Балканот: Косово не е последниот територијален судир

12.06.2009 11:37
Балканот

Во последниве 20 години Србите се покажаа неспособни да го контролираат својот бес, понекогаш многу легитимен, и да спречат тој да се претвори во насилство.

Распадот на Југославија на кралот Алеклсандар, како и на Титовата Југославија, претставуваше една од најневеројатните современи политички регресии, дотолку повеќе што се одигра токму во моментите кога се градеше политичка и монетарна Европа од Мастрихтскиот договор. Историјата ќе им даде за право на ретките интелектуалци кои им се спротивставуваа на тие ужасни балкански идентитетски поместувања од почетокот на 90-тите години, како што веќе ги осуди масакрите сторени во име на „етничката чистота“, а чиј најлош пример и понатаму претставува Сребреница (јули 1995). Никогаш не може некое политичко несогласување, без разлика од каде и да доаѓа, да го оправда масакрот.

Во март 1999 г. американскиот претседател Клинтон свечено вети изградба на едно „мултиетничко и пацифицирано Косово“, за да ја оправда воздушната кампања на НАТО против Србија, т.е. војната што не беше одобрена од Советот за безбедност на ОН, и која отворено ги кршеше начелата на НАТО, една исклучиво одбранбена организација.

Денес Косово не ни мултиетничко ни пацифицирано. Не е мултиетничко зашто се покажа дека војниците на НАТо, кои во јуни 1999 г. ги заменија српските сили за безбедност во покраината, не се способни да го спречат етничкото чистење на неалбанското население. Во тоа време десетици илјади Срби живееја во Приштина или во Пеќ. А што се однесува до пацифизмот, имаме пацифицирање на мафијашките кланови и нивната трговија од секој вид (дрога, присилна проституција и сл.).

Бидејќи преживеаја едно од најрадикалните етнички чистења во балканската историја, Србите од Митровица имаат право да бидат бесни. Не сакаат да и’ се потчинат на косовската влада чии претставници потекнуваат од ОВК, герилци кои се одликуваат со безбројни акции против српските цивили. Не прифаќаат што Американците и поголемиот број Европјани ризично го прекршија постоечкото меѓународно парво за да ја признаат независноста на Косово. Не сфаќаат дека Србија не го изгуби Косово во февруари 2008, туку многу порано, во годините по Втората Светска војна, кои се обележани со демографското опаѓање на Србите и преселбите на север.

Откако се распадна Југославија, беше очигледно дека косовските Албанци ќе побараат да се одвојат од Србите, со кои ниту го делат јазикот, ниту религијата, ниту втемелувачките историски митови. Во еден миг заведени од ветувањата на демагогот Милошевиќ, косовските Срби се немоќни жртви на политичкото цунами предизвикано со распадот на Југославија.

Но на Балканот има и уште посериозни прашања од едноставното прашање за заштита на последните преостанати Срби на Косово.

Опиени од неочекуваниот пад на европскиот комунизам во ноември 1989 г., западњаците неразбирливо допуштија да се отвори Пандорината кутија на територијалните претензии и иредентизми на Балканот. Во ноември 1995 можеше да се затвори на меѓународната конференција во Дејтон, која донесе мир во Босна. Но, Американците и Европејците поради мрзливост и кукавичлук одбија во Дејтон да се позанимаваат и со проблемите кои немаат врска со Босна.

Далеку од тоа е дека е решено прашањето на албанскиот иредентизам. Што ќе се случи оној ден кога Албанците од Македонија, кои се мнозинство на западот од оваа мала земја, ќе побараат независнот? Западњаците на сет глас тврдат дека независноста на Косово, нема да создаде преседан во меѓународните односи: и никого не убедија.

Што ќе се случи оној ден кога Хрватите од Херцеговина ќе побараат формално припојување кон Хрватска? Градот Мостар и денес е поделен како што беше и во 1994 г. кога Американците успеаја да воспостават примирје меѓу завојуваните Хрвати и Муслимани.

Што ќе се случи оној ден кога Србите од Босна, крајно раскарани со централната влада во Сараево, ќе побараат независност? Очигледно е дека е потребна нова меѓународна конференција за Балканот, за во мермер да се исклесаат конечните граници.


Извор: Le Figaro

ОкоБоли главаВицФото