Чувствителната На Мириси

28.10.2010 16:42
img-nicole-eisenman_103748503859.jpg_standalone.jpg

 

Љубителот На Топли Солзи

Љубителот На Топли Солзи секојдневно оди во кино. Не секогаш мора да биде нешто ново, за него се добри и старите програми, важно е само да си ја исполнат целта и сериозно да изнудат солзи. Си седи тој така, незабележан, во темницата, и чека исполнување. Овој свет е студен и бесчувствителен, и без да се почувствуваат топли солзи на образите, едноставно, не би можело да се живее. Штом солзите почнат да капат, веднаш му олеснува на душата, се смирува и не се ни помрднува. Намерно не користи шамиче, бидејќи секоја солза мора да се излизга до крајот, а стигне ли до устата или брадата, или, пак, воопшто, успее ли да се слизне до вратот и оттаму да капне врз градите – тој тоа го прифаќа со воздржана благодарност и заздравува дури откако обилно ќе се искапе.

Меѓутоа, на Љубителот На Топли Солзи не секогаш му било толку лесно; имало и времиња кога бил упатен на сопствената несреќа, а кога тоа не се случувало, па морал да чека; честопати мислел дека ќе замрзне. Во животот се вртка несигурно наваму-натаму во пресрет на загубата, болката, неутешната тага. Но луѓето не умираат токму кога човек ќе посака да тагува; повеќето од нив се жилави и пркосни. Додека чека некој таков потресен настан се случува да почнат да му се тресат рацете и нозете. Но тогаш – токму да си помисли, ете бидна – кога, ништо не се случува, а потрошено е многу време; тој мора да продолжи со потрагата по нова прилика и одново да започне со исчекувањето.

Потребни беа многу разочарувања пред Љубителот На Топли Солзи да сфати дека во животот никому не се случува доволно за да ги наплати неговите трошоци. Се обиде со сешто, та дури и со радост. Но секој кој има искуство во тој поглед знае дека со солзи радосници не се стигнува толку далеку. И кога ќе ги наполнат очите – што се случува многу ретко – не почнуваат веднаш да течат, а што се однесува до траењето на нивното дејство, тоа е навистина тажно. Ниту бесот не се покажа како особено плодотворен. Изгледа дека постои само еден единствен повод кој делува доверливо: загубите; притоа имаат предност загубите од неотповиклива природа, особено кога ќе ги погодат оние кои тоа не го заслужиле.

Љубителот Љубителот На Топли Солзи зад себе има долгогодишна школа; сега е веќе вистински мајстор. Она што него му е ускратено, едноставно го бара кај другите. И токму тогаш кога не го засегаат ни туѓи, ни далечни, ни убави, ни невини, ни големи; нивното влијание е неисцрпно. Самиот тој не трпи никакви штети од тоа, па после киното мирно си тргнува накај дома. Повторно сè е по старо; веќе не се секира за ништо, а утрешниот ден нема да му донесе никакви грижи.

 

Чувствителната На Мириси

Чувствителната На Мириси се плаши од мирисите и бега од нив. Ги отвора вратите внимателно и, пред да го пречекори прагот, се колеба. Стои така, некое време, на половина пат – ни ваму ни таму, за да го надушка воздухот со едната ноздра; другата ја поштедува. Го пружа прстот во непознатиот простор и потоа го става под нос. Потоа со истиот ја затвора едната ноздра и помирисува со другата. Ако не се онесвести веднаш, чека уште некое време. Потоа со едната нога, отстрана, го пречекорува прагот, оставајќи ја другата надвор. Сега веќе сè е во ред и може да се обиде, но навремено се подложува себеси на последна проба. Се поткрева на врвовите од прстите и повторно душка. Ако мирисот и понатаму не се менува, веќе не се плаши од изненадувања, па ризикува и со другата нога. Внатре е. Вратата, низ која може да избега и да се спаси, останува ширум отворена.

Чувствителната На Мириси делува изолирано; каде и да се најде, околу себе има обвивка од внимателност; останатите додека седнуваат внимаваат на својата облека, таа, пак, на својата изолациска обвивка. Се плаши од жестоки реченици кои би можеле да ја пробијат, па затоа на луѓето им се обраќа тивко и очекува исто такви одговори. Никому не се приближува; движењата на другите ги следи од растојание кое непрекинато се обидува да го одржи; тоа е како кога би танцувала со нив, а истовремено би била одвоена од нив. Растојанието е постојано исто; избегнува секакво движење и секаков допир.

Во текот на зимата најдобро се чувствува во природа. Пролетта ја дочекува со страв. Тогаш почнуваат цутењето и мирисите, а со тоа и нејзините неподносливи маки. Внимателно избегнува одреден вид грмушки; се движи по свои сопствени и испреплеткани патчиња. Кога оддалеку здогледува како некој невнимателен го пика носот во јоргован, веднаш почнува да & се гади. За нејзина несреќа, толку е привлечна што мажите буквално ја прогонуваат со рози од кои успева да се спаси со брзо паѓање во несвест. Останатите тоа го сметаат за претерување и, додека таа сонува за дестилирана вода, нејзините обожаватели ги здружуваат своите смрдливи глави советувајќи се со кои цветни мириси би можеле да ја придобијат.

