Кратка историја на вибраторот

12.04.2014 12:16
Кратка историја на вибраторот

Лекарите од викторијанската ера не сакале да имаат работа со женски пациентки. Еснафот, кој во тоа време бил составен исклучително од мажи, ги сметал жените за прекумерно емоционални, неспособни рационално да го согледаат своето тело и неговата состојба.

Една од најчестите, типично женска дијагноза од тоа време била хистеријата (од грчкиот збор hystera, што значи матка). Под неа, докторите подразбирале збир разновидни симптоми на кои можеле да се пожалат ирационалните жени. Втората, според зачестеноста, била подеднакво недефинирана и се совпаѓала со хистеријата – неуроастенија. Таа ги опфаќала симптомите од главоболка, преку несоница и страв од лудило, до морбидни стравови. За волја на вистината, неуроастенијата можела да се дијагностицира и кај мажи, но во овој случај „причините“ биле јасно идентификувани: изнемоштеност и прекумерна мастурбација.

Заради тоа што „нарушувањето“ било карактеристично за мажените жени, лекарите најчесто им „препишувале“ секс; со мажите, се разбира. За жал, пациентките се враќале со истите симптоми и тврдења дека „лекот“ не делува.

Попосветените доктори почнале да размислуваат за поделотворни начини за ублажување на симптомите на хистерија и една од првите техники кои ја осмислиле била рачна масажа на клиторисот. Лекарот би го стимулирал клиторисот на пациентката „додека таа не почувствува олеснување“ – она што денес го нарекуваме оргазам.

Меѓутоа, професијата заклучила дека станува збор за терапевтска постапка која одзема многу време. Освен тоа, на многу лекари им изгледало дека занимавањето со хистеријата е под честа на угледната професија.

Во 1869 година, бил патентиран изум кој на лекарите им овозможил да ја третираат хистеријата без да ги валкаат рацете – механички масажер кој работел на пареа. Веќе околу 1900 година, не можела да се замисли ординација со репутација која не поседувала барем две различни направи за оваа намена.

Вистинската револуција се случила во 1905 година, кога светлоста на денот ја видел рачниот масажер, вибратор, кој на жените им овозможувал самите да ја третираат својата хистерија, без да одат на лекар. Кога оваа направа се појавила, се нарекувала домашен вибратор (веројатно за разлика од оној од ординациите), а производителите го огласувале со слоганот: „Изворот на младешкото задоволство е во вас“.

Пронајдокот бил и економски исплатлив затоа што чинел приближно колку пет посети кај лекар, а популарноста ја стекнал најпрвин кај жените од средната класа, со оглед на тоа дека нивните домови имале струја, неопходна за да работи вибраторот.

Иако жените отворено зборувале за тоа како „делува“ вибраторот зошто им овозможува олеснување, медицинската професија упорно одбивала да го смета за сексуална направа. Дефиницијата на женската сексуалност и женското сексуално задоволство, ограничена на пенилна пенетрација на вагината, не смеела да се проширува. И покрај тоа, викторијанскиот морал се базирал на „законот“ кој вели дека сексот им е одбивен на жените, дека не им носи задоволство и дека мажите им прават услуга со посетување јавни куќи. Доколку „чистите“ жени некогаш посакале секс, поривот се толкувал со желбата да го искусат мајчинството, а не со потребата да уживаат во сексот.

Упорното настојување вибраторот да се десексуализира било дел од нашиот поширок културен контекст и стравовите поврзани со сексуалноста воопшто. Иако правото на мажите на сексуално задоволство и секс заради уживање било неспорно признаено, пуританска Америка од почетокот на 20 век, на пример, сериозно се занимавала со стравот на Теодор Рузвелт дека практикувањето „самозагадување“ (мастурбација) би можело лошо да влијае на силата, здравјето и машкоста на Американците. Стравот од идејата дека и жените би можеле да мастурбираат бил толкав што лекарите во професионалните кругови расправале за тоа дали би требало да им забранат да возат велосипед.

Наспроти лесно стекнатата популарност, вибраторите исчезнале од сцената во дваесеттите години од минатиот век. По кратка пауза, ги рехабилитирала тогашната рудиментарна порно индустрија, но без сокривање на фактот дека суштински станува збор за сексуална направа – играчка која на жената ѝ ги проширува опциите за самозадоволување.

Откако порно индустријата го поврзала вибраторот со сексуалното задоволство, направите од тој вид ги напуштиле лекарските ординации, а самиот вибратор го напуштил општествениот мејнстрим и се преселил во подземјето, каде и ќе остане сè до седумдесеттите години од минатиот век.

Денес, помалку или повеќе, вибраторот е стока за широка потрошувачка. Правото на жените да уживаат во сексот ни одблиску не е толку распространето; всушност, мнозинството од вкупната женска популација живее во култури во кои јавниот морал го осудува и санкционира секое изместување на женската сексуалност од сферата на бракот и мајчинството. Ако зборуваме искрено, ниту либералните културни милјеа сè уште не знаат како и што да мислат за жената која отворено би кажала дека обожува секс и ужива во него. Но, тоа е сосема друга тема; за тоа во некоја друга прилика.

Извор: http://mindreadingsblog.wordpress.com

ОкоБоли главаВицФото