Кирил Пенушлиски

10.08.2023 00:38
Кирил Пенушлиски

Кирил Пенушлиски

Скопската населба Бутел, во која се и најголемите градски гробишта, се наоѓа на местото на некогашното истоимено село на брегот на реката Серава, левата притока на Вардар. Меродавен труд за етимологијата на овој ојконим напиша Љубица Станковска. Таа тврди дека на денешниот облик на името му претходело името Бутељ, што означувало некој поток, па со процес на депалатизација љ поминало во л. Во основа на името е прасловенскиот глагол *да се бутка, да се удира, да се набива нешто за нешто да се подигне или придвижи. Македонскиот има бутало, мотка со која се истерува рибата од под камен. Изгледа дека и сараевската населба Бутимир е етимолошки сродна со Бутел. На скопските гробишта Бутел, парцела 116, прв ред, втор гроб, почива Кирил Пенушлиски. Патник намерник неговиот гроб тешко ќе го најде без помош на гробарските работници. За ова сведок ми е ќерка ми, заедно барем половина час трагавме речиси во место. Ја молам управата на гробиштата Бутел да ги среди искривените знаци со бројчиња на парцелата 116.

Кирил Пенушлиски го видов само еднаш, тоа беше на крајот од август пред триесет години, до пред некој ден мислев во Струга, но Изет Муратспахиќ ми јавува дека тоа било во Охрид. На рецепцијата на хотелот Палас, на брегот на езерото. Мора да е Изет во право: знам дека беше на рецепција на хотел, а тие простори на хотелите во Охрид и во Струга мене тогаш ми беа слични. Три недели бевме на одличниот семинар за македонски јазик, книжевност и култура, многу оптоварени со настава и пред и попладне, а меѓу нив капење во Охридското Езеро. Изет Муратспахиќ, родум од Ѓаковиќ кај Горажде, доктор по македонска книжевност, денес живее во Упсала, тогаш ми беше другар во соба. Едно попладне, спроти почетокот на Струшките вечери, пред учесниците на семинарот да тргнат кон Струга на отворање на Вечерите, некои од моите лектори ме претстави на Пенушлиски.

- Професоре, дозволете да Ви се заблагодарам за антологијата на македонските народни балади. Некои од нив, за време на престојот во Охрид, ги научив напамет.
- Фала, еве и јас нескромно мислам дека книгата е добра. Тоа на мои години не е барање, туку обврска. А која песна Вам во е најдобра?
- Девојче болно и змија!
- Чекајте, на таа тема таму има повеќе песни...
- Оваа, професоре:

Девојче болно лежало
На врх планина зелена.
Немало никој при него
Сал еден господ на него
И љута змија до него.
Девојче бога молеше:
-Нема ли, боже, жиф човек
Низ село да ме однесе? –
Змија се бога молеше:
-Ела, да нема жиф човек,
У село да ја однесе,
При мене душа да даде, -
Да ѝ улевам пазука,
Гнездо да си напраам,
Мали змијчиња да ведам!


Илеш Шпиц

Кирил Пенушлиски, мирен и добродушен, сослуша, па вели дека песните за девојка и змија не е лесно ни да се соберат ни да се распоредат. И вели дека можеби оваа што ќе ја каже е малку постара од онаа „мојата“. И почнува:

Легнала мома, заспала,
Меѓу две гори зелени,
Меѓу две води студени.
Никој кра неа немаше,
Вишен је господ нат неа,
Црна је земја пот неа,
Станоит камен позглаа,
Пот камен змија љутица.
Змија си бога молеше,
Така је господ поможи.
Тога девојка ми умре,
В коси гнездо напраи,
От лице месо јадеше,
От очи вода пиеше.

