Нова стратегија

26.04.2024 09:36
Нова стратегија

 

Нова стратегија

 

Наместо да нападнеме уште еден странски град и да го разурнеме до темел,

да усвоиме нова стратегија: бомбардирање со пари. Да ги исполниме гранатите

со долари место експлозив, па да ги фрламе од авион

 

за да ги заплиснат улиците, храмовите и трговските центри.

Да ги наполниме топовите со сите оние пари потребни да се

направат уште топови, и да ги испалиме кон школите и амбасадите.

 

Наместо падобранци, да ги исфрлиме само нивните војнички чизми

да лебдат во мали свилени падобрани ‒ преубави чизми полни со чоколада

и пари. Наместо летки, да фрламе облаци рубљи и динари, евра и јени.

 

Место да дигаме во воздух мостови, со воздушен мост ноќе да спуштиме ролни црвен тепих,

па кога ќе зазори, сите мостови да бидат црвени

како свежа крв, но длабоки, меки и удобни за газење.

 

Збунето и среќно, населението е преплавено со милионери.

Наместо земја на еднораките, еднооките, едноногите луѓе,

доаѓаат „Волво“ механичарите и отворањето изложби по галерии.

 

Тајната полиција се сели на село и се фаќа за виолини;

нивните ќерки стануваат инженерки и модни дизајнерки.

Сите се откажуваат од своите барања. Она што се чинеше како проблем

 

веќе не е проблем. Војната беше скапа, вели Претседателот,

но вредеше секој цент. И се смешка со неизбришлива насмевка

од милион долари која укажува колкава е вредноста на парите:

 

добри чевли, и средства за избелување заби, и тишина ноќе,

за добар спокоен сон, кој луѓето сегде го ценат.

 

Премијера

 

Бидејќи вдовицата на произведувачот на оружје

сака да слуша концерти навечер,

градот конечно има оркестар.

 

Цел живот тој честит човек, нејзиниот маж,

му служел на човештвото правејќи оружје,

а тогаш една ноќ, во сон, ја одигра

последната филантропска улога, умирајќи.

 

Сега се опуштаме во длабоко тапацираните седишта

и лебдиме низ салата,

вознесени со ветрот на дваесетте виолини.

 

Каде се ѕверствата од изминатите времиња?,

пее хорот на италијански.

Каде се робовите и гробовите?

 

Долу во бетонот,

под темелите,

одговара фаготот.

 

Земјата е дама која одбива да озборува.

Одлика ѝ е доблеста на брзото заборавање.

Затоа никој не го чувствува мирисот на барут

длабоко вовлечен во завесите;

 

никој не ја гледа згрутчената крв

околу ногарките на клавирот

додека баритонот започнува серенада.

 

Само понекогаш, над

блескавите лимени инструменти, се наѕираат

мали црвени нишки испреплетени

во воздухот како немирни нерви.

 

И тие спаѓаат во нашето наследство,

тие, плус љубовта кон музиката.

 

Царство

 

Тешко е да се пишува внатре во царството.

Климатизерот ти дува право в лице.

 

Келнерката стои пред тебе,

со менито в рака,

 

и токму додека нарачуваш супа,

над вас прeлетува авион што влече реклама за брза храна

 

кон блискиот фудбалски стадион.

 

Од кујната допира реге музика,

таму имигрантите се платени да бидат невидливи;

 

Телевизорот продава лукав производ

за отстранување влакна од грбот.

 

Тешко е да се пишува внатре во царството.

Мастилото се прави од очни капаци на глувци.

 

Хартијата ја произведува некој

озлогласен по тоа што пие крв.

 

Не зборуваш ништо оти си ја сакаш работата;

ги сакаш својата кола, жената и животот.

 

Сегде околу тебе, во кругот што не го гледаш,

младичи со оружје свртени кон надвор

 

те штитат од пречки

 

додека ти продолжуваш да пишуваш песна

во која го споредуваш додворувањето на своите родители

 

со даброви кои градат брана

и рушат стебла со моќните заби,

 

па ги одвлекуваат врбите на куп

за да направат подводна тврдина

 

со фантастичен поглед

и сигурносни брави,

 

децата да не излезат.

 

Елегија

 

Лесно е да се напише елегија.

Само треба да се биде тажен.

Многу потешко е да се вози кола, или да се отвори конзерва супа,

отколку да се напише елегија.

 

Полесно е отколку да ги сочуваш во живот оние што ги сакаш

или да се обидеш да им кажеш како те излудуваат

со недоветното, автодеструктивно однесување,

и со одбивањето да се променат.

 

Сакањето луѓе често наликува на битка,

но да се напише елегија е лесно.

Елегијата настанува по битката,

 

кога војниците наземи седнуваат,

со валкани и опуштени лица,

и раскажуваат приказни, лекуваат рани.

 

Да живееш значи да плаќаш станарина,

во садоперот да имаш валкани садови,

да почнеш кавга со оној што го сакаш

во кола на пат до продавница.

 

Да се напише елегија значи да се иселиш

и зад себе само елегијата да ја оставиш,

небаре сунѓер или крпа, или ролна хартија

 

или сад со свежа вода

кој го спушташ на чистиот патос

откако саканиот пес ќе ти умре.

 

Прашање на влијание

 

Беше рано изутрина

кога паднав под влијание на шолја кафе.

 

Кафето беше под влијание

на зрнцата шеќер со кои се сретнало миг порано,

 

а кофеинот и шеќерот ги обединиле силите

за да извршат влијание врз отчукувањата на моето срце,

 

да тропа и прескокнува малку побрзо.

Тогаш забележав како сончевата светлина веднаш пред

кујнскиот прозорец

 

најверојатно влијае врз црешовото стебло

процветано со бели мирисни цветови,

 

кои влијаеле врз еротичното зуење на пчелите,

што исцело посредно влијаело

 

врз новоанглиската индустрија за мед.

Толку долго еве веќе живеам,

 

а дури сега почнувам да разбирам

како малите теченија се влеваат во големите;

 

како дури и хартиенава салвета

се состои од микроскопски поврзани нишки

 

кои допатувале од далеку

за да ги впијат солзите, флеките од сос и

 

зборовите начкртани со сино разлиено мастило.

Затоа можеби не е погрешно да се верува

 

дека книгата или песната можат да имаат влијание;

дека еден ден

 

можеби ќе се појави вистинската

за да го смири секого,

 

за да објасни како сè едно со друго се согласува,

како сè

 

се движи низ купот на сето друго,

допирајќи, шепотејќи, менувајќи.


 

Графики: Frans Masereel (1889-1972)

Избор и превод: П. В.

Извор за песните: Tony Hoagland - Recent Changes in the Vernacular (2017)

Тони Хогланд (1953-2018) ‒ американски поет и есеист, роден во Северна Каролина. Објавил осум поетски збирки и четири книги есеи за поезијата. Добитник е на бројни награди и стипендии. Предавал креативно пишување на Универзитетот Хјустон и на Колеџот Ворен Вилсон.

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото