Mon cher Albert

17.08.2023 01:44
Mon cher Albert

Албер Ками

Три текста расветлија сѐ што е најважно за голманската страст и кратката кариера на човекот по име Албер Ками, добитникот на Нобелова награда за книжевност за 1957. Првиот текст е роман, вториот е новинарска старија, третиот е писмо. На романот и на новинарската статија автор е самиот Ками, а писмото го напишал Французинот Абел Паул Питу, роден во 1913, починат во 2005.

Романот има наслов „Првиот човек“ (Le premier homme), неговиот ракопис е најден во автомобилот во кој погинал Албер Ками, а го објави Галимар во 1994. Делото е недовршено, а го приреди Катрин Ками, ќерката на авторот. Тоа е последното дело на писателот Ками и сѐ што претходно напишал би можело да се смета како увод во него. Враќање во детството и момчештвото, во сираштвото и сиромаштвото во предградието Белкур во Алжир, главниот град на Алжир. Духот на фудбалот лебди над секојдневието на момчето. И стравот од престрогата баба, злоставувачка на сѐ постоечко, жената која одоздола во ѓоновите на момчето бара да се заковаат клинци за обувките да му бидат спори и со тоа да му се отежне играњето топка на тврдиот бетон. Незаситното и опсесивно играње со топка за време на школските одмори, гумената топка меѓу ѕидовите на школскиот двор, потта што ја внесува во училницата, тоа е слика на ученикот без татко, Албер Ками. Себеси како голман во целата книга се спомнува само еднаш, попатно, во поглавјето за четвртоците и празниците, кога кажува за првиот отпор кон ќотекот на баба му, па вели дека е избран за голман на училишниот тим три дена откако за првпат вкусил девојчински усни.

Албер Ками(со качкет) како голман на École Pratique d’Industrie. Десно од него Абел Пол Питу

За себеси како голман во фудбалски клуб Ками написмено ќе каже нешто дури четири години пред во Стокхолм да биде награден со највисоката книжевна награда. А по добивањето на наградата, на молба на списанието Франс фудбал да напише нешто за својата голманска улога, жалејќи се дека нема време за пишување на нова статија, тој праќа текст со наслов „Да, бранев за РУА“ (Oui, j’ai joué au RUA), веќе објавен во 1953. во гласникот на клубот за кој играл, РУА од Алжир. РУА е скратеното име на Racing Universitaire Agérois. Од текстот дознаваме дека идниот писател најпрвин „Бог знае зошто“ заиграл за Association sportive de Montpensier (A.S.M.) иако живеел во предградието Белкур. Имал и некој другар, што го викале Влакнест, кој играл ватерполо во пливачката секција на тој клуб, па на негово наговарање таму започнал со бранење на фудбалскиот гол. Таму останал една година и ова го издвојува од тоа искуство: „Веднаш сфатив дека топката кон оној кому е упатена никогаш не оди како што би се очекувало да дојде. Тоа беше лекција за живот, особено за живот во Метрополата, каде луѓето не се искрени и сигурни“. Потоа, на наговарање на негoвите гимназиски другари – дека оние кои „студираат“ треба и да играат во студентскиот клуб – преминува во РУА, во јуниорскиот тим, и таму е голман. Каква е страста за фудбал во него, се гледа од признанието дека веќе од недела едвај го чека четврток, кога екипата има тренинг, а од четврток едвај ја чека недела, кога има натпревар. Она што тогаш не го знаел, го признава четврт век подоцна: својата нераскинлива врзаност за секој алжирски стадион на кој играл. Има уште: подоцна, било во Париз, било во Буенос Аирес, кога и да го слушнел зборот РУА, срцето силно ќе му заиграло. Во Париз станува страстен навивач на Racing Clube de Paris, зашто овој, освен името има и сино-бели дресови, како и неговиот алжирски. А има и уште нешто: игра, што се вика, фудбал за во учебник, а знае и да изгуби „по учебник“, односно да биде поразен кога според сѐ би требало да го добие натпреварот. На крајот од статијата, голманот Ками запишува нешто што ќе стане прочуено: „Ако, по толку години, светот ми подарил некоја важна претстава, тогаш можам да кажам дека сѐ што со сигурност сум научил за моралот и за човечките обврски, го научив го клубот РУА и му го должам на оној спорт со кој во него се занимавав“.

