Прослава на 25 годишнината на Фондацијата Отворено општество – Македонија

04.05.2018 17:44
Прослава на 25 годишнината на Фондацијата Отворено општество – Македонија

Фондацијата Отворено општество – Македонија синоќа (3 мај) во МСУ со голема изложба, документарен филм и обраќања на челните луѓе ја започна прославата на 25-годишнината од нејзиното основање и работа во Македонија.

Пред многубројните гости, граѓански активисти, претставници на граѓански организации, професори, политичари, аналитичари, амбасадори, како и претставници на меѓународни организации,на почетокот, преку видео порака се обрати основачот на фондациите Отворено општество, Џорџ Сорос. Тој рече дека сега повеќе од кога било, фондациите му се потребни на светот.

„Поздрав до сите, сакам да ви ја честитам годишнината и жал ми е што не можам да бидам со вас да прославиме. Кога првпат ја започнав мојата филантропска работа не можев ни да замислам дека еден ден ќе прославуваме ваков јубилеј. Првично фондациите требаше да имаат одреден век и потоа да се затворат. Сепак, еве сме сега тука. Фондациите имаат клучна улога во поддршката на граѓанското општество и во обезбедувањето отчетност на владите.

Денес, повеќе од кога било претходно, потребите се големи. Отворените општества секогаш се загрозени, но се зафативме со тој проект, иако знаевме дека нема да биде лесно. Задоволство ми е да видам како фондациите продолжуваат да работат на суштински работи и да ги промовираат отворените општества ширум светот. Не постои сомнеж дека ние сме поразлични од другите фондации. Отсекогаш сум верувал во локалното знаење, во локалните извршни одбори и токму затоа фондациите се независни и ефикасни во она што го работат. Уште од својот почеток македонската фондација обезбеди критичка поддршка за да поттикне демократско отворање и за подоцна да промовира помирување меѓу етничките заедници. Денес фондацијата продолжува да носи позитивни промени и граѓански активизам што ја принудува отчетноста на властите, особено во здравството и образованието. Горд сум на тоа што го постигна фондацијата и имам надеж за можностите во иднината“, рече Џорџ Сорос.

Маја Бојаџиевска, претседателката на Управниот одбор на ФООМ, рече дека ваквите јубилеи се истовремено и места и простори за обнова на меморијата: да се потсетиме на достигнувањата, да се запрашаме за грешките, да ги преиспитаме чекорите, да поразговараме и со пријателите и со непријателите.

„Можеби е најважно да се вратиме, макар само за миг, на историските вредности коишто се во темелот на она што слободно можам да го наречам етичка истанца на фондацијата, ведности што, како ниедни други, се втемелени во филозофијата на фондацијата. Поимот оворено општество се спомнува во книгата на големиот француски филозоф Анри Бергсон, „Двата извори на моралот и религијата“, објавена во 1932 година. Во таа книга Бергсон зборува за општествениот притисок на одговорноста, за обврските во општествата, кои се обврски кон човештвото и кон човечноста во себе. Имено, во една заедница треба да бидат вклучени а не исклучени различните индивидуи, посебностите, да бидат отворени кон прогресот, кон една нова растечка моралност.

Но, концептот за отворено општество, како што е познато, му го должиме на еминентниот филозоф Карл Попер. И тој го повторува во својата книга зборот непријатели. Книгата има наслов „Отвореното општество и неговите непријатели“, како да знаел дека постојано ќе ги има. Не е случајна визијата на Попер за отворено општество и не случајно таа се гради врз тезите дека човековото знаење не вечно, не е непроменливо, туку е провизорно и нецелосно. Тоа секогаш треба да биде отворено кон подобрување, исто како што општеството треба да се отвори кон новата растечка моралност, која подразбира културен и религиозен плурализам и која смета на постојаната несигурност и динамизмот на отворените промени.

Со сигурност може да се каже дека идеите на Попер својот живот и своите реални димензии практично ги добиваат преку неговиот учeник, филантропот Џорџ Сорос, кој огромен дел од своето богатство го вложува во еден повеќедецениски напор во суровиот и безвреден свет на фактите да се обиде да го влее светот на вредностите што произлегуваат од човековиот ум. Џорџ Сорос е човекот кој извонредно добро ја знае лекцијата на Попер: на нашето постоење во светот му ја должиме рационалноста, му ја должиме практиката на критичко и самокритичко размислување и самото дејствување. Нему му ја должиме врската со нашата работа, способноста да ги мериме нашите резултати, можноста да се здобиеме со поголемо знаење, да ги развиеме нашите таленти, да растеме, да настануваме и, конечно, нему му ја должиме способноста и да ги надминеме нашите можности.

И покрај сите противречности на мигот, и покрај последиците на дејствувањето на светот врз нас, нашите дела, слично како и нашите деца, слично како и нашите визии, стануваат независни од нас, но пак ни се враќаат како отворена можност. Одново да научиме и одново да придонесеме за светот“, рече Бојаџиевска.

