За бесмислените расправи

07.02.2012 13:27
За бесмислените расправи

Кога набљудувам дезориентирани и дисфункционални општества, црвосани општества, срушени во многу сегменти, како што се, на пример некои арапски, а според мене во таа група, за жал, спаѓа и нашето, кај сите нив може брзо да се забележи еден феномен, појава која би ја нарекла склоност кон бесмислени дискусии.

Бесмислена дискусија е кога некоја влијателна група, трудејќи се да го сочува стекнатото влијание и клучните позиции во општеството, го трупа истото со ноторно идиотски расправи. И тогаш сите нашироко започнуваат да спорат: „Дали земјата е тркалезна или е рамна како плоча? Или „Треба ли да се посетува американската амбасада или не? Ајде малку да поразговараме за тоа“.

Ако обрнете внимание на актуелната предизборна кампања во Америка, ќе забележите дека таму се води расправа за најзначајните прашања за оваа земја: „Што е тоа Америка?“ Таму се води битка помеѓу оние кои го бранат ставот на татковците-основачи дека Америка е земја во која секој за себе може да го постигне она што навистина го сака, и оние кои ја бранат социјалистичката визија – Америка на Сол Алински и Барак Обама, според кои државата е тука за да му вети на секој по нешто.

Во оваа дискусија, јас сум на страна на најконзервативните конзервативци. Но, дури и на тврдоглавиот либертинец како што сум јас, сосем му е јасно дека расправата во која се застапени два екстремни става: „пуштете ги луѓето сами да се борат и така да стигнат до својот имот“ и „ајде сè да обезбедиме“, т.е. дека токму тој напон помеѓу овие два социјални пола е тоа што го носи општеството напред. Нема здраво општество каде никој никому не помага, и нема здраво општество во кое сè се граба. Суштината на ова прашање е, всушност, во тоа помошта за сиромашните да не се претвори во грабеж на имотот на оние кои се способни да работат и плаќаат даноци, како и обратно, стекнатите високи позици во општеството, по пат на (повеќе или помалку наметнати) закони, еднаш-засекогаш да не се зацементираат.

А тоа како овие два тренда да ги ускладите и урамнотежите е всушност предмет на богата дискусија. Можам да набројам уште многу дискусии кои секојдневно го поларизираат американското општество. Меѓу нив се, на пример, прашањата дали да се војува или не надвор од границите на САД, каков е ставот кон абортусот, кон хомосексуалците, кон имигрантите итн. Сите овие прашања се значајни за општеството, и во секој одреден миг нивните одговори се важни, а за време на дискусијата различни разумни луѓе можат да застапуваат различни гледишта и на нив да даваат различни одговори.

Како по правило, во дисфункционалните општества не се водат вакви дискусии. Наместо нив се расправа за прашања од типот „Дали вештерките ни праќаат разни клетви или не?, “Ги колат ли Евреите своите деца или не?“,„Дали е Америка непријател на Русија или не?“ и слично. Притоа, прогресивниот дел од општеството во триумф докажува дека вештерките не постојат, дека Евреите не ги јадат своите деца и дека постојат и добри Американци. Но со разговори од тој вид практично е невозможно да се стигне до суштинските прашања.

Темата која се наметнува сама по себе во секое нормално општество и која редовно иницира нормална дискусија, во одредена смисла, обично гласи вака: „Како да трчаме побрзо?“ Во ненормални општества истата таа тема ќе гласи: „Дали побрзо се трча во окови или без?“ А партијата која се занимава со производство на пранги, тивко ќе лобира за одговорот – „во окови“.

Во услови на слободна конкуренција, неконструктивните дискусии самите одумираат. Да речеме, капетанот на бродот Коста Конкордија, оној што неодамна пијан се правеше важен пред стриптизерката и на тој начин го потопи огромниот крстосувач, излегува и изјавува: „Јас последен го напуштив бродот кој тонеше“. После оваа изјава, јавно се објавува снимката на која јасно се гледа како капетанот бега од бродот и како крајбрежната стража со мегафони го присилува да се врати назад. И тука е крајот. Во услови на слободна конкуренција, херојството на капетанот повеќе не е тема.

Во услови кога аналогно на тоа капетанот не раководи со брод за крстарење, туку со цела држава, нему на располагање му стојат многу повеќе можности за сеење и култивирање на јалови дискусии, и тоа под раководство на мноштво разни мегафони кои ќе ги замолчат опонентите. И тогаш се раѓаат цел грст дискусии на темата „Како капетанот со своите херојски постапки го спасил бродот“, „Како за да биде капетанот искомпромитиран во очите на неговите сонародници, американска подморница го потопила неговиот брод“, итн.

За жал, побарувачката за јалови дискусии во болните општества е прилично висока и тоа е нешто што не смее да се занемари. Арапските диктатори долги години се одржуваа на власт, потпирајќи се на темата „Америка прв и најголем непријател на сите муслимани“. Диктаторите се соборени, а дискурсот остана. Најомилената теза на алкохоличарите е дека за нивната несреќа е крив непријателот, а не вотката.

После протестите на плоштадот Болотно и проспектот Сахарова, капетанот на нашата Коста Конкордија во јавноста пласираше цела низа јалови дискусии: „Како Путин херојски се борел против корупцијата“, и слично на тоа.

Да, типична бандитска техника на заменување на теза. Тоа е исто како кога некој ви должи пари и вие го прашувате „Кога мислиш да ми ги вратиш парите?“, а тој ви вели: „А мојата баба? Не прашуваш за здравјето на мојата баба?“ Нив демонстрантите ги прашуваат: „Постојат во Русија избори или не?“, а тие: „А американската амбасада? Зашто вие одите во американска амбасада?“

Да трчаш без окови е полесно, но ниту еден произведувач на окови нема да успеете да го убедите дека тоа тврдење е точно. Единствено што може да направите е да ја укинете класата на произведувачи на окови, а луѓето да ги научите да трчаат. Тоа во превод на руски значи – револуција и реформи. Во услови на нефункционална власт, ова второво е невозможно без првото, а првото без второто – бесмислено.

Извор: Новая газета

Илустрации: Марк Алсвајлер

ОкоБоли главаВицФото