Астерикс во земјата на политичката коректност

11.01.2012 13:28
Астерикс во земјата на политичката коректност

„Астерикс“ или „Авантурите на Астерикс“ е еден од најпознатите стрип серијали на сите времиња. Својата премиера ја имаше во списанието Pilot во далечната 1959 г. Сценариот го пишуваше Рене Гошини, а го црташе Алберт Удерзо. Досега излегоа 34 албуми во тираж од над 325 милиони примероци, а стрипот е преведен на стотина јазици (меѓу кои и есперанто, латински и старогрчки), снимени се осум цртани и пет играни филмови, направени се видео-игри, а во близина на Париз постои и тематски парк посветен на Астерикс.

Дејствието на стрипот е сместено во 50 г. п.н.е., во едно мало галско село на северозападот на денешна Франција, во провинцијата Арморик (денешна Бретања). Благодарение на мудрото раководство на Јулиј Цезар покорена е цела Галија. Цела? Не! Едно мало село и понатаму му пружа отпор на освојувачот. Благодарение на волшебната напивка која им ја подготвува нивниот друид Панорамикс, која има дава натчовечка сила, храбрите Гали остануваат непокорени.

Главен јунак во стрипот е Астерикс, храбар, мал Гал кој благодарение на процените и волшебната напивка успева да се извлече од секоја опасност и неволја. Придружуван е обично од најдобриот пријател Обеликс, крупно момче, кој како мал паднал во казан со волшебна напивка, па кај него дејството е трајно. Од петтиот албум Обеликс има и придружник – кученцето Гаровикс.

Храбрите Гали во своите авантури ја обиколуваат Франција, Европа, а подоцна и целиот свет.

Гошини и Удерзо пред „Астерикс“ заедно работеле на стрипот „Умпах-Пах“. Првобитно Удерзо го нацртал Астерикс традиционално, како галски војник силен како карпа, но Гошини имал поинаква идеја. Сакал да им даде предност на интелигенцијата и досетливоста, а не на изгледот. Затоа Астерикс е ситен во растот, но голем во сè останато. Како противтежа на неговата личност е додаден Обеликс, крупен, со интелигенцијата на Свети Петар.

Авторското дуо на „Астерикс“ работеше сè до прераната смрт на сценаристот Гошини. Кога тој почина, Удерзо мислел дека е завршено со серијалот. Но потоа открил дека Гошини во аманет му оставил сценарио за уште една епизода од „Астерикс во Белгија“. Откако ја изработил, решил и самиот да се обиде да пишува сценарија за „Астерикс“. И тоа е почеток на една приказна со тажен (бес)крај. Епизодите кои Удерзо самостојно ги работеше не можат да се според со епизодите на Гошини. Квалитетот е сè полош. Удерзо денес главно го продава брендот и ништо повеќе. Иако од почит кон својот починат колега и понатаму го потпишува како соавтор на стрипот, на „Астерикс“ му нема помош. Барем така изгледаше сè до неодамна, кога Удерзо, и покрај првобитната желба да нема повеќе нови епизоди, ги продаде правата за нови стрипови и на тој начин создаде надеж кај армијата обожаватели дека овој нов, „трет“ живот на Астерикс ќе биде многу подобар одошто претходниот.

Како љубител на овој стрип мило ми е што „Астерикс“ почна да излегува во таа далечна 1959 г. Бидејќи, кога од ова временско растојание ќе ја погледнам таа 50 година п.н.е. – време на варвари, нецивилизирани дивјаци – сфаќам дека тој период е идеален за Астерикс. Само тогаш тој можел да ги (о)живее и проживее најдобрите години под покровителство на својот генијален татко Гошини.

Се плашам дека денес, во време на модерна технологија и високи цивилизациски дострели, „Астерикс“ не би поминал. Сега е жив само благодарение на инерцијата која го одржува во живот. „Астерикс“ стана навика. Кога денес некој би се досетил да создаде ваков стрип, тешко дека би нашол издавач кој би бил доволно храбар да го објави. Но, и кога би го објавил, тешко дека би го нашол патот до своите читатели. Да не ги споменувам протестите и негодувањата кои би ги предизвикал кога би ја имал својата премиера денес.