Taa додаде дека во нашата средина концептот за отвореноопштество е малку познат.

„Познато ви е дека во последниот период предизвикуваше повеќе рамнодушност и повеќе негативизам и потреба дури и за анихилација. Но зад сето тоа стои една голема и вистинска борба на идеи и стојат конкретни луѓе кои суштински веруваат во несигурната и ризична, но можна и потребна, отвореност на заедниците. ФООМ со сите нејзини лица во текот на овие 25 години, дури и со оние кои беа најпротивречни и најкритикувани, сведочи за тоа како нужно треба да изгледа хуманизмот на 21-от век.

Тој не може да биде теорија и не може да биде затворен меѓу кориците на некаква книга, за него не постои привилегирана и јасно омеѓена сфера, тој е осуден да биде прагматичен, а со тоа да изгледа и противречен, но таква е и единствената можна слика не на теорискиот, не на салонскиот хуманизам, туку на хуманизмот во акција.

Затоа моите лични честитки за јубилејот им ги упатувам на оние кои успеваа да ја најдат потребната сила, потребната храброст, па дури наивност и лудило и се обидуваа постојано да го менуваат опкружувањето, да проценат и да помогнат онаму каде што е тоа најпотребно, да го поттурнат хоризонтот, но не според себе си и своите лични наоѓања, туку според критериумите на едно растечко човештво кое, сепак, ми се чини, во идеална смисла може да го достигне плурализмот на можности“, рече Бојаџиевска.

Леонард Бенардо, заменик-претседател на Фондациите Отворено општество му се заблогадари на Владимир Милчин, првиот претседател на ФООМ, и рече дека ако не беше тој и неговото херојство, немаше да се слави овој јубилеј.

Однапред се радувам за нови 25 години просперитет за самата фондација и за Македонија“, рече Бенардо.

Жорди Вакер, регионален директор на Фондациите Отворено општество за Европа и ко-директор на Европската иницијатива за отворено општество, рече дека причината за постоењето на фондациите се грантистите и организациите на кои им се дава поддршка, за оние кои со својата храброст и издржливост навистина ги менуваат работите.

„Се сеќавам кога Македонија стана прва земја во регионот кандидат за ЕУ, а се сеќавам и на времето кога моравме да објасниме што значи нелибералниот принцип и што значи затворањето на просторот за отворените општества; тогаш ја користевме Македонија како позитивен пример. За добро или за лошо – промената не може да се врати назад и затоа долгорочната заложба од 25 години е толку важна, бидејќи никогаш не може да бидете сигурни дека она што сте го постигнале ќе остане засекогаш, како што не може да бидете сигурни дека лошите времиња ќе останат засекогаш.

Понекогаш малите работи ја прават големата разлика; она што има најмногу смисла во борбата за отворено општество е, на пример, женската група во Струмица. Фондациите за отворено општество не ги добиваат битките во канцелариите во Брисел, туку во Струмица, во групата на жени од Струмица или во некој друг мал град. И последното што ќе го споделам со вас: мора да бидете истрајни, мора да водите борба на долг рок наспроти сите неповолности. Ние сме третата по големина фондација и се чинеше дека е нерационално да продолжиме работата, но кога постои можност за отворено општество, Фондацијата е таму за да го поддржи тоа“, рече Вакер.

Првиот директор на ФООМ, Владимир Милчин, рече дека зборот „соросовци“ од колумната на Героски е најсоодветно определување за стотици, можеби и илјадници граѓани на Македонија, кои не мора да се грантисти на фондацијата, но ги споделуваат истите политички и етички вредности.

„И тоа соросовци за мене е спротивно на „соросоиди“, етикетата што ни ја лепеа со децении и уште ни ја лепат. И тоа болеше, иако тоа беше само една од етикетите, а ги имаше многу, цела харанга: „соросоиди“, „петоколонаши“, „шпиони“ итн. Всушност, многу повеќе болеше тоа што му го лепеа на Џорџ Сорос, зашто ние бевме овде, ние бевме нивни неистомисленици, ние бевме застапници на некои слободи, кои тие не ги почитуваа и не ги дозволуваа.

Меѓутоа, Сорос беше далеку, а тие својот гнев и својата омраза ги истураа врз него, иако фактички ние, бордот, вработените, одговаравме за тоа како ги користиме неговите пари. Не би го кажал тоа во негово присуство, зашто е малку сентиментално, ама навистина имав чувство дека е пострашно дека него да го етикетираат, така како што го етикетираа, отколку што нè етикетираа нас. Првпат разговорав со него во Благоевград 1992 година и тој ми постави прашање: Добро, Владимир какви квалификации поседуваш за да мислиш дека можеш да водиш фондација? Јас му одговорив: Немам поим што е тоа фондација и како се води фондација, ама знам дека не може да биде потешко од тоа да поставиш сцена во театар, претстава со 20-30 суетни глумци.Тој се изнасмеа и јас го положив испитот. Она што е фантастично кај Џорџ Сорос е што тој знае што е хумор. Мене ми е многу страв од луѓе кои немаат чувство за хумор. Тие се многу опасни, во нивните глави се вртат мрачни идеи“, рече Милчин.

