Седум нови приказни за Сталин

26.12.2012 13:49
Седум нови приказни за Сталин

1.
Еден ден младиот Сталин помина со пријателот покрај некоја месарница. Сталин зграпчи парче месо и го откина. Го фатија и го прашаа: „Ти ли го украде ова?“. „Не“, одговори Сталин, „тој беше“. И неговиот пријател беше растргнат на парчиња.

2.
Животот на луѓето стана сосем ужасен. Насекаде избиваа бунтови. Царот го викна Сталин и му рече: „Нареди ги луѓето на Плоштадот на Сенатот“. Сталин ги доведе, а жандармите ги чекаа. Почнаа да пукаат, и ги испоубија сите. Повеќе од милион.

3.
Еден ден Троцки, Зиновјев и Бухарин дојдоа кај Сталин и му рекоа: „Не си во право. Ајде да поразговараме малку“. Сталин извади пиштол од фиоката, и ги уби на лице место. И нареди итно закопување на нивните тела.

4.
Еден ден Сталин замина кај Ленин во гратчето Горки. Виде дека никој не го гледа, и му го пресече гркланот. Се врати во Москва и рече: „Ленин е мртов. Сè што му припаѓаше ми го завешти мене“.

5.
Еден ден сопругата на Сталин му пријде и го праша: „Зошто на онаа кутра жена ѝ ги одзеде сите пари? Тоа не е убаво“. Сталин извади пиштол и веднаш ја застрела. И кришум го закопа нејзиното тело.

6.
Еден ден Никита Сергеевич Хрушчов му пријде на Сталин и му рече: „Грешиш, ајде да поразговараме“. Сталин извади пиштол од фиоката, но Хрушчов го претекна и го застрела. И кришум му го закопа телото.

7.
Еден ден Сталин си шеташе по улица. Луѓето го препознаа и почнаа да викаат: „Ене го! Ене го Сталин!“ Сталин почна да бега, а луѓето трчаа по него. Го фатија, го растргнаа на парчиња, го запалија и му ја фрлија пепелта во московската река.

Дмитриј Пригов (1940-2007) е руски поет и уметник. Пишувал поезија, проза, цртал, изработувал скулптури, изложувал... Се смета за еден од основоположниците на московскиот концептуализам во сликарството и книжевноста (поезијата и прозата). Автор е на над 25 книги од различни жанрови.

Превод од руски јазик: Ѓорѓи Крстевски
Фотографија: Николај Сидорович Власик (телохранител на Сталин)


Слични содржини

Книжевност
Книжевност
Книжевност
Книжевност
Книжевност
Книжевност

ОкоБоли главаВицФото