Петнаесет години Окно

15.03.2024 13:40
Петнаесет години Окно

 

Првите прилози ги поставивме на 9 март 2009, а „официјалниот“ уводен текст се случи на 13 март 2009).

Во уводниот текст стоеше и реченицата: „Сто години по зборовите на Цепенков, во Окно ја имаме истата намера: да собереме и да објавиме барем 28.000 прилози! (’приказни, обичаи, песни, преданиа за места...’)“

Објавивме, за овие петнаесет години, барем три пати повеќе: над 80.000 прилози.

За Окно пишувале стотици луѓе од нашата земја. Сме претставиле исто така стотици наши уметници и културни работници, од сите области на културата. Зедно со странските автори и уметници, на Окно сме претставиле над илјада луѓе.



Во првите денови ги објавивме и целите кон кои се стремиме:

Окно е создавач на нови, веродостојни, креативни и квалитетни медиумски содржини. Окно е собиралиште на новите критички и креативни генерации пред сè од сферата на културата и активизмот. Ги покриваме темите и областите кои се важни за јавниот живот, а се слабо застапени во „меинстрим“ медиумите: јавни простори, книжевност, уметност, наука, теорија, историја, активизам, квир, Европа, регион, свет...

Исклучително важно ни е културното значење на Окно, особено зашто не постојат сериозни и влијателни медиуми за култура во нашата културно опустошена и брутализирана земја. Окно е важно и за самиот медиумски сектор, како знак дека можат да се прават и поинакви медиуми, непрофитни и несензационалистички. Окно е важно и во општествено‒политичко смисла, како добар пример дека некои работи можат да се прават поинаку, и пак да бидат влијателни и одржливи.

Суштината на нашата уредувачка политика е: отвореност кон полето на културата, кон невладиниот сектор и кон општествениот активизам, промовирање, афирмирање и продукција на културни и уметнички содржини, отвореност кон регионот и светот, критичност спрема власта, борба против национализмот, тесноградоста, поданичката свест...



Во уредничкиот тим на Окно (кој подразбира и седум графички дизајнери од графичкото студио КОМА) досега работеле или сè уште работат следниве луѓе: Никола Гелевски (2009‒), Небојша Гелевски (2009‒), Дамјан Јаневски (веб администратор, 2009‒), Марија Смилевска (2009‒), Александар Јосифовски (2009‒), Вангел Башевски Барми (2009‒2010), Владица Младеновски (2011‒2015), Владимир Лукаш (2011‒2015), Ѓорѓе Јовановиќ (2011‒2015), Владимир Јанковски (2009‒2011), Ѓорѓи Крстевски (2009‒2011), Иван Шопов (2012‒2017), Ненад Јолдески (2012), Алек Кузмановски (2012‒), Вангел Ноневски (2012), Теона Мицевска (2013), Ива Димовска (2013), Маријана Јанчевска (2013), Елена Митреска (2015; 2023/24), Јана Колева (2015), Бранислав Митровиќ (2016-2019), Јелена Димовска (2017‒), Владимир Јанчевски (2018), Александра Бубевска (2018-2020), Ѓоко Здравески (2018‒2019), Фросина Крушкаровска (2019‒2022), Ема Велковска (2019-2021), Гога Стојковска (2021‒), Ана Чушкова (2023), Марина Туфекчиевска (2022-2023)...

Сегашни уредници на Окно се Никола Гелевски, Алек Кузмановски и Елена Митреска. Графичкото уредување го прави студиото „Кома“, од 2009 до денес.



Важно е да напоменеме како порталот се финансираше овие петнаесет години. Најголем дел од парите (исклучиво за скромни хонорари) во првите осум години доаѓаа од Фондацијата Отворено Општество Македонија. Последниве пет години добиваме скромни грантови (од сто до двесте илјади денари годишно) од Министерството за култура на РС Македонија. Во два наврата добивме мали грантови од тогашната фондација на Трифун Костовски. И во оваа пригода им благодариме ‒ без нив Окно веројатно немаше да постои. Но, исто така е важно да се нагласи дека порталот од самиот почеток опстојува со малку пари и со многу рационално економизирање. Канцеларии никогаш немавме (освен првите година‒две, благодарение на здружението Контрапункт). Во добрите години трошевме околу 1000 евра месечно, за хонорари на пет‒шест луѓе. Во лошите години трошиме 500 евра месечно, плаќајќи го само најнеопходното.

Им благодариме на сите луѓе кои го создаваа Окно овие петнаесет години, уредници, соработници и луѓе кои ни ги праќаа своите прилози, најчесто бесплатно. Им благодариме, искрено и сесрдно, и на сите читатели и поддржувачи. Тие се енергијата што ни дава надеж и снага.

Иднината на Окно е неизвесна, впрочем како и сите наши иднини, поединечни и колективни. Живееме во морничава доба-природа (време-простор) во која, меѓу другото и преку Окно, се обидуваме да се ориентираме и артикулираме.

 

Гонсало М. Тавареш

Љубов

И Природата има своја задна врата

како тајните клубови;

а срцето, дури и заљубено, не е толку глупаво

како кокошката, да ја земеме за пример,

која е кадарна со часови да следи

линија со креда повлечена по земја.

Превод: П. В.


Слики:
Владимир Лукаш

ОкоБоли главаВицФото