Чувствителната На Мириси важи за достоинствена, бидејќи избегнува секаков допир. Повеќе не знае како да се спаси од понудите за брак. Дури се закани дека ќе се обеси. Сепак, не го стори тоа; не ја поднесува ни помислата дека ќе мора да го поднесе мирисот на својот спасител, оној кој би и’ го пресекол јажето.


Сомничавиот

Уште од своето раѓање Сомничавиот знае дека никој не е подобар од него. Можеби го знаел тоа и порано, но тогаш не бил способен да зборува. Сега е речит и се труди да докаже колку е неподнослив овој свет. Секојдневно е во потрага по нови имиња во весниците; што мајка бара овој овде, извикува шокирано, та вчера го немаше! Ова е нечиста работа, некој тукутака да се провлече низ весниците! Го зема меѓу палците и показалецот, го става меѓу заби и загризува. Да не зборуваме колку бедно попушта овој нов створ. Пфф, нека оди по ѓаволите и тој восок! И тој сакал да стане некаков метал!

Повеќе нема мир, почнува да истражува; ако нешто сфаќа сериозно, тогаш тоа е јавноста; што се однесува до измамата, тука никој не му e рамен; ќе му покаже тој на новото име! Од првиот момент на откритието внимателно го следи секој чекор на овој изрод. Изјавил нешто погрешно, а притоа и не знае да пишува. Каде ли, добога, одел на училиште? Навистина ли студирал или само така кажува? Зошто никогаш не се оженил? И како ли го поминува слободното време? Како тоа никој до сега не слушнал за него? Па, каде беше тој вчера, завчера? Ако е стар, тогаш долго му требало за да се појави, ако е млад, прво нека излезе од пелени. Потоа Сомничавиот го бара по сите постоечки лексикони и на сопствено задоволство никаде не го наоѓа.

Може да се каже дека Сомничавиот буквално живее со измамник; непрекинато зборува за него и го сонува. Се чувствува оптоварен со него и прогонуван; и упорно одбива да му издаде свидетелство за репутација. Кога доаѓа дома и најпосле посакува малку мир, го става во ќошето на собата и заканувајќи се со камшик, му вели: лежи! Меѓутоа, итрото ново име има трпение и чека; од себе шири некој чуден мирис и, додека Сомничавиот спие, остро му го надразнува носот.


Брзоплетиот

Брзоплетиот обично зборува додека вози лизгалки и претекнува пешаци. Зборовите му испаѓаат од уста како празни лешници. Тие се лесни, зашто се празни, а сепак, ги има многу. На илјада празни доаѓа еден со јатка, ама и тоа е случајност. Брзоплетиот не кажува ништо за што однапред треба да размисли; го кажува пред тоа. Не зборува со срцето, туку со врвот на јазикот. Сосем сеедно му е што ќе каже, само да почне. А потоа, намигнувајќи, дава знак дека не е крај, дека продолжува; потоа повторно намигнува и така сè додека оној другиот не престане да се надева и почнува да го слуша.

Брзоплетиот никогаш не седнува – седењето е многу бавна работа; повеќе сака да јури низ лизгалиштата каде што сè е светло и мазно и каде што другите, нему слични, му се воодушевуваат. Избегнува темница. Просто ги голта весниците. Ги чита небаре разговара со нив, толку брзо; еве веќе му упаѓаат во збор, му го извлекуваат од уста и известуваат за вчера и завчера. Што се однесува до времето, со него, лесно излегува на крај. Додека останатите се влечкаат паралелно со него, тој веќе го остава зад себе, дури и го престигнува; никогаш не зема воздух за да дишe. Па, дури му е сеедно и кој весник го чита; извлекува кој било од еден куп; ниту еден не е стар; само да бидат различни, а насловите лесно се заменуваат.

Брзоплетиот сè уште се нема пресоблечено, та на него и онака ништо не може да се задржи. Само што ќе се ослободи од луѓето и облеката, без да забележи, веќе налетува на други. А што се однесува до луѓето, сите имаат исти имиња кои се повторуваат. Кога не се може без име, кажува кое било и повторно намигнува; уште не го ни изустил, а луѓето веќе мислат дека тоа е некоја шега, па натаму не ни прашуваат.

Роднините му служат за вежбање. Нив не ги смета за ништо поразлични од останатите; сепак, не му се допаѓа тоа што не се сосема нови. Ќе беше подобро да можеше да ги замени со други, па и нив со некои други и така натаму, бидејќи премногу придаваат значење на тоа да се запознаат со некого и лесно да го злоупотребат моментот за да отворат уста и нешто да кажат.

Превод од германски: Бисера Анастасова

Слики: Никол Ајзенман

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото