Ел Гато Диаз

20.07.2023 01:20
Ел Гато Диаз

Освалдо Сориано

Зборувајќи начелно, или како што би му одговарало на легендарното Радио Ереван, во принцип, на голманите слава им носи несовладливоста во големите натпревари. Јашин, викан Црн пајак, па Бенкс оф Ингланд, Шилаверт (кој го чита Умберто Еко и кому овој му испраќа книга со посвета), мрднатиот Игита, голманот голгетер Сени, тоа се несомнени примери.

Во принцип, да. Ама има еден голман кој, што се вика, светската слава ја стекнал бранејќи за клуб од најниска лига. Тоа, по правило, е онаа лига од која не се испаѓа, дури и ако клубот не освои ни еден единствен бод во целото првенство. Испаѓа само клубот што ќе згасне, како отпустот од болница во катренот на Фернинанд Песоа:

A vida é um hospital
Onde quase tudo falta.
Por isso ninguém se cura
E morrer é que é ter alta.

Животот е болница една
Речиси празнина чиста
затоа никој не се лечи
Па смртта е отпусна листа

Треба да се каже дека тој голман не ни постоел, а бранел за клуб што веќе не постои. Сѐ едно што тоа е така, кругот земјин е мерка за славата на тој голман. Да не остане некажано, кај нас тој голман не е ни славен, ниту прочуен. Ние сме во паралелен свет. За него кај нас можеби знаат неколкумина луѓе што би ги собрало во кафе барот Лимб, во Плитвичката улица во Загреб. Голманот е книжевен лик и се вика Ел Гато Диаз. По светот се прослави, јасно, заради голманската умешност, но за неговата слава е пресудна една негова изјава. Таа изјава е пресудна заради поентата, а таа, се знае, е оној елемент во човечкото мислење кој на говорот му дава свежина и сласт, го одушевува слушателот и останува во сеќавањето. Без поента и епиграмската поезија и афористиката би биле пустини. (За тоа што е поента и за нејзиното име нема согласност меѓу теоретичарите: еднаш е argutia, другпат accutezza, па agudeza, па pointe. Фројд ја нарекува Witz. Кај нас најчесто е досетка, но името ѝ е нецелосно, често и промашено). Творец на голманот Диаз е аргентинскиот писател Освалдо Сориано. Сите книги на Сориано се преведени на италијански и на француски јазик, кај нас ништо, никогаш, јок. Во Италија една издавачка куќа живее од продажба на книгите на Сориано. Во една од нив се наоѓа и приказната со наслов „Најдолгиот пенал на светот“ (El penal más largo del mundo). Таа приказна во Италија имаше многу изданија, имаше и јавно читање на РАИ. Таа е пресудна и што фудбалската екипа на италијанските писатели се вика Освалдо Сориано. Според таа приказна е снимен и филм, го има и на интернет. Протагонистот е голманот Диаз, со прекар Ел Гато (мачор), а меѓу луѓето кои читаат славен е како Ѕоф или како Буфон, а никогаш не бранел ни за еден државен тим, за ниедна прволигашка, ни за второлигашка, ни за третолигашка екипа. Бранел за екипата на Естрела Полар, која, откако е основана, играла во првенството на северна Патагонија, во лигата на долината низ која тече Рио Негро. Неговата екипа, во првенство од шеснаесет клубови, секогаш на крајот била при дното на табелата, а еднаш, кога го освоила тринаесеттото место, играчите од последното гостување се враќале дома пеејќи. Естрела Полар е забит преку која ветрот крева прав, а луѓето немаат никаква занимација освен еден билијард и фудбалскиот клуб. Во овој последниов играат постојано истите играчи или нивните браќа. Спори како магариња, тешки како шкафови, а голманот Ел Гато има четириесет години, побелената коса му паѓа на индијанското лице. Во 1958. година, Естрела Полар на изненадување на сите забележала неколку последователни победи (секоја одвратна, вели Сориано, од по 1:0) и го зазела првото место. Во последното коло од првенството гостувала кај вечниот шампион по име Депортиво Белграно, на кој му бил доволен нерешен резулат за повторно да биде првак. Но сѐ мора да има свој крај, па Естрела Полар, при резултат од 1:1, три минути пред крајот, од слободен удар поведува до 2:1. Судијата на натпреварот, некојси Херминио Силва, инаку епилептичен продавач на лотарија во областа, се одлучува да го продолжи натпреварот сѐ додека домаќинот не изедначи. За тоа морал и дополнително да се потруди, па во последните секунди на натпреварот измислил пенал против гостите. Овие пак, испровоцирани од неправдата, го напаѓаат судијата, еден го нокаутира, почнува голема и долга тепачка на која, бидејќи судијата останува во бесознание до ноќта, крај ѝ става делегатот на натпреварот, мавтајќи со фенерот и наредувајќи тоа да се обзнани со пукање во воздух. Натпреварувачката комисија, два дена подоцна, определува пеналот и уште 20 секунди од играта да се одиграат на истото игралиште седум дена по прекинот, следната недела, и тоа на заклучен стадион без публика.