Тој ѝ се заблагодари на Бека Вучо, регионална директорка на Фондациите Отворено општество, која синоќа беше во Скопје и која, како што рече Милчин, била фолема поддршка за македонската фондацијаизминатите 25 година.

Милчин продолжи: „Една од работите што ги научив во овие 25 години е дека никогаш ниту една победа не е еднаш засекогаш, никогаш ништо не е освоено засекогаш, ништо не е дефинитивно, ни слободата, ни владеењето на правото, ни демократијата, ни правата на малцинствата, ни слободните медиуми итн. Постојано и одново мора да се бранат тие права и слободи. Ние денес живееме во свет во кој тие права и слободи не се помалку загрозени отколку во 1992 година. И во ЕУ и во НАТО имаме држави кои се авторитарни, безмалку тоталитарни, очигледно натаму се движат.

Втората работа што е многу важна е борбата против заборавот; зашто, ако нема паметење тогаш и вредностите исчезнуваат. Особено ако паметењето е загрозено од организиран, инструментализиран заборав, кој е наметнат од оние кои ја имаат моќта. Денес не е работата само во тоа што ни диктираат прекроена историја, не е работата само во тоа што не знаеме што е со Државниот архив; не е само тоа; пробајте да најдете некаков тонски или видео запис во архивите на МРТВ – тоа е очерупано. Ако пробате да најдете нешто на интернет од медиумите што некогаш постоеле – и тоа го нема. Ние постојано мора да почнуваме од почеток, и жртви сме на наметнат заборав. Овие денови, оваа изложба, овие фотографии, монографијата, мислам дека се сериозен придонес и заложба во борбата против наметнатиот заборав. Мора да паметиме сè. Ако не направиме нешто ќе треба да бараме остров каде што ќе можеме да ги носиме нашите паметења, нашите книги за да можеме да не заборавиме цел еден комплекс вредности без кои човештвото не е можно“, рече Милчин.

На крајот пред присутните се обрати Фани Каранфилова Пановска, извршна директорка на ФООМ, која рече дека пред 20 години кога почнала да работи во фондацијата, не можела да замисли дека тоа ќе трае толку долго и дека фондцијата ќе доживее 25-годишен јубилеј.

„Во тоа дали ќе дочекаме да прославиме 25 години, искрено да ви кажам, се посомневав и лани во текот на пеколните пет месеци од почетокот на 2017 година, кога иако јубилејот ни беше на дофат, мене тоа на моменти не ми се чинеше многу изгледно.

Но, што би рекол Џорџ Сорос, еве сме денес тука, му се допаѓало тоа некому или не!

Посветеноста на отвореното општество е пред сѐ заложба за општество во кое никој нема монопол врз вистината, општество во кое неприкосновено владеат човековите права на сите граѓани подеднакво, во кое постои владеење на правото и во кое оние што се огрешиле од законот ќе сносат одговорност, без разлика дали се на власт или во опозиција, во кое институциите поседуваат максимален интегритет и се отворени за своите граѓан, општество во кое медиумите и критичката мисла имаат бескрајна слобода и слободата на изразувањето е столб на тоа отворено општество.

Фондацијата била и ќе биде многу храбра во отворање на големите прашања од клучен интерес за развојот или за опстанокот на државата - и ќе останеме на тој курс. Многу често знаеме да отвораме и контроверзни прашања во нашата релативно конзервативна средина. Тоа не секогаш било добро примено. Остануваме посветени на поддршката на граѓанското општество и неговиот развој, така како што го правевеме тоа и досега, на истиот начин че продолжиме, со цел граѓанското општество да биде рамноправен и компетентен партнер на институциите во реформите кои ни претстојат. И второ, будно сакаме да ја набљудуваме работата на владата, политиките и праксите што се преземаат и да реагираме агилно и здружено. Да бидеме гласни зашто само така оваа промена - на која сите сега се радуваат и се умерени оптимисти - ќе може да ја сочуваме. Во спротивно, оваа промена на добро може да стане реверзибилна.

Она што е специфично за ФООМ, барем така велат нашите грантисти, партнери и соработници, е што таа е една од ретките организации која будно ги следи општествените случувања и има флексибилни механизми кои ѝ овозможуваат да реагира брзо, за да помогне таму и тогаш кога е најмногу потребно. И тоа е веројатно нешто според што се разликуваме од останатите актери во донаторската заедница“, рече Каранфилова Пановска.

Таа им се заблагодари на сите сите оние кои придонесоа за Фондацијата изминатите 25 години.

Фондацијата Отворено општество – Македонија во соработка со Центарот за европски стратегии „Евротинк“ на 4 мај организираше и регионална конференција насловена „Зошто Европа, зошто сега?“, чиј фокус е перспективата на регионот за интегрирање во Европската Унија.

фотографии: Небојша Гелевски

 

ОкоБоли главаВицФото