Зошто трпиме некои тирани

19.05.2011 11:28
Зошто трпиме некои тирани

Кристофер Хил, поранешен државен секретар за источна Азија и амбасадор во Иран – обично многу послушен и неелоквентен американски дипломат – пред некој ден напиша дека „идејата дека некој диктатор може да си даде суверено право да го злоставува својот народ стана неприфатлива“.

Се разбира – а тоа Хил не го спомена – доколку не живеете во Бахреин. На ова мало островче, сунитска монархија, семејството Ал Калифа владее над мнозинското шиитско население, и на протестите одговара со смртни пресуди, масовни апсења, апсење на лекарите бидејќи дозволиле пациентите да умрат по демонстрациите, и со „повици“ до саудиските сили да влезат во земјата. Покрај тоа, уништија десетина шиитски џамии, темелно, како пилотите од 11 септември. Но треба да се сетиме дека убијците од 11 септември главно беа Саудијци.

А што добивме? Молк. Молк во американските медиуми, главно молк и во европскиот печат, молк од нашата сакана коалиција Камерон-Клег во Англија и, се разбира, молк во Белата куќа. И што е најсрамно – молк од Арапите, кои умеат да ги проценат своите вистински интереси. Тоа, се разбира, ја подразбира и тишината од Ал Џезира. Јас често гостувам во нивните одлични арапски и англиски емисии, но тоа што не го споменуваат Бахреин е срамна дамка на достоинството кое го внесоа во новинарството од Блискиот исток. Катарскиот емир – го познавам и ми се допаѓа – не би смеел вака да ја понижува својата телевизиска империја.

Се разбира, Камерон-Клег молчат бидејќи Бахреин е еден од нашите „пријатели“ во Заливот. Бахреин купува оружје, и таму живеат неколку илјади британски иселеници кои – за време на мини-револуцијата на бахреинските шиити – пишуваа гневни писма до локалните прокалифски весници, во кои нижеа обвинувања против новинарите од запад. Што се однесува до демонстрантите, се сеќавам дека една млада шиитка ми рече дека демонстрантите би го носеле престолонаследникот на раце кога само би дошол и би им се обратил. И’ поверував. Ама не дојде. Наместо тоа, им ги уништи џамиите и ги обвини дека се дел од иранската завера – што не е точно – и го уништи Бисерниот кип на кружниот тек, изобличувајќи ја на тој начин самата историја на оваа земја.

Не треба да се истакнува дека Обама има свои причини за молк. Во Бахреин е вкотвена Петтата флота на американската морнарица и за Американците да не бидат избркани од ова пристаниште (иако можат да ги кренат котвите и да отпловат во Обединетите Арапаски Емирати или Катар кога ќе посакаат), сакаат да го одбранат Бахреин од митската иранска агресија. Затоа нема да слушнете дека Хилари Клинтон, која со толкаво задоволство го навредува семејството Асад, да им приговори нешто на Ал Калифа. Зошто не? Зарем нешто им должиме на заливските Арапи? Тоа се чесни луѓе и можат да сфатат кога критиката се праќа со добри намери. Ама не, ние молчиме. Дури и кога на бахреинските студенти им се укинуваат стипендиите бидејќи протестираат пред својата амбасада во Лондон, ние молчиме. Камерон-Клег, срам да ви е.

Бахреин никогаш не го уживал угледот на „пријател“ на Западот, иако сака да се претставува како таков. Пред повеќе од 20 години, кој и да протестираше против владејачкото семејство, се излагаше на ризикот од измачување од страна на безбедносните служби. На чело на тие служби се наоѓаше еден поранешен британски специјалец, а негов главен џелат беше опасниот мајор на јорданската војска. Кога ги објавив нивните имиња, бев награден со карикатура во државниот весник Ал Калиџ, каде што сум претставен како бесно куче. Бесните кучиња, се разбира, мораат да се истребат. Тоа не беше шега. Тоа беше закана.

Меѓутоа, Ал Калифа немаат проблем со опозицискиот весник Ал Васат. Уапсија еден од основачите, Карим Факрави на 5-ти април. Една недела потоа, тој умре во притвор. Десет дена подоцна, уапсија колумнист од весникот, Хајдар Мохамед ал Наими. Оттогаш не е виден. Повторно, молк од Камерон-Клег, Обама, Клинтон и останатите. Апсењето и обвиненијата против шиитските лекари бидејќи дозволиле да им умрат пациентите – откако „безбедносните сили“ пукале во нив – се уште погнасни. Бев во таа болница кога ги донесоа пациентите. Лекарите беа исплашени и згрозени – едноставно, никогаш претходно немаа видено такви рани од огнено оружје. Сега сите се уапсени, и лекарите и пациентите. Да се случуваше ова во Дамаск, Хомс, Хами или Алеп, немаше глава да кренеме од дрдорењето на Камерон-Клег, Обама и Клинтон. Ама, не. Молк. Четири мажи се осудени на смрт за убиство на двајца бахреински полицајци. Им судеше воен суд, а судењето беше затворено за јавноста. Нивните „признанија“, во советски манир, беа емитувани на телевизија. Ни збор за тоа од страна на Кемрон-Клег, Обама или Клинтон.

Какви глупости се тоа? Сега ќе ви кажам. Тоа нема никаква врска со Бахреинците, ниту со Ал Калифа. Се работи за нашиот страв од Саудиска Арабија. Што значи дека станува збор за нафтата. Се работи за нашето апсолутно одбивање да се присетиме дека за 11 септември главно се одговорни Саудијците. Се работи за нашето одбивање да се присетиме дека Саудиска Арабија ги потпомагаше Талибанците, дека Осама бин Ладен беше Саудиец, дека најсуровата верзија на исламот доаѓа од Саудиска Арабија, каде што живеат оние што осекуваат раце и нозе. Станува збор за разговорот што го водев со еден бахреински државник – добар и чесен човек – кого го прашав зошто премиерот на Бахреин не може да го избере мнозинското шиитско население. „Саудијците никогаш не би го дозволиле тоа“, ми одговори тој. Да, оние нашите други пријатели. Саудијците.

Извор: The Independent

Илустрации: Лангдон Грејвс

ОкоБоли главаВицФото