Седум дена по добивањето на Нобеловата награда, Ками на Стадионот Parc des Princes го гледа натпреварот Racing de Paris – Monaco. Кога голманот на Расинг ќе погреши и ќе прими гол, на репортерот кој со писателот го гледа натпреварот и снима што овој зборува, ќе му каже: „На голманот ништо не треба да му се забележи. Дури кога ќе се најдеш среде шума, знаеш колку е тешко“. А во романот „Паѓање“, протагонистот вели вака: „Само на фудбалскиот стадион и во театар сѐ уште можам да се чувствувам целосно недолжен“.

Ками во Стокхолм за примање на Нобеловата награда

Во септември 2013., парискиот издавач Галимар ја објави книшката од 88 страници со наслов „Mon cheri Albert“ на авторот по име Абел Паул Питу. Книшката го содржи писмото на тој Питу до Албер Ками, пишувано во Марсеј, меѓу 1971. и 1974. Тие двајца се врсници, оделе заедно во основно училиште во алжирското предгради Белкур. Теоријата на книжевни видови познава писмо до мртов примач, ова е едно од таквите. Тоа, поподробно од сите познати документи, го обработува не само детството и момчештвото на играч на фудбал во тогашниот град Алжир, туку и голманската активност на подоцнежниот писател. Питу е меродавен за таква обработка, зашто бил играч напаѓач и често играл против Ками, а понекогаш и заедно со него во екипата. По завршеното основно училише, Питу се запишал во школа за индустрија и трговија, а Ками во гимназија. Од писмото се гледа дека младиот голман, освен што бранел за јуниорските екипи на двата клуба, иако гимназијалец, знаел да брани и за други екипи освен за гимназиската. Школските екипи тогаш играле голем фудбал и имале извонредно добри играчи. Фотографијата, на која Албер Ками со голмански качкет седи „по арапски“ можеби е единствената сочувана од голманското занимавање на писателот и е пример за негов настап за екипа на училиште кое не било неговата гимназија. Питу се буни што и весниците и телевизијата оваа слика (секако по смртта на Ками) ја објавиле, а текстот со неа го испуштиле, па молкум „дозволиле да се заклучи“ дека станува збор за јуниорите на РУА. А на сликата е екипата на индустриската школа, École Pratique d’Industrie, за која во полуфиналето на школскиот куп на градот Алжир, во 1929., бранел шеснаесетгодишниот Албер Ками, и тоа против екипа на гимназијалци! Питу не може да се изначуди на новинарското тежеење да се лаже со премолчување: кога веќе се објавуваат слики, зашто не се каже и која екипа е на сликата? Уште сведочи дека Ками бил голман на подмладокот на РУА во времето од 1928. до 1930. година и дека повеќепати бранел против екипата на Gallia-Sport Algérois, во која Питу играл напаѓач и вели дека многу добро се сеќава на неговата борбеност и победнички жар. Ама не, вели, не се сеќава, дека по заболувањето од туберкулоза, имал каква било поважна улога во екипата.

Ками ритуално ја крунисува Лучија за Празникотна Лучија, еден ден по примањето на Нобеловата награда

А за тоа дека Албер Ками заиграл за тимот на индустриската школа заслуга има Питу. Познавајќи го како сигурен, бестрашен и добро навежбан голман, Питу одлучил да го внесе во екипата на своето училиште. А за да не биде дисквалификуван, зашто одел во гимназија и бил регистриран за РУА, разгласил дека РУА не смета на него, па го наговорил да се запише на некој вечерен курс на школата чиј ученик не бил. Ками, се разбира, го сторил тоа заради фудбалот, формалноста била задоволена и гимназијалецот можел да застане на голот на учениците во економијата. Тимот на последниве заиграл одлично и повел со 1:0. Потоа го дал и вториот гол, но судијата го поништил, иако бил исправно постигнат. Додека играчите на оштетената екипа се бунеле, еден гимназијалец ја зел топката и се стрчал во шеснаесетникот кон голманот Албер Ками. Овој истрчал на пенал, застанал таму, го симнал качкетот и му покажал на противничкиот играч: „Повелете, господине, дајте го!“ и овој го дал. Гледалиштето било одушевено, не заради голот, туку заради начинот на кој се побунил голманот на оштетената екипа. Тоа бил најнеочекуваниот гол постигнат на некој официјален натпревар откако постои човечкото помнење, тврди Питу, не штедејќи зборови за пофалба за сценското умеење на голманот кој го примил голот. А кој еднаш, на прашањето театар или фудбал, рекол фудбал.

Превод: Душица Димитровска

Извор: https://www.portalnovosti.com/

ОкоБоли главаВицФото