Нешармантната дискретност на догмите

30.06.2023 13:03
Нешармантната дискретност на догмите

 

МПЦ-ОА организираше протест против предлог Законот за родова еднаквост и измените на Законот за матична евиденција.

А како може да се оправда протест против унапредување на некое право? Само со упатување на догми, доволно дискретно претставени за да не бидат препознаени како догми. Преку ширење страв дека нечие право ќе ја загрози иднината на децата. Преку промовирање „традиционални вредности“, истовремено прикривајќи дека, историски гледано, традиционалните вредности се однесуваат на опресија и хиерархиски строго определени улоги што ги угнетуваат сите на пониските слоеви од хиерархијата. Преку прикривање дека унапредувањето на правата на жените, на ЛГБТ+ заедницата и сечии други права, е придобивка буквално за сите.

Во текот на Првата светска војна, во Британија биле објавени неколку песни од Вилфред Овен и Зигфрид Сасун, поети и учесници во војната. Песните целосно ги шокирале читателите, опишувајќи ги ужасите на војната и застапувајќи антивоени гледишта. А ги шокирале зашто само една година и некој месец претходно, на почетокот од војната, сè уште биле широко распространети и промовирани традиционалните и длабоко патријархалните вредности на покажување доминација во име на „националната чест“, милитантна реторика, воспевање на спремноста доброволно да се оди во војна... Со појавата на поезијата на Овен и Сасун, јавното мислење полека почнало да се менува. Одеднаш еден друг вид песни, оние патриотските на Руперт Брук или Џон Фридман, „станаа дегутантни анахронизми во контекст на реалноста на рововските битки... па дури и срамно безобзирни“ (Стивен Гринблат et al.).

Приближно во исто време како објавувањето на песните на Овен и Сасун, во април 1915 година, во Хаг се одржал првиот Меѓународен конгрес на жени организиран за да се преземат активности за воспоставување мир. Само на 20 Британки од 180 кои требало да учествуваат на Конгресот, им биле издадени пасоши, додека на другите не им биле издадени поради нивните антивоени гледишта (Хана МекКен et al.). Во согласност со традиционалните вредности, и во други земји имало слични случаи. Двете главни заложби на Конгресот биле да се укаже на универзалното страдање, како и да се овозможи право на глас на жените, со образложение дека ако можат да гласаат, ќе можат да влијаат и врз меѓународната политика во правец на заложби за мир.

Ова се само два примера од Првата светска војна. Историски гледано, има уште милиони примери (во буквалната, не во преносната смисла на зборот), кои покажуваат дека овозможувањето разнородни гласови (на учесници во војната, на жени, на пример) наспроти промовирањето само на традиционалните патријархални гласови, доведува до редуцирање на воинствената реторика. Дека традиционалните вредности се засноваат на доминација и строги поделби меѓу тоа кому што му е дозволено или забрането, па поради тоа е добро да се поткопуваат. Дека цивилизацискиот, културолошкиот и духовниот напредок на општеството се мери според односот кон правата на маргинализираните. Не традиционалните вредности, туку покажувањето љубов и поддршка се и отсекогаш биле прогресивни, револуционерни и позитивни за благосостојбата на луѓето и за градење здраво општество.

МПЦ нема аргументи дека промената во законот ќе доведе до какви било негативни последици по децата или кои било други граѓани во земјава. Ниту има аргументи дека традиционалните вредности се толку посакувани и толку позитивни за добросостојбата на луѓето колку што таа сака да ги прикаже. Па упатува на авторитативниот верски текст наместо на аргументи и примери од реалноста. Повикувањето на принципи одредени од авторитативен извор како единствено вистинити, без докази, проверка или преиспитување по дефиниција е догма.

Затоа дел од констатациите искажани во говорот пред соборниот храм „Св. Климент Охридски“ се неосновани и необјаснети. Зошто нови, поинакви од досегашните, идеи би биле причина за страв? Зошто во изработка на законите да не бидат консултирани експерти од различни организации и движења? Дали постои свест дека самостојните и реализирани жени, на кои беше упатено во говорот, се самостојни и реализирани благодарение на заложбите на претходни генерации за унапредување на правата ускратени традиционално од институциите? Посебна негативна приказна се и споменувањето на генерални поими без референти, како „злото“ или „гревот“, кои потенцијално може да се припишат секому, што е крајно опасна можност за манипулација.


Кога во комуникација некој се повикува на авторитативно начело, а друг на аргументи, разбирањето оди тешко. Тогаш не станува збор само за различни гледишта, туку за целосно различни пристапи во комуникацијата.

Има едн расказ од Урсула Ле Гвин, “The Ones Who Walk Away from Omelas”, во кој сите граѓани живеат во благосостојба благодарение на тоа што во еден подрум, во ужасни услови, оставиле да живее затворено едно дете. Секој кој го прочитал расказот (секој кој би го прочитал) го осудува општеството во Омелас и сочувствува со детето. Од некоја причина, кога станува збор за праксата, ретко кој го препознава тоа дете во своето општество и уште поретко се гледа себеси како припадник на Омелас кој го оставил детето да живее во таквите нехумани услови. Кога би го препознале, веројатно голем дел не би учествувале во протести против човеково право.

Извор за стрип панелите: Pappy's Golden Аge

ОкоБоли главаВицФото