Сексизмот во економијата

10.04.2024 00:52
Сексизмот во економијата

Економијата има „проблем“ со жените. Девојките во средно училиште ја избегнуваат. Студентките често се откажуваат од економските курсеви. Овој проблем е подлабок од проблемот со недоволното присуство на жените во математиката, природните науки и технологијата. Дури и најуспешните жени во економијата, како Кристин Лагард, претседателката на Европската централна банка, ги гледаат економистите како припадници на „трибалистичка клика“ која се потпира на погрешни модели.

Една од причините зошто жените нерадо ѝ се посветуваат на економијата може да биде машката шовинистичка свиња која доминира на ова поле, олицетворена во чиста економска рационалност. Сите економски модели, од понудата и побарувачката на компири до ефектите на каматните стапки на инфлацијата и инвестициите, се засноваат на идејата за хомо економикусот: фикционален хипер-рационален будала, замислен според Робинзоновиот модел, кој секогаш го добива она што го сака и го сака она што го добива (од сите расположливи алтернативи).

Ниедна разумна жена нема да се препознае во моделот на рационална личност како робот со кој управуваат алгоритми, подготвен да ја уништи планетата за незначителна лична корист и неспособен понекогаш да го направи вистинското нешто (само затоа што тоа е правилно). Идејата за хомо економикусот ги одбива и пообѕирните мажи, па таквиот архетипски модел на рационално однесување главно е резервиран за мажите без многу скрупули.

Подеднакво проблематичен е начинот на кој дисциплината на економијата му пристапува на проблемот на правдата. За да остават впечаток на непристрасност и да го оправдаат одбивањето на барањата на жените да се направат промени заради кои мажите би морале да направат некоја отстапка, економистите се повикуваат на учењето на Вилфредо Парето, италијански економист кој бил симпатизер на Мусолини: „научната“ економија може да ги препорача само оние политики со кои се подобрува благосостојбата барем на една личност, а притоа не се влошува благосостојбата на сите останати. Во патријархален свет, во кој најголемиот дел од богатството им припаѓа на мажите, начелото за ефикасност на Парето е бедем со кој се брани сексистичкиот статус кво.

Тоа не е сè. На пример, да го разгледаме примерот на четири лица или четири групи (A, B, C, D) пред кои се наоѓаат три можни одлуки (X, Y, Z) кои се однесуваат на сите. На пример, да замислиме дека четирите лица (A, B, C, D) се пријатели кои минатата недела се договориле вечерва заедно да одат во театар (X), а не во кино (Y) или ресторан (Z). Да претпоставиме дека нивните преференции се следните:

- А повеќе би сакал да оди во кино отколку во театар и во театар повеќе отколку во ресторан (A: Y>X>Z)
- В повеќе би одел на вечера отколку во кино и во кино повеќе отколку во театар (B: Z>Y>X)
- С е подеднакво наклонет кон театарот и киното, двете нешта му се подраги од ресторанот (C: X=Y>Z)
- D повеќе би сакал да оди на вечера, а помеѓу театарот и киното го избира киното (D: Z>Y>X)

Прашањето гласи: дали со оглед на преференциите треба да се предомислат и наместо во театар (како што планирале) сепак да отидат во кино или на вечера? Економистите имаат подготвен одговор. Ако наместо во театар (X) отидат во ресторан (Z), двајца од нив (А и С) ќе бидат оштетени, што се коси со критериумот на Парето. Ако театарот (Х) го заменат со кино (Y), никој нема да биде оштетен, а дури тројца (А, В и D) ќе поминат подобро отколку што се надевале. Врз основа на тоа економистите заклучуваат дека рационална и правилна одлука е да се откажат од театарот и киното.

Тоа изгледа логично. Но подеталното испитување ги открива недостатоците на овој пристап. Да посветиме внимание на тоа дека препораката за театар (Х) да се замени со кино (Y) е мотивирана исклучиво од рангот на индивидуалните префереции. Кои се овие луѓе (A, B, C, D), кои причини стојат зад нивните преференции (X, Y, Z), не се зема предвид при донесувањето на конечната пресуда. За да сфатиме зошто таквиот пристап е недозволив, ќе разгледаме една поинаква приказна со ист распоред на преференции.

Во некое село влегол садистички водач на банда (А) со вооружени луѓе и ги собрал жителите (D) со намера да ги убие (исход Х). Во тој момент, вие (личноста В) шетајќи низ шумата пристигнувате до селото и наидувате на страшна сцена. Истовремено, филмската екипа (С) скриена во грмушките го снима сето тоа. Водачот на бандата ве дочекува со раширени раце и со заканувачки поглед ја изнесува следнава понуда: „Ако земеш пиштол и по случаен избор убиеш некого, ќе го поштедам остатокот од селото (исход Y). Ако не го направиш тоа ќе ги убијам сите (исход Х)“.

Преференциите на учесниците во овој настан (A, B, C, D) во однос на исходите X, Y и Z се исти како во случајот со четирите пријатели кои планирале да излезат заедно: војсководачот (А) би сакал да ве направи соучесник (исходот Y му е подраг од исходот Х), додека исходот Z (никој да не настрада) не го ни разгледува. Селаните ве молат да го направите она што од вас го бара бандитот (за да се дојде до исходот Y наместо X). На филмската екипа ѝ е сеедно што ќе се случи, важно им е да снимат барем едно убиство (X или Y). Што ќе направите ако ви е најмалку прифатлив исходот со смртта на сите жители на селото? (B: Z>Y>X) Тоа е дефиниција за тешка одлука: конфликт помеѓу етички основаното одбивање да се одземе човечки живот и желбата да се заштитат што повеќе животи. Но економистите не мислат така. За нив тоа е лесна одлука.

Бидејќи се структурно неспособни да ја воочат разликата помеѓу суровоста на опишаниот избор и дебатата на четирите пријатели кои се договараат како да ја поминат вечерта, економистите ќе речат: земи го пиштолот и по случаен избор убиј некого (за исходот Х да се замени со исходот Y - не е важно дали исходот Y е одење во кино или убиство). Нема простор за признавање дека некои избори се едноставно погрешни, каква и да е калкулацијата, дека постојат избори кои не можат да се сведат на собирање или одземање преференции. Не треба да нè чуди тоа што жените, кои во патријархалните општества се поупатени во општествениот контекст и причините за постапување кои не можат да се квантифицираат, не се воодушевени од економската наука.

Она што ги одбива жените не се само зависноста која ја чувствуваат економистите кога се споредуваат со физичарите, отсуството на женски примери на ова поле и галамџиите полни со тестостерон кои доминираат на економските семинари. За да стане „кралица на општествените науки“, економијата во средиштето на своите модели и методи го постави машкиот шовинистички рационален идиот. Со оглед на тоа дека барањето од еконмистите да се откажат од моделите кои им донеле огромно влијание би било исто како од некое племе да се бара да се откаже од лажната вера која го прави доминантно, прашањето е зошто жените воопшто би влегувале во дисциплина чиј филозофски сексизам веќе им ја наменил улогата на случајно избрани жртви за отстрел?

Превод: Алек Кузмановски

Слики: Seonna Hong

Извор: https://www.project-syndicate.org/

Слични содржини

Општество / Свет / Теорија
Општество / Свет / Теорија
Општество / Свет / Теорија
Општество / Свет / Живот / Теорија
Општество / Свет / Став / Теорија

ОкоБоли главаВицФото