Дали климатскиот самит во Дубаи беше успешен?

18.12.2023 02:12
Дали климатскиот самит во Дубаи беше успешен?

По две недели долги излагања, состаноци и прегорови, заврши 28-та Конференција на Обединетите нации за климатските промени (ЦОП28) во Дубаи.

Собирот кој се одржа во Обединетите Арапски Емирати и на кој учествуваа повеќе од 70 000 делегати од сите делови на светот, заврши со усвојување документ кој повикува на глобално напуштање на фосилните горива и исто така поставува нето нулта емисии до 2050 година.

Се работи за прв таков договор кој некогаш е потпишан и ги вклучува сите фосилни горива.

Меѓутоа, впечатоците од Дубаи се различни. Домаќините на конференцијата, на чело со Султанот Ал Џабер, кој претседаваше со собирот, документот го нарекоа „историски“. Од друга страна, стручњаците, активистите и претставниците на некои држави го критикуваа договорот како недоволно обврзувачки.

„Изгледа дека малите островски земји не беа во просторијата кога рековте дека сè е договорено“, рече во завршното излагање Ен Расмусен од Самоа, претседателката на Алијансата на малите островски држави. „Се потпираме на науката во целиот текст, но потоа се колебаме да ги договориме активностите кои се во склад со она што науката вели дека мораме да го направиме“.

Тогаш, каков е овој договор, навистина? Дали е во прашање долгоочекуваниот пресврт во борбата против климатските промени или во Дубаи победија интересите на фосилната индустрија?

Во деновите кои му претходеа на усвојувањето на документот кружеа неколку верзии, со различни амбиции, кои ги заговараа разни геополитички фракции. Како и претходните години, најгласни во повикувањето на брза и одлучна климатска акција беа таканаречените мали островски држави, кои во Дубаи ги предводеше Самоа како претседавач со Алијансата на малите островски држави.

На другиот крај од спектарот претежно се наоѓаа државите кои се големи произведувачи на нафта, неформално на чело со Саудиска Арабија, која на разни начини агитираше од текстот на климатскиот договор да се исфрли напуштањето на фосилните горива како решение на климатската криза. Преостанатите земји, вклучувајќи ги САД и Кина како најголеми светски економии, заземаа различни позиции во зависност од конкретното прашање.

Се покажува дека во финалната верзија на документот сè зависи од - речникот.

Имено, една од критиките упатени кон договорот од Дубаи е дека, по преговорите, наместо „напуштање на фосилните горива“ во текстот се најде синтагмата „транзиција од фосилните горива“. Односно, бидејќи се работи за груб превод од англиски: наместо phasing out fossil fuels добивме transitioning away from fossil fuels.

Можеби ваквите разлики звучат семантички, но речникот одамна е важен елемент на документите и резолуциите кои ги усвојува ОН, а во речникот на усвоениот докмент јасно се гледа влијанието на фосилната индустрија и државите кои се потпираат на неа.

На пример, договорот од Дубаи само ги повикува членките на „транзиција од фосилните горива“, што е меѓу поблагите зборови во речникот на документите на ОН (на други места, во документот членките се „повикуваат“ или од нив се „бараат“ одредени активности).

Генерално, првите оценки велат дека договорот од Дубаи е недоволно јасен. На пример, тој зборува за напуштање на субвенциите за фосилни горива, но остава мошне јасна „дупка“, зашто всушност наложува напуштање на неефикасните субвенции. Имајќи предвид дека ефикасноста на субвенциите не е јасно дефинирана, ваквиот речник може да им остави простор на државите да маневрираат и да ги одржуваат старите политики.

Понатаму, иако документот повикува на транзиција од сите фосилни горива, во него особено „се препознава значењето“ на преодните горива за енергетска сигурност во процесот на транзиција. Под преодни горива најпрвин се мисли на природниот гас, односно на метанот - гас со силен ефект на стаклена градина чии емисии мораат да се намалат, но кој фосилната индустрија веќе со години го пласира како „преодно“ решение во енергетската транзиција.

Од друга страна, добра вест е што во Дубаи најпосле беше основан фонд за загуби и штети, наменет за сиромашните земји и земјите кои особено се загрозени од последиците од климатските промени. Фондот ќе управува со посебни средства кои ќе ги издвојуваат пред сè водечките светски економии како што се ЕУ и САД. Во моментов висината на ветените средства е далеку од неопходната (само околу 700 милиони долари), но самото основање на фондот е важен чекор.

Исто така, на самитот повеќе од 120 земји ветија дека трикратно ќе ги зголемат своите капацитети за обновлива енергија до крајот на деценијата. Станува збор за цел која Меѓународната агенција за обновлива енергија (ИРЕНА) претходно годинава ја издвои како клучна за ограничување на глобалното затоплување на 1,5 степени целзиусови во однос на прединдустриската доба, со двојно зголемување на енергетската ефикасност.

Затоа кога се посматраат резултатите на овие комплексни настани важна е перспективата. Договорот во Дубаи е создаден во контекст на разните политички конфликти и пресекот на огромен број поединечни и спротивставени државни и други интереси. А за неговото усвојување не е доволно мнозинство, туку консензус од сите учесници.

Во основата на голем број несогласувања има огромен јаз кој постои помеѓу големите земји загадувачи и земјите во развој, а кои драстично се разликуваат не само според емисиите на гасови со ефект на стаклена градина, туку често и според богатството, според степенот на одговорност за климатските промени, но и според материјалните можности за впуштање во голем потфат за енергетска транзиција.

И покрај тоа што овие климатски самити ги следат политичките притисоци и дискусии, па и кампањите кои ги поткопуваат целите на борбата против климатските промени, тие навистина имаат моќ да влијаат на глобалните политики.

Најпосле, и Парискиот договор е производ на еден ваков самит, а кој ги воспостави речиси сите актуелни правила за планирање, спроведување и известување за борбата против климатските промени и нивните последици. Клучните стратешки документи како што е ИНЕКП, кои би требало да раководат со нашата енергетска иднина, пропишани се токму со Парискиот договор.

Тогаш, дали овогодишниот собир во Дубаи наликува на Париз во 2015 година, кога беше усвоен Парискиот договор или е посличен со неуспешниот самит во Копенхаген од 2009 година?

Тешко е да се понуди одговор - засега. Време за толку нејасни резултати секако нема: ЦОП28 се одржа пред крајот на глобално најтоплата година откако постојат мерењата, кои ги обележаа катастрофални последици од климатските промени ширум светот.

Според актуелните прогнози, 2024 би можела да биде уште потопла од 2023, а следниот самит ќе се одржи за една година во Баку, Азербејџан.

Во меѓувреме, покрај критичката перспектива, неопходно е и да се нагласат победите кога ќе се случат. Како и да звучи текстот од договорот во Дубаи, факт е дека по 28 години самити, најпосле имаме официјален документ кој повикува на напуштање на сите фосилни горива. Секако, сега е време за следен чекор - приказната да не заврши на повик, па ни на повикување или барање, туку напуштањето на фосилните горива да стане реална основа на државните политики ширум светот.

Превод: Алек Кузмановски

Слики: Toni Hamel

Извор: https://klima101.rs/