1017 hPa
72 %
17 °C
Скопје - Пет, 10.05.2024 11:13
Скопје, 19 ноември 2012 година
Припадник на Министерството за внатрешни работи синоќа го лишил од слобода кучето Шарко, затоа што тоа неколкупати го провоцирало дофрлувајќи му „ав-ав“. Сопственикот на кучето се обидел да му објасни на полицаецот дека кучето не мислело ништо лошо со тоа, но полицаецот му се заканил дека ќе го уапси и него ако веднаш не замолчи.
-Го шетав Шарко како и секој ден. Одеднаш, на крајот од улицата здогледав некаква турканица. Пријдов за да видам што се случува и тогаш Шарко почна да лае. Тој лае секогаш кога има турканици и кога се наоѓа меѓу многу луѓе, вели сопственикот на кучето и додава дека полицаецот кој се наоѓал во непосредна близина се завртел и му се обратил на кучето со „мене ли ќе ме лаеш“?
-Се обидов да го смирам Шарко, но полицаецот со забрзани чекори тргна кон нас, а тоа го вознемири кучето уште повеќе и тоа продолжи да лае уште повеќе. Полицаецот ни пријде и го рабна ременот со кој го држев Шарко и го пикна кучето во полициското комбе, вели сопственикот на Шарко.
Тој го прашал полицаецот зошто го приведува неговото куче, а овој му одговорил „внимавај како се однесуваш затоа што ќе те приведам и тебе“.
Денес се обидовме да добиеме изјава од полицаецот, но тој не сакаше да зборува многу и само ни рече дека овој пат ќе му прогледа низ прсти на кучето затоа што му било прв пат така да се однесува кон полицаец.
-Спречувањето на службеното лице во вршењето на службената дејност, самото по себе е прекршок, без разлика на тоа кој е сторителот, ни изјави строгиот полицаец.
На крајот тој додаде дека не постои друго решение освен осомничениот да се изведе пред судијата за прекршоци. Тој во наредните денови ќе истражува дали кучето Шарко и претходно правело прекршоци и дали тоа ѝ е познато на полицијата.
Адаптирано од: http://www.njuz.net