Носорог

13.03.2024 14:28
Носорог

Пред сешто живо истај го својот стап
за да не повредиш ниедно од нив.
Не посакај син ниту другар по патот.
Самотен оди како носорог.

Од дружевност се раѓа наклоност,
по наклоноста доаѓа сиот овој јад.
Насети опасност во наклоностите.
Самотен оди како носорог.

Свикната со другар и со рода
сопнатата мисла ја напушта целта.
Насети зазор од приврзаноста.
Самотен оди како носорог.

Како што се сплеткал расчатален бамбус
така и маж желен за жена и деца,
туку како што трска извишила врв
самотен оди како носорог.

Како што елен в шума не е сопнат
и каде сака запира да пасе,
биди мудар, не потчинувај се,
самотен оди како носорог.

Сите околу тебе се желни за забава.
Безгранична е приврзаноста кон децата.
За да ја избегнеш маката на разделбата,
самотен оди како носорог.

Без отпор пред што да е на светов
биди задоволен во секој поглед.
Бестрашно пред луњите
самотен оди како носорог.

Бескуќникот е понекогаш тешко
да го задоволиш, уште потешко берокуќникот.
Затоа без грижа за чии било деца
самотен оди како носорог.

Одвикнат од домашни прокуди,
со остар сек
пресечи ги смело домашните врски.
Самотен оди како носорог.

Ако се најде разбран пријател
за придружник, добар и умен,
да ги наваса сите пречки на патот,
со него радо тргај и биди претпазлив.

Ако не најдеш разбран другар
за придружник, добар и умен,
како крал од земја што ја презел со војна
самотен оди си како носорог.

Благословена е радоста на пријателството
кога другарот ни е подобар или рамен,
а кога нема таков, живеј беспрекорно,
самотен оди како носорог.

Погледај две златни гривни,
сјајна и вешта изработка,
како ѕвечат од удар, допрени на зглобот.
Самотен оди како носорог.

– Да сум со некој друг, би имало
празен говор, понекогаш и кавга.
Таа опасност предвиди ја навреме.
Самотен оди како носорог.

Шаренило, занес, слач на уживање,
го обзема духот во привлечна смена.
Претпазлив спрема чувствениот порив,
самотен оди како носорог.

Неволи, гнојни рани, болештини,
отровен убод на страшна стрела –
таква е опасноста од насладите.
Самотен оди како носорог.

Студ, горештина, гладост и жедост,
ветар и пек, муви и змии,
поарно да го трпиш сето тоа.
Самотен оди како носорог.

Како слонот делен од суријата,
силен по става, сур, величествен,
кај да посака живее в шума,
самотен оди како носорог.

Не е можно дружељубивиот
барем привремено да стекне слобода.
Сончевото племе имај го за углед.
Самотен оди како носорог.

Поштеден од борба на гледишта,
излезен на чистина, земи права посока.
Со сопствено знаење, не воден од друг,
самотен оди како носорог.

Ни лаком ни лукав, а ниту жеден,
ни раздражен, ниту пак огорчен чудак,
независен од што да е на светов,
самотен оди како носорог.

Треба да се чуваш од лош придружник
што лесно скршнува на погрешен пат
и се предава на леснина. Затоа
дели се, самотен како носорог.

Цени пријател што е внимателен,
цврст во уката, јасен во изразот.
Штом смисла ќе сфатиш, штом си совладал двојба,
смотен оди како носорог.

Од игра, забава, од светска среќа
незадоволен, не обѕирај се.
Ненаклонет на раскош, вистинољубив,
самотен оди како носорог.

Остави ги синот, жената, таткото, мајката,
парите, имотот, сите роднини,
и така без желби, а и без страсти,
самотен оди како носорог.

– Тоа се пранги, мака е тука угодноста,
бедното задоволство е повеќе страдање,
тоа е само мамка – којшто тоа го разбрал
самотен оди како носорог.

Скини ги врските како риба
што низ мрежа се проврела и плива слободно
или како оган што на пеплиште не се враќа.
Самотен оди како носорог.

Со спуштен поглед, без запирање
чекори со здржани чула, смири ги
изливите и жарот на чувствата и помислите.
Самотен оди како носорог.

Отфрли ги својствата на домашниот живот
како оголено стебло лисјата.
Со пожолтен плашт на рамо
самотен оди како носорог.


Без дрчост за добар залак,
никому ни хранител, безразлично
питајќи храна од куќа в куќа
самотен оди како носорог.

Со срце слободно од петте пречки,
чисто од секаква изгнасеност
по раскинот на стегите на љубовта и омразата,
самотен оди како носорог.

На среќата и несреќата сврти ѝ грб,
на радоста, тагата од минатите времиња.
Рамнодушен, смирен во прочистеноста,
самотен оди како носорог.

Упатен накај крајното достигање,
со дух отворен, со спремен фат,
со вешта сила, непоколеблив,
самотен оди како носорог.

Постојан во самоста на задлабоченост,
во вистинското проникнат со вистинитост,
узнавајќи ја бедата на бивствувањето,
самотен оди како носорог.

Упорен во напорот да го спроведеш
стремежот, разбистрен, опитен и буден,
надежен познавач, сигурен во патот,
самотен оди како носорог.

Како лавот што не се штрека од врева,
како ветрот што не се фаќа во мрежа,
или лотосот што не го лепи вода,
самотен оди како носорог.

Како лавот сигурен во силата на забите,
бестрашен владетел на животните,
жител на непристапно место,
самотен оди како носорог.

Милозливост, рамнодушност, сочувство, слобода,
некогаш и радост со друг пројавувајќи
без омраза спрема никого на светов,
самотен оди како носорог.

Напушти ја страста и злобата, заслепеноста.
Кога прангите ќе бидат раскинати,
бестрашен и на крајот на животот
самотен оди како носорог.

Друштво, пречекливост за своја полза
пријателите бараат, денес е ретка
бескорисноста. Нечист е човекот.
Самотен оди како носорог.


Препев: Блаже Конески
(Според хрватскиот превод
на Чедомил Велјачиќ)


Цртежи: Xie Zhiliu (1910–1997)

ОкоБоли главаВицФото