„Национален интерес“

14.02.2024 12:09
„Национален интерес“

 

Постои, според Фројд, табу на вистината, врз чиишто маргини бе требало да може да се пишува.
Жак Дерида

 

Годинава одбележуваме за нас исклучително важни годишнини: 30 години од списанието Маргина и 15 години од порталот Окно. Планираме неколку настани, по тој повод, а централниот би бил книжевниот фестивал Друга приказна, на почетокот на септември. Ќе зборуваме, значи, за важноста на Маргина и Окно за нашата култура, континуирано, во текот на целава година.

Овде сакам да укажам на нешто друго, илустрирајќи го тоа со мизерниот однос на македонското Министерство за култура спрема Маргина, Окно и Друга приказна. Иако во апликациите јасно напишавме дека нашите јубилеи се важни и за македонската култура (историја, традиција, идентитет, континуитет итн.), од Министерството речиси целосно бевме игнорирани. Фестивалот Друга приказна беше токму целосно игнориран (следната година ја одбележуваме неговата десетгодишнина), а за Окно и Маргина заедно одвоени се околу двесте илјади денари.

Окно го работат четворица луѓе во текот на целата година, без престан, пет дена во неделата (а често и во сабота и недела). Со сто илјади денари можат да се покријат нивните двомесечни хонорари од по 12 илјади денари бруто.

Нејсе. Благодарни сме и за тие сто илјади зашто, на пример, во 2018 ни беа одобрени 350 илјади денари, а не добивме ништо, заради бирократските лудила во Министерството. Ако ти одобрат повеќе поголема е шансата, значи, да не добиеш ништо.



Нејсе и тоа, толку се здодевни и бесполезни овие укажувања (делумно и недостоинствени, зашто во земјава има многу пострашни случаи на занемареност и неправда) што сакам час побрзо да избегам од почетниве параграфи (кои само го контекстуализираат текстов) и да го кажам клучното:

ПРЕСТАНЕТЕ ДА ГО ЗЛОУПОТРЕБУВАТЕ ИЗРАЗОТ „НАЦИОНАЛЕН ИНТЕРЕС“!

Сè, сè, ама со вакви катастрофални културни политики, да зборувате за „национален интерес“ е проклета фарса! И дополнително дупење на ионака разорените души, институции, планови, стратегии... Во вашата пракса изразот „национален интерес“ може да биде само во наводници! Сè друго е хумор, злоба или неписменост! Упатство за сите лектор(к)и во земјава: „национален интерес“ кај нас се пишува во наводници!

За сите одбиени луѓе и проекти (меѓу кои има десетици исклучителни, од највисок национален интерес, кога овде би смееле изразот да го користиме без наводници) навредливо е кога ги одбивате само зашто вие, тенките, дводимензионалните, затворени во канцеларии, тврдите, без дополнителни аргументи, дека „не се од национален интерес“ (друга формулација, друга артикулација вие немате, во партиско-бирократски спржените мозоци). Кај Вапцаров и Драги Михајловски ги има страшничкиве зборови: „Знаеш ли - преку цело време оваа мисла не ми излегува од глава и многу ми беше мачно, ако тие ја изгребале твојата ’ефирна душа“. Нејзе и изгребаните и столчените души, зарем и самите не согледувате дека веројатно е уште понавредливо на оние за кои самите сметате дека „се од национален интерес“ (па макар и во наводници), да им одобрувате 15% од реалната цена на чинење на одобрениот проект? Тоа се двете клучни причини за да го исфрлите злобноподбивниот „национален интерес“ од вашите хартии и од вашите закони (а дур не го исфрлите, повторувам, користете наводници, почесно е, попристојно, т.е. покултурно).

Најпосле, сите знаат (претпоставувам, и вие самите, во вашите институции, можеби и најдобро, најверодостојно, ако не друго, тоа го чувствувате во стомакот, секој ден, на враќање од работа) дека ВИЕ НЕ СТЕ ОД НАЦИОНАЛЕН ИНТЕРЕС! ПРЕД СÈ - ВИЕ! Тоа е можеби и клучниот аргумент („Рана што се криет - мачно се лекуат“) зашто треба да престанете да го користите пеколниот израз. Оти тој, доследно прифатен и применет, подразбира себеукинување.

 

Слики: Владимир Лукаш

ОкоБоли главаВицФото