Таа долга седмица главен лик во предградието е Ел Гато Диаз. На оние кои ќе го прашаат дали ќе го одбрани пеналот, им кажува дека знае на која страна ќе шутира изведувачот Константе Гауна и за него вели дека „и тој знае дека јас знам дека тој знае“. Сето тоа го дополнува рубиа (русокосата) Фереира, рамнодушна кон вниманието и подароците што ѝ ги дава во неа вљубениот Ел Гато: сѐ едно му вели дека, ако не го одбрани тој пенал, тоа ќе биде знак дека не ја сака.

Доаѓа неделата на одлуката. Неколку момчиња некако се вовлекуваат и се кријат зад голот спротивен од оној каде што ќе се изведува пеналот, од стадионот се формира жив курирски синџир за јавување на резултатот, сѐ до Поларната Ѕвезда. Гауна ја мести топката, судијата дува во свирчето, изведувачот удира, Ел Гато фаќа „жива“ топка. Судијата добива епилептичен напад, паѓа, помошникот притрчува, го подига, главниот некако си доаѓа на себе и, бидејќи, нели, првото изведување не го видел, досудува пеналот повторно да се изведе. И повторно е изведен пеналот и повторно го брани мачорот Диаз. Несудениот стрелец, како што веќе бидува, погледнува во небото и се расплакува, а Депортиво се простува од титулата.

Минуваат две години и нештата се местат така што сега младиот играч Освалдо Сориано на натпревар против екипата на Мачорот ја мести топката на белата точка за да изведе пенал. Ел Гато е веќе бајаги пропаднат и остарен, се оженил со сестрата на еден соиграч, има прстен на раката. Младиот Сориано знае дека тоа веќе не е оној Гато, па сепак избегнува да го гледа во очи додека, огромен и претворен во пајак, се тегне на гол-линијата. Ја удира, значи, Сориано, топката по земја и дава гол, а кога стигнува да ја земе топката од мрежата, го слуша ова од совладаниот голман: „Добро, момче. Еден ден ќе минуваш низ овие краишта и ќе раскажуваш како си му дал гол на Гато Диаз, но никој нема да ти верува“.

Тоа е изјавата која ѝ дала посебен прилог на светската слава на Мачорот Диаз. Мајсторството на авторот на крајот самиот да влезе во приказната и да изведе пенал против двојниот бранител на најдолгиот удар од единаесет метри на светот е чудесно. Тој го гради својот лик, не го искористува. Тој е далеку од подлата постапка на писателот Џим Шепард, кој во биографијата вклучил конкретен човек, нашиот Велибор Васовиќ, за да ќари книжевна слава. А по светот има и такви кои тоа го нарекуваат креативно пишување. Како не! Читајте како навистина се пишува креативно: Сориано, како момче, навистина го видел „најдолгиот пенал на светот“. Тој, според истражувањето кое го направил Уго Спледоре, бил свирен во 1953. или една година подоцна, во местото Циполета, во натпреварот помеѓу истоимениот клуб и гостите Унион Ален Прогресиста од градот Ален. Пеналот е досуден за домашната екипа, а гостите се побуниле, па избила голема кавга и судијата ја прекинал утакмицата. Дисциплинската и натпреварувачката комисија одлучиле следната недела да се изведе пеналот и да се одигра остатокот од 20 минути. Дотичната недела пеналот го одбранил голманот на гостите по име Бенџамин.

Во својата приказна Сориано ги променил минутите и секундите за самиот удар од единаесет (во тоа време мерен со 12 чекори) да биде причината за играњето. На голманот му дал име што ќе го направи бесмртен. Клубовите Естрела Полар и Депортиво Белграно постоеле, но веќе не постојат. Како во онаа песничката на Песоа. А постојат и живеат само во приказната на Сориано. Во сенката на голманот Мачорот Диаз е дури и Поларната Ѕвезда, не па некој кутар вечен шампион Депортиво Белграно.

Превод: Душица Димитровска

Извор: https://www.portalnovosti.com/

ОкоБоли главаВицФото