Молитвениот појадок кај Имер Селмани

16.03.2009 18:10
Пандалф Вулкански

Првиот дел на Молитвениот појадок може да го најдете на: Молитвениот појадок кај Нано Ружин

Клетварски пролог на хорот

Иванов: Од полено вечно елисејско до седмо колено и седмо вретено да вкусува само солено (ништо благце) оној што денес ќе се зафркава со сето она зелено и неопределено што го истресов до сега!

Буџаку: Со полен да биде полиен целиот сред полето елисејско тој подмолен исмејувач на нашата коалиција, и плус менискус да фати до седмо колено!

Иванов: Тој подмолен и неасолен ако сака да биде задоволен за долен може да ми се фати!Кај Мите

Селмани: Добредојдовте на новиот појадок, драги колеги! Гледајќи го настапот на хорот, може ли да се констатира дека во нашава претседателска сатира главно се статира?

Хоџа: Мал цитат од големиот Волкановски: И кога се пародира може да се продира! Да бидам поконкретна, колега Селмани, мислите дека се парадира т.е. статира во полза на некогашниот статист и боксер?

Фрчкоски: ...Кој стои крај статива држејќи ја во една рака активата, а во другата архивата... Ја би им кинел тетиви на тие мрачњаци што крај стативи ги возат статистиве!

Иванов: Вашава сатира ме сотира! Вашава сатира, колешке Хоџа, не е наслада туку е наслага од лаги! Но, од ова ресторанско место порачувам: нема више гага заебанции со ВМРО! Народот нек н è стави на вага!

Буџаку: Факт е дека вие опозиционерите ширите лага за нашата гала-коалиција... И ко што вели претседателот Иванов, таа лага може да се одлага, може меко да се полага рака на неа, можеби понекогаш и помага, но таа лага е влага што ни крши коалициска снага! И таква длабока трага од тага ми предизвикуе таа лага што еве сеа демонстративно ќе напраам шпага!

 Хоџа: Пак ќе го цитирам големиот Волкановски: Коалицијата и преродбата ви се шлапа-шлупа, штрапа-штрупа, дамбара-думбара, инцири-минцири и џагара-магара!

СофраИванов: Преродбата е наредба, колешке! Праизведба на дамнешна приказна! Океј, можеби има крвав крај македонската свадба, ама преродбава ни е судба... Да се изразам просто библиски, можеби оваа сеидба ќе биде селидба (во вечни ловишта) за многумина, ама, повторувам, редбава (т.е. актуелнава реденка над македонскиот народ) е наредба...

Фрчкоски: Гака кандидатов ко какаду! Кака, просто во портокалова гаќа! И сега скака наоколу од што се раскакал во гаќи! Фати се за квака, гакачу! Многу квакаш гомненици! Без добро да исџвакаш, заквака и исквака - срања! А у полски клозет си, ебате, без квака! (Ако си го глеал „Сламдог милионер“, знаеш за што ти зборам и во каква ситуација се наоѓаш.) И упорно гакаш и квакаш ко да има народ во пустелијава, т.е. во полскиов клозет - во што ја претворивте Македонија со своите глупи гачки, квачки, квочки, мочли, мивки, пивки и пувки. И пуфки.

 Иванов: Клетници, ми фурате бусија-дискусија! Секоја сесија муабет ја претворате во опсесија со милиот ни Грујо... Ако продолжите со оваа рецесија на пристојноста, ви најавувам сецесија!

Фрчкоски: Сеа смрдеава ме тера на смеа! Реа-пареа, ебаго - корне! Неа, колеги, т.е. смрдеава што предизвикува смеа, треба да ја искористиме ко спрега за обединување, ни више ни мање! Ко спрега заедно да им кршиме ем тетива ем нога! И нема нега, после, на ногата! Него како! Каква бе нега! Сега стига слободата! Ко што рече умниот: може едно време да се затега, може кај доста луѓе да се стега, може во еден момент (сега, да речеме) целава смрдеа да ја рачунаш ко шега - ама до курца више! Смрдеава не е од сеа! Спрега, колеги, заедно во отпор, тоа ни прилега! 

Шпагети софраРужин:
Иванов, може не е лошо да прогласите мала пауза за вашата кауза? Политичката муза не се бодиња со мамуза. Хипотенузата кон ЕУ не се решава со ставање лудачка блуза врз Македонија, не?! 

Селмани: Цела деценија имаме сосема пореметена национална хемија: епидемија на неврастенија, плус анемија (што се заканува со леукемија), а сега со идентитетсково лудило на чекор сме од шизофренија!

Бошковски: Анемија?! Ама делијава-режимлијава нема проблем со црвени крвни зрнца: кога гледам како се вцрвенува веднаш помислувам на филмот „Дина“: милото ми ВМРО ко да се наоѓа пред џиновскиот црв, ко да е веќе лапнато, сцрвено, т.е. во фаза на зацрвување... Изврвува времето на ова ВМРО, се здрвува каузата до вцрвување... Е, сеа, за да се надмине фарбава-шарба (четките уште брат Љубчо ги остаи за молерај) треба верба и борба за нова творба што друга берба ќе донесе - чорба за секој и полна торба за по некој! 

Хоџа: Сугестија и од мене: вашиот месија (пастирот налик на бестија) премногу се фура на агресија. За таа пресија нема амнестија, колега Иванов. Коприва ќе го затрива&натрива вашиот месија. Болва ќе го колва (а и една золва, еве баш ја глеам во талогот од кафево). И с è ќе му тргне наназад, ко во „Бенџамин Батон“: откоа месијата ќе стане баба, ќе се претвори во жаба, а после и во габа; чист еволуциски регрес речиси до седмо колено: баба-жаба-габа.

Бошковски: Тебе, лажен вмровецу, јас, ко искусен хашки готвач (па и сликар), на крајот на појадоков ти порачувам дека македонскиот народ ти фрла помија врз физиономија!

Шпагети софра одмаскираниСелмани: Може да се каже и „помија врз анатомија“, доколку на целава тензија, не дај боже, некоја опасна претседателска тенија ни се завлече во милиот ни македонски шупак, т.е. во нашата мултикултурна шупа.

Буџаку: Пази, Селмани, од толку скепса да не добиеш сепса! Башка слушам дека си стипса...

Хоџа: Сеедно дали е шупак, шупа или шума, оваа колонија на бедата (во која живееме речиси без меморија и под хегемонија на интелигенција која има ниво на тенија или инфузорија) допрва ја чека агонија.

Илустрации: Синиша Цветковски

Слични содржини

Пандалф Вулкански
Пандалф Вулкански
Пандалф Вулкански
Пандалф Вулкански
Пандалф Вулкански

ОкоБоли главаВицФото