предвид оценката на Мицкоски дека „ако имало дело, тоа ќе било решено пред седум, осум-девет години“.

Лесно се разобличува оваа тенденција за спинување и „перење“ со хронологијата и со суштината на обвинението на ОЈО. Обвинителот Љубомир Лапе на 30 јуни ја запозна јавноста дека е во тек истрага и изнесе факти според кои е формирани основано сомневање дека 15 лица и пет наменски формирани компании се вмешани во организиран криминал за изградбата на 11 споменици од проектот „Скопје 2014“, во вредност од околу 57 милиони евра и за незаконски стекнати пари од државниот буџет. Притоа, лицата се сомничат за две кривични дела – злоупотреба на службена должност и перење пари.

Обвинението вели дека злоупотребата се однесува на заобиколување на законската регулатива околу надлежностите на Собранието и префрлање на надлежностите на Општина Центар, односно незаконско префрлање на над 57 милиони евра од буџетот на државата на сметка на Општина Центар за изградба на спомениците како дел до „Скопје 2014“ и друго. Истрагата покажала голема разлика во тендерираната и реалната цена на чинење на спомениците преку подизведувачи во Италија. На тој начин, заклучува ОЈО, незаконски биле стекнати над 16 милиони евра, од кои дел завршиле испрани во земјава.

Се разбира, Мицкоски, според насоките, ги прескокнува овие укажувања на истрагата, и се обидува да го пренасочи фокусот на вниманието на јавноста на случајот со внукот на Али Ахмети и купувањето на дел од трговскиот центар Соравија и уште поентира со исказот „ако имало дело, тоа ќе било решено пред седум, осум-девет години“.

На ова реагираше ОЈО во соопштението од понеделникот, 3 јули, кога беше пласиран податокот дека истрагата е отворена од порано, но дека се чекало финалното вештачење кое стигнало на почетокот на јуни.

Освен ова, на првата прес конференција за „Феникс“, обвинителот Лапе посочи дека финансиските докази се обезбедени преку механизмот за меѓународна правна помош од пет други држави при што треба да се знае дека прибирањето податоци од една до друга државна институција трае со месеци, некогаш и со години. Дополнително треба да се земе предвид периодот на распуштањето на СЈО после што истрагите беа префрлени во надлежните редовни обвинителства, и оттаму нема ништо чудно што истрагата траела толку долго.

Македонскиот идентитет како детергент за перење сомневање за криминал

Она што секако треба да се има предвид се укажувањата на претходните ревизии на антикорупционерите и на истражувањата на новинарите кои со многу аргументи посочуваа на чудните патишта на парите поврзани со проектот „Скопје 2014“.

Секако, нема никакво сомневање дека истрагата треба да заврши со обвинителен акт за кој судот гтреба да се произнесе дали го прифаќа или не, а потоа и да се спроведе фер судска постапка за да се докаже дека немало или имало криминал. Многу е важно јавноста да дознае како се случило еден споменик, кој како пример го наведоа од ОЈО, бил тендериран 4,7 милиони евра, а цената на изведба во Италија му била 2,4 милиони и каде отишла разликата од тие пари и дали оваа иста постапка била аплицирана и на останатите 10 споменици.

Од друга страна, никако не може овој случај да се „пере“ со македонскиот идентитет. Македонскиот идентитет не може да се користи како детергент за перење сомневање за криминал.

Тоа е едно, а второ, и тоа не му е прв пат на Мицкоски, неговата намера да ја дефокусира јавноста од прашањето имало или немало криминал со спомениците и да ја префрли на меѓуетнички план и ги упати новинарите и ОЈО да „отворат предистрага за нелегални градби во Зајас и Колари и во уште неколку места за криминали на неколку семејства кои денеска ја имаат заробено Македонија“.

И ова не е ништо друго освен спинување со најголем број вртежи, а кога во „перењето“ се додава парфимиран адитив кој треба да ги заостри меѓу-етничките односи.

Ама не мириса, туку смрди на спинување и дефокусирање. Тоа тешко дека се аргументи што треба да докажат дека „спомениците и сите проекти од т.н. проект Скопје 2014 година се создавале со огромна љубов и патриотски чувства на чинителите“.

Според образложението на Основното јавно обвинителство се навестува дека спомениците и проектите се создавале од љубов кон парите и од алчноста за заработка. Но, тоа сега ОЈО ќе треба да го докаже.

Слики: Свирачиња

Извор за текстот: Racin.mk

ОкоБоли главаВицФото