Фондацијата Отворено општество одбележува 25 години работа во Македонија

02.05.2018 12:56
Фондацијата Отворено општество одбележува 25 години работа во Македонија

Со регионални и меѓународни настани на теми од општествено значење, Фондацијата Отворено општество - Македонија ќе ја одбележи 25-годишнината од своето работење.

Со низа регионални и меѓународни настани на теми од општествено значење, Фондацијата Отворено општество - Македонија (ФООМ) ќе ја одбележи 25-годишнината од своето постоење.

Во текот на месец мај ќе се организираат повеќе настани на кои учесници од Македонија и странство ќе дискутираат за значајни теми како што се влезот на Македонија во ЕУ, правното зајакнување, здравјето на Ромите, слободата и интернетот, младите и отвореното општество, образовните реформи, моќта на уметноста и културата за социјални промени, како и за иднината и перспективите на отвореното општество во Македонија.

Отворањето ќе се одржи во четврток (3 мај 2018), во Музејот на современата уметност во Скопје, со почеток во 19 часот. На овој настан ќе се одржи промоција на документарен филм и изложба – 25 години посветеност на градењето на отвореното општество во Македонија.

На овој настан ќе говорат Леонард Бенардо, заменик-претседател на Фондациите Отворено општество; г. Жорди Вакер, регионален директор на Фондациите Отворено општество за Европа и кодиректор на Европската иницијатива за отворено општество; Маја Бојаџиевска, претседателка на Управниот одбор на ФООМ; Владимир Милчин, поранешен извршен директор на ФООМ и Фани Каранфилова-Пановска, извршна директорка на ФООМ.

Во петок (4 мај 2018), Фондацијата Отворено општество – Македонија во соработка со Центарот за европски стратегии „Евротинк“ организира регионална конференција насловена „Зошто Европа, зошто сега?“, чиј фокус е перспективата на регионот за интегрирање во Европската Унија. Конференцијата ќе се одржи во Музејот на современата уметност во Скопје, со почеток во 11 часот.

На оваа конференција ќе говорат аналитичари, новинари, членови на граѓански организации од Македонија и регионот, додека завршните обраќања ќе ги имаат Никола Димитров, министер за надворешни работи на Македонија; Екатерина Захариева, министерка за надворешни работи на Бугарија (не е потврдено) и Одета Барбуљуши, шеф на кабинетот на министерот за надворешни работи на Албанија.

Најголемиот дел од настаните се организирани во соработка со долгогодишни партнери на ФООМ како Евротинк, Коалиција Маргини, Фондацијата Метаморфозис и Младинскиот образовен форум. Дел од одбележувањето на јубилејот ќе биде и изложбата за креативен активизам организирана во соработка со Центарот за современи уметности.