Саша Ракитиќ, партизановец

03.08.2023 02:04
Саша Ракитиќ, партизановец

Стадионот ЈНА

Во неделата, 26 јуни 1983, претпладне, кинооператорот и возач Баке Вапљанин во своето комби ИМВ нѐ собра нас шестмина учесници од штотуку завршените Сопоќански видувања и од Нов Пазар тргна кон Белград. Веднаш по поаѓањето, поетот Слободан Ракитиќ патниците во комбито ги покани на ручек кај брат му во родното село Власово. Додаде и дека во Белград ќе се стаса денски, дека таму Баке секого ќе го одведе до дома. Штом стасавме во Власово, тоа е некој километар зад Рашка, му реков на Баке дека би му бил благодарен ако направи во Белград да стасаме до пет попладне, зашто тогаш на стадионот ЈНА почнува натпревар што сакам да го гледам. Баке рече дека пред стадионот ќе стасаме малку пред пет, ако тргнеме најдоцна во еден и пол.

Додека друштвото се забавуваше на убавата тераса во куќата на Ѓорѓе и Раде Ракитиќ, јас се впуштив во разговор со Саша, синот на нашите домаќини. Ми кажа дека тие на имотот имаат и извор на минерална, сумпорна вода и на мое барање ме одведе до таа вода, недалеку од куќата. Од разговорот на ливадата го издвојувам овој дел:

- Саша, за кого навиваш?
- За Партизан.
- А знаеш ли со кого игра денес Партизан?
- Како не знам: со Вележ од Мостар. Денес Партизан ќе ја освои дветтата првенствена титула, ако не изгуби. Хајдук игра во Тузла, па ако изгуби, Партизан ќе биде прв дури и ако изгуби од Вележ.
- Гледам дека сѐ си проучил и дека се имаш предвид. А си гледал ли некогаш натпревар на Партизан?
- Сум гледал, гледам секогаш кога има пренос на телевизија.
- А на стадионот ЈНА?
- Никогаш не сум.
- А би сакал ли?
- Би, ама далеку е Белград, а моите не ме пуштаат.
- А дали ти, Саша, би го гледал денешниов натпревар, овој со Вележ?
- Јас би, ама за тоа нема шанса! Моите не би ме пуштиле, а и да ме пуштат, сега е доцна, натпреварот почнува за шест часа.
- Не е доцна, сега е единаесет и пол, за три часа најдоцна би тргнале и би стигнале.
- Мене моите нема да ме пуштат.
- А ако јас ги придобијам, па те пуштат?
- Нема шанса, ги знам јас нив.

Дербито Партизан - Вележ 1983 година

Седнуваме на богато подготвена неделна трпеза. Домаќинот им ги полни чашите на гостите и држи говор за добредојде и здравица на која сите во глас велат „да живееме“. Мене ми поминуваат трпки, ми се чини дека е добар миг да тргнам во мисија за Саша. Станувам, ја кревам чашата за да наздравам и потсетувам дека под покривот на гостољубивата куќа дојдовме право од Сопоќани, од под фреската на Успение на Богородица, па додавам уште и дека задутре е Видовден. Ѓорѓе Ракитиќ ме погледува со голема благонаклоност. Овде се стресувам и ме фаќа страв од тоа што ќе кажам понатаму и како. Да не го надујам работите, да не ги раситнам, да не му се подлизувам на домаќинот. Драги Ѓорѓе, се охрабрувам, меѓу вчерашниот ден во Сопоќани и задутрешниот ден Видовден, за нас малите луѓе желни за големи радости, денес е важен ден. Денес нашиот Партизан може да стане првак на Југославија по деветти пат. Дозволи ми, Ѓорѓе Ракитиќ, домаќине добар и гостопримлив, како гостин да те замолам за дозвола и од тебе да побарам да ми исполниш една необична молба. Ајде, кажи ја, Синане, ќе ти биде исполнета таа молба! Фала, Ѓорѓе, еве: овој твој син Саша да го пуштиш денес со мене да оди со ова комби во Белград и со мене, на стадионот ЈНА, да го гледа Партизан!

Молк, неколку секунди, мене ми се издолжија и на половина минута. Го прекина Ѓорѓе. Слушај ме, Синане: овој Саша ти го давам денес да гледа натпревар со тебе, само со тебе, ама утре до вечер да биде повторно во оваа куќа!

Мрморење, некој почна да ракоплеска. Го гледам Саша: трепери како лист од јасика. А од неговите кафени очи избива само радост.

