Промашувањата на Берлускони

05.12.2011 13:06
Промашувањата на Берлускони

Италијанците отсекогаш биле „слаби“ на авторитарни личности. Цареви, кралеви, принцови или деспоти се менуваа на власт од времето на Римското царство. Последната доминантна личност, Силвио Берлускони, кому соработниците му го свртија грбот, неодамна поднесе оставка на функцијата премиер. Политичките поделби, старосните ограничувања и емотивната исцрпеност го натераа да каже дека повторно нема да се кандидира.

Падот на Берлускони го означува крајот на едно од најконтроверзните поглавја во поновата историја на западната демократија. Историјата ќе им суди на делата на Берлускони, но Италијанците остануваат поделени кога станува збор за тоа. Сепак, сите се согласуваат дека тој никогаш не беше прв меѓу еднаквите. Најпосветените приврзаници сметаа дека тој е просветен монарх, човек кој се откажал од успешното занимавање со приватен бизнис за да и’ помогне на Италија да се подигне од пепелот на повеќепартискиот систем, воспоставен по Втората светска војна, кој е урнат заради корупција од голем обем. Противниците на Берлускони го сметаа за демократски избран деспот, кој ја злоупотребуваше функцијата заради свои бизнис интереси.

Што и да си мисли некој, приказната за растот и падот на Берлускони е опишана одамна, за време на Ренесансата, во класичното дело на Никола Макијавели „Владетелот“. Берлускони внимателно ги следеше сите учења на Макијавели за стекнувањето и одржувањето на власта, освен едно, а токму тој пропуст ја запечати неговата судбина. Според мислењето на Макијавели, водечкиот граѓанин станува владетел со волјата на своите сограѓани доколку тие сметаат дека неговата власт потекнува од способноста да ги брани од елитите (во тоа време, благородниците). Кога во 1994 година Берлускони ја почна својата политичка авантура, Италијанците сакаа да ги заштити од владејачката класа за која излезе дека длабоко е навлезена во корупција. Тој се престави како милионер кој се збогатил потпирајќи се на сопствената сила и кој сака да влезе во политиката за доброто на својата држава. Неговото огромно богатство претставуваше симбол на неговата искреност.

Но, Берлускони исто така го гарантираше опстанокот на политичката класа која го загуби кредибилитетот. Многу политички лидери во Италија беа обвинети за корупција и ја изгубија поддршката по падот на Советскиот Сојуз, додека десничарите повторно не ја стекнаа довербата на граѓаните заради своето фашистичко наследство. Берлускони личеше на спасител, а останатите политичари или му се приклонуваа или отворено беа против него. Неговата партија беше втемелена на толку силен култ на личноста што дури и во времето кога ја предводеше опозицијата, тој преставуваше централна личност во италијанската политика. Берлускони исто така знаеше како да ја задржи власта. Според мислењето на Макијавели, поданиците на владетелот слават зашто тој создава илузија дека ги исполнува ветувањата. Фактот дека стана сопственик на водечките ТВ станици и весници во Италија му ја олесни работата на Берлускони, кој понекогаш исто така прибегнуваше на цензура на електронските медиуми во државна сопственост. Неговите медиуми објавуваа полувистини, опишувајќи држава која има стабилна економија и добра репутација на меѓународната сцена, иако Италија одеше во пропаст заради забавениот стопански раст, правните скандали и недостатокот од долгорочни цели.

Макијавели тврди дека владетелот треба да биде добро подготвен за да се избори со надворешните сили. Во случајот на Берлускони, тие сили всушност беа внатрешни, но тој не беше во состојба да ги контролира. Неговиот најголем пријател беше правосудниот систем. Се соочи со 16 судски процеси заради различни престапи кои наводно ги извршил пред или за време на политичката кариера, но донесе неколку закони за да се заштити себе и своите соработници од правно гонење, тврдејќи дека комунистите коваат завера против него. На крајот, дојде паѓањето во амбисот. Макијавели смета дека владетелот не треба да има морални обѕири кога сака да ги оствари своите цели, односно дека целите го оправдуваат средството, но Берлускони, чии позиции слабееја, не го послуша овој совет.

За да ја задржи власта во најдраматичните месеци од својата политичка кариера, Берлускони придоби многу пратеници на тој начин што се однесуваше заштитнички кон нив, јавно ги напаѓаше своите противници и се обиде да го измени кризниот буџет усвоен во јули за да ги заштити интересите на сопствените компании. На тој начин скршна од патот на Макијавели. Макијавели тврди дека поданиците секогаш треба да мислат дека крајна цел на владетелот е грижата за општото добро, а не неговите сопствени интереси. Берлускони погрешно ја сфати наведената лекцијата. Тој редовно го принудуваше парламентот да биде во служба на неговите лични, деловни и правни интереси. На крајот од својата политичка авантура, го изгуби осетот за реалноста и не можеше да види дека јавноста чувствува сè поголем гнев заради лошата економска ситуација.

Авторот е економски советник на италијанскиот Сенат.

Извор: project-syndicate.org

ОкоБоли главаВицФото