Акшам пазар

24.12.2013 10:09
Акшам пазар

Акшам пазарот е институција во балканската традиција, и може да се аплицира во секоја сфера, поле, нива или бавча. Тој е универзален инструмент, своевиден „хепек“, кој го решава и најневозможното. Суштината е иста, како на обичен пазар: „пошто-зашто“ и „дај шта даш“, а трговецот е обично тој што добива. Со таа разлика што акшам пазарот се одвива приквечер, при затворање, „во доверба“, и на муштеријата му создава илузија дека е „у ќар“. Кога наместо 3 ќе добие 5 за 100, дали поради количината или темницата, тој си оди дома мислејќи дека добил повеќе од трговецот. Обично го добива талогот, тоа што никој не го купил во текот на денот, фаличното, отстоеното, понекогаш и засмрденото. А пример за функционалноста на акшам пазарот како концепт е последната етапа од „епската“ битка за медиумските предлог-закони.

Како одеше медиумскиов пазар годинава? Прво, на почетокот сакаа да ни протурат предлог-закон. На ѓутуре пазар. На невидено, без, то ест со понудени 10 дена дебата, за текст што претходно не го видел никој од оние на кои им е наменет. А на и околу трпезата за дискусија распослани - професионални агитпроповци, проверени соработници со секоја власт, инстант (спин) доктори, шарпланинци и загари, буреци и сарми, а се глаголи сочно на јазик „што го разбира народот“.

Професионалците видоа колку е часот. Се спротивставија, со бојкот на таква кафеанска расправа. Но, подготвија и сериозни анализи (научни и од праксата) наспроти тоа што се предлагаше. Сигналот сериозно беше разбран и од меѓународната. Тргна пазарот, вистински. Во неколку месеци, се случуваше јавна дебата, во неповолен амбиент, но сепак со повеќе прилики секој да каже и да приложи мислење, став, анализа. Дури и со соочувања, за кои можам да кажам дека, без оглед на обидите за правење циркуси, поминаа сепак во, колку-толку, пристојна атмосфера. Јасно е за сите: аргументите, понудените анализи, и оттука и од надвор (ЕУ, ОБСЕ, Совет на Европа, ИФЈ, Репортери...) очигледно се во полза на тоа што го зборува медиумската заедница, а не на она што го предлагаа(т) властите, и дел од медиумската заедница што ги апологира.

Формалната дебата сепак роди нешто. Се редеа верзии. Се подели едниот во два предлог-закони. Стигнавме до петти (или шести) измени. Пет-шест пати по ред, фелата покажува неочекуван отпор, и успева да ја натера власта да се повлече, и да прави измени.
И покрај односот на сили, успева(в)ме поради неколку работи: силината на аргументите, видливоста и голотијата на проблемите и нивните предизвикувачи; инстиктивната солидарност помеѓу 400-500 секојдневно притискани медиумски работници и заедничкиот активизам со медиумски и други организации; политичката и професионалната меѓународна поддршка е можеби решавачка, но ќе ја немаше ако ги немавме претходните работи, и секако начинот на кој власта, пазарџиски а демек технократски, ги третира новинарството и новинарите.

И така, од првичниот ѓутуре пазар дојдовме до акшам пазар. Заеднички прес на претседателот на ЗНМ и министерот за ИКТ. Власта нешто прифаќа а нешто не, ЗНМ „као“ не преговара, но учествува во процесот со давање забелешки на некои нови верзии. Имало ноќни средби, и притисоци на дипломати. Нова година, нели. Првичните јавни лоши реакции кон овој акшам пазар, за кој никој не знаеше, се разбирливи. Оти добро ни е познат пазарџијата. Пред само две години, со друг акшам пазар и дијалогот со ЗНМ, власта си обезбеди позитивна забелешка во извештајот на ЕУ. Во 2011-та, пред 24 декември, Кежаровски, истрагата за Младенов, Божиновски, спречувањето мирен протест на новинарите. Во година во која се затвораа луѓе, телевизии, весници, преку ноќ се менуваа закони. При што, купувањето медиуми, создавањето послушници и сотирањето на критиката, и тогаш и сега, е константна „вредност“. Како финале, наместо ачик дебата пред јавноста со аргументи - тајни ноќни разговори. Ептен швалерски.

Странци или домашни, јасно ни е дека ова не се решава со акшам – пазар, туку порационално и поодговорно. Џабе и „бенефитите“ - светкав подарок под елка, штиклиран бенчмарк, или тројански коњ, сеедно. Ќе треба да се видиме, со аргументи - се нуди ли решавање на суштинските проблеми, или повторно козметика и компромисерство, што се насетува во начинот на обзнанување и демек октроирање „одозгора“, зачинето со тепање на кондиција, во темница, викенд, Нова Година. На социјалните мрежи, кога го споредија ова со (не)потпишувањето на извештајот на комисијата за 24 декември, профилот на Илија Димовски со 'смајли' во дискусијата напиша „секоја копија е полоша од оригиналот“. Оригинално или индикативно, проценете сами.

Навистина сме малку изморени, ама и ние нешто знаеме, секој ден нѐ има повеќе и погласни, подобро „читаме“ и не ни е баш до славење. Не веруваме во гаранции, декларации, дури, веќе ни е преку членот, законите и членовите, а богами и членството и членарините.

Извор: Слободен печат
Слики: Џоан Вилер