Не можеме да го избегнеме забрзаното топење на западниот Антарктик

10.11.2023 02:06
Не можеме да го избегнеме забрзаното топење на западниот Антарктик

Намалувањето на емисиите на гасови со ефект на стаклена градина сега има ограничена моќ да го спречи загревањето на океаните кое би можело да доведе до колапс на ледената покривка на западот од Антарктикот, предупредуваат авторите на студијата објавена неодамна во научното списание специјализирано за климатски промени, Nature Climate Change.

Во суштина тоа значи дека западните антарктички ледени плочи забрзано ќе се топат до крајот на векот, без разлика колку светот ќе го забрза идниот пораст на глобалната температура.

„Изгледа дека ја изгубивме контролата над топењето на ледената покривка на западниот Антарктик“, рече водечката авторка Кејтлин Наутен.

„Ако сакавме да ја задржиме во нејзината историска состојба, требаше да дејствуваме против климатските промени децении порано“.

Ледените плочи се „јазици“ мраз кои стрчат во океанот на рабовите на глечерите. Служат како своевидни потпирачи кои помагаат мразот да се задржи на копното и ги забавуваат неговото движење кон океанот.

На тој начин ледените плочи всушност претставуваат брана од зголемувањето на нивото на морињата. Заради топењето стануваат сè потенки, а со самото тоа се намалува и нивната способност за „потпирање“.

Иако научниците и претходно нагласуваа дека топењето на западниот Антарктик би можело да биде неизбежно, она што не се знаеше со сигурност беше колку овој процес би можел да се забави преку амбициозните климатски политики.

Увид во тоа со својата анлиза ни донесуваат истражувачите од Обединетото Кралство, кои со помош на националниот суперкомпјутер направија симулации за идното топење на мразот на западниот Антарктик, при различни штетни емисии и последични нивоа на зголемување на температурата.

Според нивните пресметки, дури и во ситуација ако човештвото го ограничи глобалното затоплување на 1,5 степени целзиусови (што во моментов делува недостижно), ледените платформи во Амундсеновото море ќе се топат трипати побрзо отколку во минатиот век.

Како што наведуваат, помеѓу најамбициозната наведена цел од Парискиот договор и средното сценарио со штетни емисии (РЦП 4,5), кое би можело да резултира со глобално затоплување помеѓу 2 и 3 степени целзиусови, нема значајна разлика.

Разлика се појавува дури при најлошото сценарио (РЦП 8,5), кое значи штетните емисии да продолжат да растат неконтролирано. Во тој случај на западниот Антарктик би се стопиле повеќе ледени плочи, но дури по 2045 година.

Меѓутоа, со напредокот на енергетската транзиција, сè помали се шансите да се реализира ова сценарио кое се темели на големата експлоатација на фосилните горива.

Губењето на ледените плочи во Амундсеновото море најмногу придонесува за пораст на нивото на морето на Антарктикот. Нивното целосно топење би предизвикало зголемување на нивоата на морињата и до пет метри. Претходните модели укажаа дека топењето на овие ледени плочи би можело да биде предизвикано од загревањето на Јужниот океан во кој се наоѓаат.

Милиони луѓе ширум светот живеат блиску до бреговите. Без разлика колку Антарктикот се чини далечен, топењето на мразот таму, проследено со зголемувањето на нивоата на морињата, многу ќе влијае на животите на крајбрежните заедници.

Имајќи го тоа предвид, авторите на истражувањето инсистираат на важноста на борбата против климатските промени.

„Не смееме да престанеме да работиме на намалување на нашата зависност од фосилните горива“, порача Кејтлин Наутен. „Она што го правиме сега ќе помогне да се забави зголемувањето на нивоата на морињата на долги патеки. Колку побавно се менуваат нивоата на морињата, толку полесно ќе им биде на владите и општествата да се прилагодат и покрај тоа што не можат да ги запрат“.

Превод: Алек Кузмановски

Фотографии: Jan Erik Waider

Извор: https://klima101.rs/