Војната и натовскиот новоговор

04.07.2011 12:45
Војната и натовскиот новоговор

Војната со зборови е на дело кога се расправаме, кога се тепаме со зборови. Зборот може да боли, но од зборовите – ако останеме само на нив – не тече крв. Во нашиот свет војни со зборови има сè помалку, но затоа има сè повеќе пролеана крв. Напредокот се мери не само со делотворноста на убивањето и уништувањето, туку и со олеснување на преминот од релативен мир кон убивање. Можеби би можеле да го пресметаме коефициентот на напредокот како однос меѓу количината пролиена крв и количината зборови кои го оправдуваат крвопролевањето или, пак, му се спротивставува на истото. Колку помалку такви зборови има и колку повеќе има крвопролевање, толку поголем е напредокот.

Делотворноста на убивањето бара намалување на зборовите. Ако убивањето во големи размери го нарекуваме војна, ефективноста на војните бара војна против зборовите кои би можеле да го ограничуваат убивањето. Меѓу зборовите кои ја спречуваат или ограничуваат војната најзначаен е зборот „војна“.

Војната на многумина им донесе слава и чест, а за пари и да не зборуваме, додека самиот збор нема позитивен призвук и во суштина никогаш и немал. За да му дадеме легитимност, му додаваме придавки како што се „праведна“ или „ослободителна“. Со праведната војна проблемот е во тоа што толку често е злоупотребуван овој збор што секој циник барем делумно оправдано ќе се сомнева во неа и ќе може да напомене дека ваквиот назив може да се додаде за секоја, колку и да е груба, агресија. Ослободителните војни, пак, нешто значат само ако се победнички; во спротивно, тие се дело на разбојници и терористи, и се амблеми на националната болка.

Војната без придавки во колку-толку нормалните околности отсекогаш се сметала за непожелна состојба. На неа се гледало како на последно средство кое се употребувало ако веќе немало друг начин, како на излез во нужност, па ако веќе се водела, се водела за тоа да ја окончаат и да завладее мир. Ако на некој војсководец војната му донела ловоров венец, на луѓето им носела страдања и смрт. А луѓето по правило не сакаат ни страдања ни насилна смрт.

Војната била толку – би можеле да кажеме нормативна – непожелна состојба, што во Европа, во која искуството од многуте војни било свежо, станала клучна поставка во веројатно најпознатиот аргумент за воспоставување држава, суверена јавна власт. Томас Хобс ја опишал природната состојба – состојбата на природна слобода – како состојба на војна на сите против сите. Поединците ја употребувале својата неограничена слобода за да го земат она што го сакаат и да ги отстранат непрестајните закани кои биле уште поголеми доколку зеле повеќе. Немало ни мое ни твое, ни законско ни незаконско, ни праведно ни неправедно, ни добро ни лошо. Бидејќи секој имал слобода, и луѓето влегувале во судири, и бидејќи биле еднакви не само во таа слобода туку и според своите способности, никој никогаше не можел да биде безбеден. Никој не бил доволно силен ни вешт да не биде ограбен или убиен од некој друг, во отворен судир или подмолно, со сопствени раце или со помош на некој друг. Бидејќи на тој начин секој човек бил непријател на секој друг, човечкиот живот во таа постојана војна бил „осамен, мизерен, валкан, суров и краток“. Спасот бил во окончувањето на војната на сите против сите: во откажување од природната слобода и воспоставувањето држава во која суверенот се грижел за почитување на законот и безбедноста. Една од одредбите на сувереноста на власта, која не се преиспитувала, била и одлучувањето за мирот и војната, како и за водењето војни, ако војната била неизбежна.

Тоа беше филозофскиот конструкт, кој во своите основни премиси се совпаѓаше со тогашните класични артикулации на правото и кој, од Бентам понатаму, го нарекуваме меѓународно право, меѓу кои најзначајно беше делото на Гротиус De jure belli ac pacis. Гротиус градел на долгата традиција во која војната била законски кодифицирана. Имено, војната била пресериозна работа за да биде препуштена на несигурната моќ за расудување и каприците на поединецот, па макар тие биле закитени со властодржечките регалии. Не било секое насилство војна и во војната не се дозволувало секакво насилство. Барем од Римјаните па наваму имаме jus ad bellum и jus in bello, кои одредуваат кој и под какви услови смее да објави војна и какво однесување е дозволено во истата.

Така или поинаку преработени овие закони важат и денес. Затоа војната сè уште по дефиниција е ограничена. Затоа во последно време се води интензивна војна против војната: не мировно спротивставување на војните, туку спротивставување на оние кои ги водат војните и од нив извлекуваат корист преку употребата на ознаките на војната за нивниот чин. Почетоците на сериозната и систематска кампања против јазикот на војната можеме да ги лоцираме во војната против Босна, интезивирањето на таа кампања во војните против Ирак и Авганистан, а нејзиниот досега највисок стадиум во дефинирањето на воздушните напади, посебно на Пакистан, Јемен и Сомалија, и воениот напад на Либија.

Во Босна имавме зачувување на мирот со кој т.н. меѓународна заедница овозможи касапење на државата и сигурен колеж на повторно дефинираните муслимани. Следеа мировните операции во Авганистан и ослободувањето и демократизацијата на Ирак, и мноштво хуманитарни мисии и развојна помош. Владата на Буш започна демонтажа на женевските конвенции, а со тоа и на меѓународното воено право – како практично, така и теориски. Го озакони измачувањето, при што верните и способни правници докажуваа дека измачувањето не е мачење. Сега владата на Обама има правници кои, иако до неодамна го критикуваа злоупотребувањето на правата под претходната американска влада, докажуваат дека војната против Либија не е војна.

Ова е јадрото на нивните докази кои владата ги прифати наспроти спротивното правно гледиште:

„Операциите на САД не вклучуваат непрестајна борба или активна размена на оган со непријателските сили, ниту вклучуваат присутност на копнените сили на САД, загуби по САД или сериозна закана, ниту некаква сериозна веројатност дека конфликтот може да ескалира и да ги вклучи споменатите фактори“. Затоа операциите на САД не се војни.

На американската влада треба да ѝ се оддаде признание за интелектуалниот труд кој е отсутен кај нејзините сојузници. Сите велат исто, само што едните дефинираат што ќе кажат. Во тој натовски новоговор ја надминавме негативната утопија на Орвел. Повеќе не велиме: војната е мир. Велиме: војната не е војна. Војната што ја водиме не е војна. Тоа е војна (која во основа нема законска подлога и санкција во домашното законодавство, односно ја има само во вршушката на ОН) во која со супериорна воена технологија (која сè повеќе станува единствената технолошка предност на западниот свет) ги убиваме противниците кои не ни дале повод за војна, така што тие не можат да нè испоубијат нас. Бидејќи таквата војна не е војна, не се поставени никакви ограничувања. Тоа е нашата слобода со која се враќаме во природната состојба.

Извор: Dnevnik.si

Фотографии: Џим Хофман

ОкоБоли главаВицФото