Автократија во нафтениот рај

23.05.2012 13:06
Автократија во нафтениот рај

Ако со многу пари може да се направи добра претстава, тогаш Азербеjџан има најдобри услови за тоа. Откако во 2011 г. азербејџанското дуо Ел и Ники победи на Eurovision Song Contest (ESC), овогодинешното натпреварување за најдобра песна во Европа се одржува во Баку, главниот град на нивната татковина, Азербејџан.

Првата полуфинална вечер се одржа во вторникот, 22 мај, додека финалето е закажано за сабота, 26 мај. Евросонг важи за добродојдена PR акција за една земја која до денес беше позната, пред сè, поради своите нафтени резерви. Би требало да биде тоа едно од најскапите шоуа во историјата на натпреварувањето.

Столетен договор со нафтените гиганти

Експлоатацијата на нафта во Азербејџан започна пред повеќе од едно столетие, додека тој регион сè уште беше во составот на Руската империја. Азербејџанските нафтени резерви се проценети на 14 милијарди барели. Откако Азербејџан стекна независност од Советскиот Сојуз во 1991 г., и западните компании профитираат од енормните ресурси. Со таканаречениот „вековен договор“ Азербејџан во 1994 им овозможи на неколку групации, меѓу кои се големите компании како BP или Exxon, да имаат удел во експлоатацијата на нивните нафтени резерви во Каспиското море. Само во 2011 година во Азербејџан, според официјалните наводи, се вложени околу 20 милијарди американски долари.

„Тој договор во прв план имаше политички цели и требаше да ги привлече западните компании во Азербејџан, кој тогаш сè уште беше под руско влијание“, вели Алексеј Власов, главен и одговорен уредник на московската новинска агенција „Вестник Кавказа". Новите нафто-гасоводи на Азербејџан му овозможија да води независна политика во постсоветскиот простор, наведува овој стручњак.

Нема „советоносталгија“

Во Баку јасно се забележува богатството на земјата, која е малку поголема од Австрија. Насекаде се гради. Жителите на Баку, кои ги има околу два милиони, спред сопствените зборови, и самите се изненадени колку брзо се менува нивниот град. Дел од заработката од извозот на нафта се вложува во градење на патишта, мостови и згради. Но, најголем дел од заработката повторно завршува во нафтениот сектор. Другите економски гранки остануваат неразвиени, вели Фархад Мадијев од азербејџанскиот Кавкаски универзитет во Баку. „Имаме пари, но ни недостасува човечки капитал“, вели тој.

Земјата има околу девет милиони жители, и оној којшто нашол работа во нафтената гранка, може да се нарече среќник. Месечните плати се споредливи со стандардот кој владее со западноевропските земји. Се движат од 900 до 1.800 евра. Просечната плата во Азербејџан е значајно помала од тоа и изнесува околу 75 евра.

„Наследна автократија“

На индексот на демократијата, која во 2011 го изработија специјалистите на британската издавачка куќа The Economist Group, Азербејџан се најде на 140 место од вкупно 167 земји. Азербејџан важи за земја со „авторитативен режим“.

Веќе цели 20 години со Азербејџан владее семејството Алиев. Од 1993 до 2003 поранешниот локален шеф на советската разузнавачка служба КГБ, Гајдар Алиев беше претседател на државата. Кога се разболе, неговиот син Илхам ја презеде функцијата шеф на државата. Критичарите поради тоа зборуваат за „наследна автократија“ бидејќи, како што тоа го правеше неговиот татко, така и 50-годишниот Илхам Алијев владее автократски. Организацијата за човекови права Amnesty International известува за апсење на опозициски политичари и новинари.

Само во 2011 година наводно 136 луѓе се мачени, тројца од нив се, како што се наведува, притоа мачени до смрт. Борците за човекови права поради тоа сакаат да го искористат Евросонг за да укажат на дефицитите кога станува збор за демократијата во Азербејџан.


Спорот околу Нагорно Карабах

Уште една важна тема би можела да привлече внимание за време на одржувањето на Евросонг во Азербејџан: Нагорно Карабах. Таа кавкаска енклава, во која главно живеат Ерменци, на почетокот на 1990 г. се отцепи од Азербејџан. Околу 25.000 луѓе загинаа во војната меѓу Ерменија и Азербејџан. Примирјето сè уште е кршливо. На границата на самопрогласената Република Горно Карабах сè уште се слушаат истрели. Сите обиди да се завршат непријателствата досега пропаднаа. Ерменија на почетокот на март го откажа учеството на Евросонг. Како објаснување е наведено дека Ерменците до денес Азербејџанците ги сметаат за непријатели.

Извор: deutsche welle

ОкоБоли главаВицФото