Додека ручавме, Саша веќе се пресоблече и се спреми да влезе во комбито кое се изнавозе филмски ленти, проектори, писатели и сликари. Тргнавме навреме, но писатели како писатели, тешко се одонодуваат од разонодата: сакаат кафе помеѓу Краљево и Крагуевац, некаде околу Книќ. Сакаат, ама кафето чинеше еден час стоење. Кога почна натпреварот, бевме пред Белград, некаде кај Бубањ Поток, а гужвата на автопатот се зголемува. Пред стадионот стигнавме кога радиото во комбито на Баке јави дека првото полувреме завршило без голови.

Саша и јас истрчавме од комбито, како молња стигнавме пред шалтерите за карти, на единствениот сѐ уште отворен купив влезници, па задишани истрчавме до западната трибина. Мојата карта контролорот ја искина на пола, на онаа на Саша ѝ го скина само купонот. Оттаму низ влезот се гледаше дел од полниот Исток. Во лицето на Саша прво удри руменило. Десетина чекори и веќе сме на Запад. Двата образа на Саша веќе се целосно румени, му застанува здивот. Таа озареност никогаш нема да ја заборавам. Иако имаме карти за седење, нема надеж да седнеме, зашто педесет илјади луѓе стојат. Зад тунелот на Југ излегуваат прво тренерот и придружниот персонал. Знаеш ли некого, Саша? Ги знам само Милутиновиќ и Бјековиќ. Другите и не мора да ги знаеш, Саша.

Слобода Тузла - Хајдук

Почнува второто полувреме и по една минута, Ројевиќ дава гол за Партизан. Го дава на Југ, головите на Југ некако повеќе се помнат, тоа не го разбираат тие што не се разбираат. Стадионот експлодира, на Саша му се малку две очи за гледање, малку му се носот и устата за дишење. Ако среќата може да има тело и душа, таа тоа попладне се наоѓаше на стадионот ЈНА и се викаше Саша Ракитиќ. Не знам дали постои добродетелство по себе, би сакал патувањето на Саша во Белград на натпреварот да си го впишам себеси во добри дела. Но смеам да си припишам заслуга што го усреќив момчето Саша Ракитиќ, во едно од најсончевите попладниња на неговото момчештво.

Десетина минути по голот на Ројевиќ, изедначи волшебниот Бајевиќ, кому тоа му беше последен гол во Југославија. На стадионот дури се слушна и малку аплауз за елегантниот мостарец. Позадината на таа партизанова великодушност секако беше во веста што стигна преку звучникот дека Слобода во Тузла води против Хајдук. Сапа целото второ полувреме беше замелушен и цел предаден на натпреварот: кога Вележ ќе ја имаше топката, му се гледаше тремата, кога ќе преземеше Партизан, тремата се менуваше во озареност. Крајот на натпреварот беше врв: Партизан е првак, Милош Милутиновиќ, без кошула и поткошула на рамената на играчите, никој од гледачите не сака да си оди. Не сакаме ни Саша и јас. Го надокнадуваме пропуштеното прво полувреме со трето.

Стадионот го напуштивме меѓу последните и пеш тргнавме кон Славија. Најпрво надолу, ја пресековме Звечанска, па преку надвозникот на автопатот, па нагоре меѓу зградите на медицинскиот институт и за половина час дојдовме на вратата кај Слободан Ракитиќ. Саша ќе преноќи овде кај стрико му, а утре Баке Вапљанин повторно ќе го земе во своето комби и ќе до однесе кај родителите во Власово.

Саша Ракитиќ оттогаш не сум го видел. Ама, триесет и шест години подоцна, го чув пред неколку дена по телефон. Да го побарам се одлучив откако со Баке Вапљанин во Пазар евоцирав спомени за Сопоќанските видувања. Саша, се сеќаваш ли како отидовме да го гледаме Партизан? Се сеќавам, на сѐ се сеќавам, како да не се сеќавам? А потоа одеше ли да го гледаш Партизан? Не одев. Неполна година по натпреварот, во Рашка ме удри автомобил, имав повеќе скршеници, рамото и раката, па имав операции и тешкотии, едвај се опоравив. Ме спаси докторот Бумбаширевиќ во Белград, така што сега сум добро. Саша, сето ова ми е ново, се надевам дека твоите се добро. Татко ми почина, 2010, мајка ми е жива. А остана ли партизановец? Се разбира дека сум партизановец. Засекогаш!

Превод: Душица Димитровска

Извор: https://www.portalnovosti.com/

ОкоБоли главаВицФото