Објавен Атлас за нафтата која не смееме да ја согориме заради глобалното затоплување

25.03.2024 03:01
Објавен Атлас за нафтата која не смееме да ја согориме заради зауздување на глобалното затоплување

Во медиумите често можеме да слушнеме апели од научниците дека, за да се заузда понатамошното глобално затоплување, огромни количини фосилни горива мораме да ги оставиме под земја, недопрени, како и дека во производството на енергија итно треба да ги замениме со обновливи извори за драстично да ги намалиме емисиите на гасови кои ја загреваат планетата.

Имајќи го тоа предвид, авторите на новата студија објавена во списанието Nature Communications ги мапираа нафтените ресурси кои не смееме да ги согориме за човештвото сè уште да има можност да го запре порастот на температурата на 1,5 степени целзиусови.

Резултатот е Атлас со „несогорлива“ нафта, а методологијата може да се употреби и за идентификација на „несогорливиот“ јаглен и гас.

Како што се наведува, тимот во својот труд сепак се фокусирал на нафтените ресурси зашто речиси сите 1 518 гигабарели таканаречена неконвенционална нафта (која бара нови, комплексни методи за екстракција) треба да останат неискористени заради многу повисоките трошоци за екстракција, пониската енергетска ефикасност, поголемото негативно влијание на животната средина и понискиот поврат на инвестициите.

Атласот открива дека во борбата против климатските промени најважно е да се избегне експлоатација на нафтените ресурси во најчувствителните предели на планетата, како што се заштитените природни подрачја, областите каде треба да се заштити биодиверзитетот, просторите со големо богатство на ендемски видови или територии населени со староседелци во своеволна изолација.

Меѓутоа, нафтата мора да остане под земја и во деловите од светот кои не се опфатени со споменатите категории за да се исполни Парискиот договор. Потписниците на овој документ во 2015 година се согласија дека ќе настојуваат да го зауздаат порастот на температурите на 2 степени целзиусови, а во идеален случај на 1,5 степени во однос на прединдустрискиот период (1850-1900).

Во меѓувреме, ги доживеавме првите денови кои се потопли за 2 степени во однос на втората половина на деветнаесеттиот век, па дури и првите дванаесет месеци кои се потопли за 1,5 степени. Згора на тоа, 2024 година се заканува да ја надмине долната граница на потпишаниот договор.

Иако тоа не значи автоматски неуспех на Парискиот договор зашто се однесува на повеќедеценискиот просек на температурите, имаме сè помалку време да ги ублажиме климатските промени и да ги намалиме штетните емисии.

Ова се областите чии ресурси со нафта треба да останат неискористени зашто се совпаѓаат со приоритетните социо-еколошки критериуми дефинирани како „зона на исклучување“

 

Во овој процес човештвото располага со таканаречен карбонски буџет. Всушност, тоа е максималната количина на јаглерод диоксид која смееме да ја испуштиме со цел температурата потенцијално да ја задржиме во посакуваните рамки.

Во јануари годинава преостанатиот глобален карбонски буџет изнесуваше 250 гигатони јаглерод диоксид.

„Овој буџет константно се намалува, според актуелните податоци, за околу 43 гигатони јаглерод диоксид годишно - и ќе биде исцрпен до 2028 година“, рече истражувачот Лоренцо Пелегрини.

Како што се наведува, согорувањето на сите познати залихи фосилни горива би резултирало со испуштање 10 илјади гигатони јаглерод диоксид, што е речиси четириесет пати повеќе од она што ни го дозволува карбонскиот буџет за одржување на порастот на температурата на 1,5 степени целзиусови.

Но дури и постоечките нафтени и гасни полиња, вклучувајќи ги и оние кои допрва се развиваат, би емитувале околу 936 гигатони јаглерод диоксид, околу четири пати повеќе отколку што можеме да си дозволиме доколку сакаме да го оствариме Парискиот договор.

„Целта на запирањето на глобалното затоплување на 1,5 степени бара целосно прекинување на истражувањето нови наоѓалишта на фосилни горива, прекин на издавањето дозволи за екстракција нови фосилни горива и предвремено затворање на мошне големиот удел (75 проценти) на проектите за нафта, гас и јаглен кои во моментов се произведуваат или веќе се развиени“, напоменуваат авторите.

Тие ги повикуваат владите, корпорациите, граѓаните и инвеститорите како пензиските фондови на итна акција која би вклучувала запирање на финансирањето на фосилната индустрија и инфраструктурата ако не се земат предвид општествените и еколошките фактори.

Од друга страна, она во што би требало да се вложува се обновливите извори кои би ни овозможиле надминување на кризата.

Превод: Алек Кузмановски

Извор: https://klima101.rs/