Зоштои еден хумористичен стрип како „Астерикс“ би имал проблем да се пробие до современиот пазар? Поради луѓето кои не ги сфаќаат шегите!

Имено, „Астерикс“ има една огромна маана: не е политички коректен. Хуморот на овој стрип се заснова на предрасудите и стеротипите кон другите народи, но, да бидеме праведни, и кон самите Французи од одредени региони. Тоа се стереотипи од 20-от век. Па така, Германите се претставени како авторитарни и воинствено настроен народ, секогаш подготвен да упадне во Галија и да ја освои; Британците се флегматични, пијат млако пиво и врела вода; Корзиканците се мрзлив но горд народ; жителите на Хелвеција (денешна Швајцарија) се чисти и педантни, секогаш подготвени да стигнат навреме; Шпанците сите до еден имаат кафена кожа и црна боја на косата... На забелешката дека постојат и бледолики Шпанци, во едно интеврју Удерзо рекол: „Да, но кога би претставиле некои Шпанци како русокоси, никој не би сфатил!“

Галското село е збир мустаклести селани на кои во животот им е битно само да се најадат со свинско месо и да се опијат со вино, додека нивите добри жени ги служат. Се разбира, никој не ни помислува да користи прибор за јадење. Се јаде исклучиво со помош на прстите. Освен гозбата, Галите ја сакаат и тепачката. Сакаат да се кршат меѓусебно, но вистинска посластица им е кршењето глави на римските легионери.

Единствената личност која сака да се занимава со уметност, селскиот бард Хармоникс, редовно го врзуваат подалеку од славјето, со крпче во устата.

И овие дивјаци се свесни за својот простаклук и ни за жива глава не сакаат да се менуваат. За ништо на светот не би дозволиле да ги цивилизираат таму некои си народи.

Можеби еден од најекстремните луѓе кои не го сфатиле штосот е францускиот историчар и филозоф Мишел Сер, кој во еден свој текст тврдеше дека Астерикс и Обеликс се нацисти.

„Сè се врти околу одмаздата, а судирите исклучиво се решаваат со тупаници. Небаре физичката сила е решение за сите проблеми и зла. Исклучивата употреба на физичката сила е знак на варварство и дивјаштво“, објаснува тој.

Честото посегнување по волшебната напивка, смета францускиот филозоф, поттикнува на допингување како начин да се постигне целта.

„Таа волшебна напивка, всушност, е дрога, еден вид допинг кој одредени спортисти го злоупотребуваат и од кој можат да умрат“, вели Сер, наведувајќи дека таквиот поттик никако не може да биде педагошки.

„Со овие албуми создавате поддржувачи на употребата на сила, дроги и непријатели на културата. Тие претставувата пофалба на фашизмот и нацизмот“, заклучува Сер.

Штета што Сер не прочитал повеќе од една (која?) епизода од „Астерикс“, но пресудата падна. А познато е што се прави со нацистите во нормалните земји.

Удерзо признава дека со Гошини често размислувале која е тајната на успехот на „Астерикс“ и зошто овој стрип е попопуларен од останатите ликови кои ги создале. Не дошле до одговорот.

„Ние сме како магионичари кои не знаат како го извеле успешниот трик!“, признава Удерзо. „Отпорот на малите кон големите, со кои публиката можеби се поистовети, е најприближниот одговор кој би можел да го дадам“, вели Удерзо.

Секојпат кога уживам во „Астерикс“, му се заблагодарувам на случајот и на среќата што тој е постар од политичката коректност.

„Астерикс“, пред сè, е многу духовит стрип со шармантни шеги. Да, тие се засноваат на предрасуди и стереотипи, но се обложувам дека никому по читањето на „Астерикс“ нема да му падне на ум Конечно Решение на некои Прашања.

Еден од доказите за тоа е фактот што овој стрип освен во Франција најпродаван е во Италија, земјата на потомците на оние Римјани кои во стрипот се претставени како глупави и расипани. Наместо навредено да се дуваат, Италијанците покажаа дека имаат дух и решија да уживаат во „Астерикс“.

„Овие Римјаниве се шашави!“, вели Обеликс во секоја епизода.

Извор: e-novine

ОкоБоли главаВицФото