Објавени резултатите од конкурсот за проекти во културата

24.02.2021 15:36
Објавени резултатите од конкурсот за проекти во културата

Министерството за култура денеска (24 февруари) ги објави резултатите од Годишниот конкурс за финансирање проекти од национален интерес во културата за 2021 година.

Од Министерството велат дека со 11 милиони евра се поддржани проекти кои се во функција на развојот, афирмацијата и промоцијата на културата, заштитата и промоцијата на културното наследство на земјата и сето тоа дополнето со проекти од младите и за младите. Оттаму потенцираат дека особено внимание било посветено на еднаквата родова застапеност, на инклузијата на лицата со попреченост и на интеркултурниот дијалог.

Министерката Ирена Стефоска рече дека со резултатите доцнеле поради пандемијата, но и поради намален буџет од 3 милиони евра поради поранешни нерегуларности кои сега се предмет на проверки од надлежните институции.

„За првпат не се преземаат обврски повисоки од буџетските средства. За распределба на 11 милиони евра, пари на даночните обврзници, пристигнаа 6.352 апликации – рекорден број“, рече Стефоска

Министерката сепак посочи дека голем дел од кандидатите имале несоодветно и нецелосно пополнети апликации, рече дека е разочарана што дел од апликантите побарале непристојно големи суми, а истакна и дека дел од корисниците се обидувале да го изиграат конкурсот.

„На разни начини се протнуваат низ дупките во системот. На пример, еднаш се појавуваат како автори, друг пат како уредници, па како консултанти, учесници во манифестација, членови на жири комисии. Едноставно кажано, исти лица си конкурираат сами на себе. Со тоа Конкурсот ја изгубил смислата на натпревар. Неретки се и оние кои аплицираат со „копи-пејст“ проекти, односно со проекти за кои веќе биле поддржани изминатите години. Во еден ваков сложен и крајно проблематичен контекст, и комисиите и јас како Министерка зазедовме став за една суштинска позиција – да се обезбеди одговорна, транспарентна и праведна дистрибуција на парите на даночните обврзници за културата“, рече Стефоска.

Министерката изрази убедување и дека во резултатите културната јавност ќе го препознае напорот за напуштање на принципот „по малку за сите“, бидејќи според неа таквиот принцип ја обесмислува културата и ја убива креативноста.

Претседатели на комисиите кои ги разгледуваа пристигнатите пријави по одделни дејности се: за литература и издавачка дејност – Весна Димовска; за драмска дејност – Фирдауз Неби; за фолклор и сценско-уметничка дејност – Емин Гаџа; за музичка и музичко-сценска дејност – Бранка Костиќ-Марковиќ; за визуелни уметности, архитектура и дизајн – Соња Абаџиева; за интердисциплинарни проекти – Зоран Петровски; за меѓународна дејност – Јане Бакевски; за заштита на недвижното културно наследство и заштита на аудиовизуелни добра – Љуљета Абази; за музејска дејност – Фросина Зафировска; за библиотечна дејност – Славица Србиновска.

За проектите што се избрани и за проектите што се одбиени на Годишните конкурси за финансирање проекти од национален интерес во културата за 2021 година по дејности и области се донесуваат решенија.

Учесниците на Конкурсот можат да поднесат жалба против добиеното решение во рок од 15 дена од денот на приемот на решението до Државната комисија за одлучување во управна постапка и постапка од работен однос во втор степен.