How can we not?

08.11.2023 16:50
How can we not?

 

Дали децата се разликуваат? Дали сликите на убиените деца во Џабалија треба да нè вознемируваат помалку од сликите на убиените деца од кибуцот Беери? Дали воопшто треба да нè вознемируваат сликите на мртвите деца во Џабалија, и дали е тоа дозволено?

Нашите деца ни се помили од било што на светот, а мртвите израелски деца го кинат срцето на секој Израелец повеќе од кое било друго мртво дете. Сосема човечки и очекувано.

Но, невозможно е да нема простор за вознемиреност поради масовното убивање деца во Газа поради тоа што некој ги убил нашите деца. Смртта на тие деца треба особено да нè вознемири кога ќе се потсетиме кои се тие и кој е виновен за нивната катастрофа. (Одговор: Израел и Хамас.) И кога ќе се потсетиме како изгледал нивниот живот и како изгледа нивната смрт. (Одговор: тие се деца на сиромаштијата, бедата, опсадата и егзилот, без сегашност и иднина, за што во голема мера е виновен Израел.)



Еден мој добар пријател, левичар, на крајот на неделата напиша: „Во оваа војна не можам подеднакво да сочувствувам со двете страни. Можеби би можел да го направам тоа во Украина, но не и овде. Гидеон Леви опишува изгорено бебе, а јас гледам бебе од Нир Оз.“

Бебето од Нир Оз го убија ништожниците од Хамас, толку сурово што е тешко тоа и да се опише. Бебињата во Џабалија беа ладнокрвно убивани од израелската војска, без посебни зли намери, но во застрашувачки број. Да се види само бебето од Нир Оз а да не се види бебето од Џабалија? Тоа е морално пореметување, особено затоа што бројот на убиени деца во Газа е незамисливо голем: според вчерашните податоци на Министерството за здравство на Хамас, досега се убиени 3.900 деца.

Беше крвав викенд во Газа, а снимката што дојде беше една од најстрашните што сме ги виделе во оваа ужасна војна. Осакатените тела на осум прегрнати дечиња, сместени во две бели пластични кеси, по четири тела, засекогаш запечатени на патот кон масовната гробница. Тоа се бебињата од Газа кои некој ги уби. Тоа е војна, но сепак мора да се исцртаат граници.



Во друго видео, урнатините одекнуваат со врисоци и десетици тела кои лежат наоколу, главно деца. Постојано се бомбардираат областите околу болниците - вчера тоа беше детската болница „Ал Наср“. Во неа лежат деца болни од рак: пет лица починале. Не е тешко да се замисли стравот на децата во болница. И таа болница доби наредба да се евакуира, како да има каде да се евакуира. Амбулантни возила со ранети на пат кон преминот Рафија беа бомбардирани од борбени авиони: Израел тврдеше дека се терористи. Патот покрај морето, преку кој внатрешно раселените лица се обидуваат да избегаат на југ, како што нареди Израел, е затнат со тела, од кои многу се детски. Секоја бомба фрлена врз Газа убива деца.

Сето ова не треба да вознемири ниту еден Израелец бидејќи Израел сега ги оплакува своите мртви. Не само што не треба да вознемирува, туку и самиот чин на негово вознемирување е забранет и криминализиран. Оние што ќе се вознемиратат се апсат, особено ако се израелски Арапи. Забрането е вознемирувањето поради убиствата во Газа, дури и ако се убиени деца чија добронамерност и невиност не може да се оспори. Самиот протест против нивното убиство е предавство. Тоа се деца од Газа, тие не се сметаат за деца во Израел, како што нивните родители не се луѓе зашто нам сурово ни ги убија децата.



„How can we not?“, праша вчера државниот секретар Ентони Блинкен додека ги гледаше сликите на убиените деца во Газа, извлечени од урнатините. Блинкен рече дека го трогнала сликата на израелските деца чиј татко бил убиен, а потоа убијците го отвориле фрижидерот и рамнодушно јаделе пред расплаканите сирачиња. Потоа зборуваше за мртвите деца од Газа. Тој рече: „Кога ги гледам нивните очи, ги гледам очите на моите деца - како да не ги видам?“

А кога ние ги гледаме очите на мртвите деца од Газа, не ги гледаме нашите деца. Се сомневам дека воопшто гледаме деца. How can we not?



Превод: П. В.

Извор за текстот: Haaretz, 05.11.2023.

ОкоБоли главаВицФото