Карантински песни (3)

27.04.2020 12:00
Карантински песни (3)

 

 

ПРИЛОГ КОН СТАТИСТИКАТА


На сто луѓе

оние кои сè знаат подобро
‒ педесет и двајца;

несигурни при секој чекор
‒ речиси сите други;

спремни да помогнат
ако тоа не трае предолго
‒ дури четириесет и деветмина;

секогаш добри
бидејќи поинаку не можат
‒ четворица, можеби петмина;

способни без завист да се восхитуваат
‒ осумнаесетмина;

оние што живеат во постојан страв
од некого или нешто
‒ седумдесет и седуммина;

способни за среќа
‒ најмногу дваесет и нешто;

поединечно безопасни,
кои здивуваат во толпа
‒ сигурно повеќе од пола;

окрутни,
кога околностите ќе ги принудат
‒ подобро да не знаеме
дури ни приближно;

генерали после битка
‒ нешто повеќе
отколку генерали пред битка;

кои од животот сакаат само материјални ствари
‒ четириесетмина,
иако би сакала да грешам;

згрбавени, заболени
без ламба во мракот
‒ осумдесет и тројца,
порано или подоцна;

достојни за сочувство
‒ деведесет и деветмина;

смртни
‒ сто од сто.
Бројка засега неподложна на промена.




ЗА СМРТТА БЕЗ ПРЕТЕРУВАЊЕ

Не се разбира во шеги,
во ѕвезди, во мостови,
во ткаење, во рударство, во земјоделство,
во градење бродови и печење колачи.

Во нашите разговори за плановите за утре
таа го уфрла својот последен збор
кој не се поклопува со темата.

Не го умее дури ни она
непосредно поврзано со нејзината струка:
ни гроб да ископа,
ни мртовечки ковчег да склепа,
ни да потсреди зад себе.

Заземена со убивање,
го прави тоа неспретно,
несистематично и невешто.
Како врз секој од нас токму да учи.

Триумфи, триумфи,
но колку и порази,
промашени удари
и одново преземени обиди!

Понекогаш ѝ фали сила
да сруши муза во воздух.
Со многу гасеници
ја губи трката во ползење.

Сите оние џиџиња, махунки,
пипала, перки, трахеи,
свадбените пердувчиња и зимските крзна
сведочат за заостанувањето
во нејзината несаглам работа.

Лошата волја не е доволна,
дури и нашата помош во војните и превратите,
барем засега е премала.

Срца чукаат во јајцата.
На бебињата им растат скелети.
Семето ги стекнува своите две први ливчиња,
а често и високите дрвја на хоризонтот.

Кој тврди дека е семоќна,
самиот е жив доказ
дека семоќна не е.

Нема живот
кој барем за момент
не бил бесмртен.

Смртта секогаш за тој момент
стигнува со задоцнување.

Залудно ја тресе кваката
од невидливата врата.
Кој толку постигнал,
тоа не може да му се одземе.



 

МОЖЕБИ СЕТО ТОА

Можеби сето тоа
се случува во лабораторија?
Под една ламба дење
и милијарди ноќе?

Можеби сме експериментални генерации?
Пресипувани од чинивче во чинивче,
протресувани во епрувети,
набљудувани со нешто поголемо од око,
секој засебно
на крајот дофатен со пинцета?

Или можеби:
нема интервенции?
Промените се случуваат сами,
според планот?
Иглата на дијаграмот полека ги испишува
предвидените цик-цак цртички?

Можеби како и обично кај нас ништо не е интересно?
Контролните монитори ретко се палат?
Само кога е војна и тоа поголема,
понекој лет над грутката Земја,
или пробни патувања од точката А до Б?

А можеби спротивно:
таму уживаат само во епизоди?
Еве мало девојче на голем екран
си пришива копче на ракавот.
Сензорите пискаат,
персоналот се собира.
Ах какво е тоа мало суштество
со срценце што внатре чука!
Каква милна сосредоточеност
на провлекувањето конец!
Некој во занес вика:
Информирајте го Шефот,
нека дојде и види со свои очи!

ТРИТЕ НАЈНЕОБИЧНИ ЗБОРОВИ

Кога го изговарам зборот Иднина,
првиот слог веќе заминува во минатото.
Кога го изговарам зборот Тишина,
ја нарушувам.
Кога го изговарам зборот Ништо,
создавам нешто што не се сместува во некакво непостоење.

Избор и превод: П. В.
Слики: Virginia Mori

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото