Берлускони - благослов и проклетство

22.12.2010 12:45
Силвио Берлускони

Една бура во Италија помина, а втората, можеби уште поголема, допрва ќе почне. Италијанската политика стана пејзаж на парадокси и спој на неспоивото, што не се случува првпат. Имено, премиерот, кој доби огромна поддршка од гласачите пред две години, кој триумфираше на изборите, кој „преживеa“ две гласања за доверба во парламентот и кој и понатаму е популарен, постојано трпи притисок од дел од јавноста.

Поминаа 16 години откако Силвио Берлускони, „благословот и проклетството“ за Италијанците, влезе во политичкиот ринг. Половина од овој период помина на власт, а се стекнува впечатокот дека владее постојано, имајќи ја предвид неговата доминација, како што дефинираше Џулијано Фераро, уредник на списанието Folio. Иако ерата на Берлускони се ближи кон својот крај, неговото сонце не сака да зајде.

Берлускони, владетел на разновидно медиумско царство (телевизии, радио-станци, печат, интернет, филмови, маркетинг и издаваштво), реши да основа политичка партија во време кога веруваше дека постои можност посткомунистите да однесат победа. Сè до 2006 г. се потпираше на три столба: федералистите од Северната лига, постфашистите предводени до Џанфранко Фини и католичката Унија на центарот, чиј лидер е Пјер Фердинандо Казини. Во 1994 г. Фини и Казини имаа по околу 40 години и беа сметани за ѕвезди во подем на италијанската политичка сцена. Сојузништвото со Берлускони навистина им овозможи да остварат успех, но сепак не можеа да ја стигнат славата на овој тајкун, поради што се чувствуваа како малцинстки десничари.

Во 2008 Казини му го сврте грбот на Берлускони. А гласањето за доверба на Владата значеше конечно разидување со водачот на италијанската десница, Фини. Во обата случаи Берлускони забележа победа, но плати висока цена, бидејќи се намали бројот на пратеници на владејачката партија. Се стенува впечатокот дека премиерот поради тоа стана заложник на единствениот партнер во Владата – Северната лига, чии позиции се значително подобрени. Затоа, не изненадува податокот дека Лигата се залага за одржување нови избори напролет, за разлика од Берлускони кој настојува повторно да создаде коалиција со Казини.

Иако Берлускони и понатаму е силен водач, неговиот опстанок во фотелјата е доведен во прашање. Кога станува збор за меѓународната политичка сцена, во доверливите документи на САД кои неодамна ги објави Викиликс е откриена сомничавоста на Американците спрема Италија, која не се однесува само на наводните тесни врски со Русија на Путин, Либија и Иран.

Она што можеби предизвикува најмногу чудење меѓу Англосаксонците е одважноста на Берлускони во поглед на начинот на кој ја користи власта – не само однесувањето кон младите и привлечни жени, туку и ставањето на интересите на компаниите кои се во негова сопственот на прво место. Колку за илустрација, одлуката на Владата во Рим да ја поддрши компанијата на Берлускони Mediaset во спорот со медиумската мрежа Sky, чиј сопственик е Руперт Мардок, предизвика многу поголемо внимание во светот отколку во Италија.

Наспроти тоа, Берлускони ја доживува својата „комерцијална дипломатија“ како исклучително одбранбено оружје, со што можеби се објаснува зошто не се грижи толку како се гледа на неговите потези во странство. Истовремено, се стекнува впечаток дека не е загрижен за своите позиции на домашен терен бидејќи неговите противници се длабоко поделени и не се способни да придобијат доволен бој гласачи.

Политичките прилики не се розеви за Берлускони. На пример, министерот за финансии, главен креатор на фискалната политика, не успеа да ги спроведе економските реформи. Исто така, веќе избија општествени немири, бидејќи студентите и радикално настроените синдикати организираа протести на кои имаше насилство.

Постои можност ситуацијата да биде уште потешка во наредната година, бидејќи поради порастот на невработеноста се намалува куповната моќ на италијанските домаќинства. Истовремено, постои можноста дека владата ќе биде принудена да спроведе дополнителни мерки на штедење. Наспроти проблемите, Италија е силна држава која знае како да се избори со економската криза. Но останува прашањето дали ќе биде во состојба да ја надмине политичката криза.

Авторот е главен уредник на месечникот Formike

Извор: danas.rs

ОкоБоли главаВицФото