Гледам дека го чекаат колегите, а ми е жал да си оди, па за да го задржам уште трошка, му кажувам дека и на нашиот јазик има такви. Тој вели, па се разбира дека има, а јас му ја кажувам оваа:

Kad morija Mostar morijaše,
Sve umori, i staro i mlado,
I umori majci Ibrahima.
Žao joj ga u groblje kopati,
Pa ga kopa u zelenu bašču.
Svako ga je jutro oblazila,
A jedno mu jutro govorila:
‘Je l ti tvrdo, Ibro, bez dušeka?
Je l ti nisko bez brusa jastuka?
Je l ti hladno bez kumaš jorgana?
Jesu l teške tahte javorove?’
Iz mezara nešto progovara:
‘Nije, majko, tvrdo bez dušeka,
Nije nisko bez brusa jastuka,
Nije hladno bez kumaš jorgana,
Nit su teške tahte javorove,
Već su meni guje dodijale:
Oči piju, u perčin se kriju.
Kuni, majko, Omera berbera
Koji mi je perčin ostavio!’

Ивко Панговски

Тогаш Кирил Пенушлиски тивко, веројатно јас прегласно зборував, ми кажа дека мотивот на чумата е чест и силен во балканската народна поезија, и дека во македонските балади чумата често е персонифицирана и дека стои меѓу конкретна и апстрактна фигура и дека има својства кои во грчката митологија ги има Харон, оној возач преку водите на Ахеронт. Чумата е долгокоса жена со долги нокти и со страшно лице, од неа се плаши и самиот Господ. Децата на чумата во македонските песни се викаат чумчиња. И уште додава дека можеби најинтересни се оние песни за чувата во кои нема ниедна змија. Па ми кажува една која дотогаш ја немав слушнато, „Чума во Солун“:

Шчо ми се је Солун задимило?
Дал је, мале, силен паша дошел,
Та му готват ручок и вечера
И му варат това жешко кафе,
И му печат това рудо јагне?
-Нит је, шчерко, силен паша дошел,
Нит му варат ручок и вечера,
Нит му варат това жешко кафе,
Нит му печат това рудо јагње,
Туку ми е црна чума дошла:
Шчо удари – веќе не преболи,
Шчо замркне – веќе не осавне,
Шчо осавне – веќе не замркне.
Ударило еден син у мајка,
Удари го – веќе не преболе.
Од жалби го в двори закопала,
Сека ѕаран на гроб да му одат,
Да го кадат тове тажен тамњан,
Да му паљат тија ж’ти свешчи,
Да му плаче таја стара маќа,
Да го плаче, жално-милно реди:
‘Ој ле, сину, ој ле мили сину,
Арна ле је црноземна кашча?
Арна ле је бел камен зглавница,
Арна ле је од штици завивка?
Арна ле је од земја постеља’.
Од жалби је земја продумала:
‘Ој ле, мале, моја стара мале,
Арна ми је црноземска кашча,
Арна ми је бел камен зглавница,
Арна ми је од земја постеља,
Арна ми је од штици завивка.’

Тоа го изговори, ми пружи рака и отиде Кирил Пенушлиски. Меѓу оние кои го чекаа на пет метри од нас беа Душко Наневски (Изет ми пишува дека таму бил и Атанас Вангелов, а можеби и Томе Саздов). Никогаш веќе не го видов добриот Кирил Пенушлиски. Ни пред, ни потоа. На враќање во Скопје, се наоѓам со Лилјана Дирјан и ѝ раскажувам за средбата со него. А Лилјана, една на мајка, вели: „Знаеш, Кирил Пенушлиски беше мој драг професор“.

И така натаму, многу години поминаа, а дури пред еден месец, од единствениот Ивко Панговски дознавам дека тој истиот Кирил Пенушлиски, роден во Солун, играл фудбал за скопскиот ССК и бил првиот македонски спортски новинар. И дека имал пресудна улога во спасувањето на Илеш Шпиц од нацистичките гасни комори! Да имам товар богатство и добра камила, би ги дал и камилата и богатството да можам некако да го вратам Пенушлиски, само да го прашам како било кога Шпиц, на 8. март навечер, дошол во просториите на спортскиот клуб Македонија. Ама нема таква камила и такво богатство со кои можат да ги вратат оние кои се спуштени во онаа земја глинена што името го добила по некогашниот поток Бутељ.

Превод: Душица Димитровска

Извор: https://www.portalnovosti.com/
 

ОкоБоли главаВицФото