Реално

23.11.2016 18:21
Реално

Има ли нешто понадреално од насмеаниот Груевски стиснат до Боркица, горд како паун додека го слуша Ѕинго од говорница како го фали и споредува со светски револуционерни политичари, а на чекор од нив Амди Бајрам во бунда од бизон шмекерски се насмевнува на браќата од ВМРО? Тоа е реалноста која ни ја нудат и, верувајте, веќе не се срамат и да ни кажат. Нивната реалност е нашиот пекол. И за таа визија ние треба да трчаме како момчето од спотот низ празни и пусти предели, да се препотиме, да се намачиме за и во следните четири години Ѕинго да јаде бурек со пратеничка плата, Амди да купува бунди од бизон, а Грујо и фамилијата да продолжат да ја приватизираат државата на нивно име. Кампањата на ВМРО-ДПМНЕ е всушност најголема навреда за нивните гласачи.


Изборниот слоган Реално! не би го ставил ниеден макар и просечен политичар, освен ако тоа не е горделивиот игнорант Груевски и елитистичкиот круг околу него. Па, добога, реалноста ни е толку црна и мачна што секое споменување на истата нѐ фрла во очај и агонија. Добро, да бидеме реални, за тесниот привилегиран круг Македонија во моментов е елдорадо. Реалноста им одговара на оние кои без проблем се обезбедуваат со мерцедеси од пола милион евра, бунди од бизони, патни трошоци во висина од илјадници евра. Ама, драги мои, реално, во нивна Македонија, ние сме само касата од која тие дрпаат. Тоа бевме до сега. Како ќе биде од сега, реално, од нас зависи.


Првиот промотивен изборен спот на ВМРО-ДПМНЕ не можам а да не го доживеам како најбезобразно барање од народот да свитка кичма, истрча избори и донесе повторно на власт една банда која толку забегала во својата алчност што не се срами своите непристојни предлози да ги спакува во скап видео спот и со истите да нѐ труе следниве 20 дена. Спотот содржи речиси бесполезно трчање на едно момче низ различни предели од Македонија, додека во позадина нараторот се обраќа кон гледачите во второ лице еднина - ТИ. Речиси секоја реченица почнува со ти можеш, ти знаеш, ти си голем, ти си над ова... И додека нараторот објаснува што си ТИ, момчето трча ли трча за конечно да се искачи на некои карпи и развее македонско знаме. Ти знаеш што е твојата цел - е првата реченица на спотот. Гледајќи го, човек сфаќа дека наша цел е да истрчаме туѓа изборна битка и да им донесеме позиции на моќ и неброен капитал. Тоа е. Ние веќе не сме луѓе, ние сме гласачки машини кои се активираат во изборни циклуси по 20 дена, а потоа се фрлаат во магацините на државата. Не може да биде човек оној што е важен и функционира само во предизборие, а потоа е фрлен да преживува и тивко гасне невреден. Не, драги мои, реално тоа не е човек.


Ароганцијата, сепак, ги изгубила своите граници. Кога ќе помислиш дека не можат повеќе да нѐ навредат, тие стануваат уште покреативни. И така, во нечиј болен ум, се исковал слоганот - еден за сите, сите за еден! кој деновиве се врти како дел од официјалната кампања на ВМРО-ДПМНЕ на социјалните мрежи. Тој Едниот, што направил за сите освен што ја осиромашил државата додека богател приватни сметки? И сега треба ние сите да се потрудиме да го спасиме него и неговите мускетари од обвиненија и затвор. Да го спасиме од правдата? Еден за сите, сите за еден - е повик за солидарност. Солидирност со криминалци можат да развиваат единствено криминалци. Слоганов можат да си го раскажуваат меѓу себе. Да се солидаризираме со својот џелат. Ете тоа бесрамно го бараат од нас оние кои 10 години не се солидаризираа со нашата сиромаштија, нашата болка, нашето нарушено здравје.


И конечно, ако не го направиме тоа за нив, тие нѐ плашат со наводна двојазичност. Знаете што, болните и гладни плачат исто и на сто јазици. Ние сите, и Македонци, Албанци, Турци, Роми, Срби, Бошњаци, Египјани, сите делиме иста судбина без разлика на јазиците. Реално, таа судбина ич не ни е светла. На кој сакате јазик може да ви соопштиме дека вашата реалност е веќе неподнослива.

Слики: Александар Дојранлиев
Извор на текстот: Плусинфо

ОкоБоли главаВицФото