Како нашето тело се соочува со стресна ситуација?

02.08.2023 14:41
Како нашето тело се соочува со стресна ситуација?

За време на стресни ситуации нашето тело активира механизми кои ни помагаат да се справиме со новиот проблем. Еве какви промени се случуваат во нашето тело.

Се враќате дома доцна во ноќта и одеднаш пред вас се појавува темна фигура? Вашите зеници се шират, а мускулите се стегаат додека ве обзема нагон за бегство. Можеби допрва ве очекува јавен говор пред толпа луѓе? Вашето срце почнува да чука се побрзо како да ќе ви скокне од градите, но во себе наоѓате храброст да се соочите со стресот. Од каде доаѓаат овие реакции? Како мозокот го подготвува нашето тело да се справи со стресна ситуација?

Стресот предизвикува верижна реакција која ги вклучува нервниот и ендокриниот систем, и како резултат на тоа, во нашето тело започнува синтеза на хормоните на стресот. Ваквиот одговор на организмот има за цел да не заштити кога ќе се најдеме во потенцијална опасност, при што хормоните на стрес играат клучна улога.

Првите чекори во проучувањето на стресот

Еден од пионерите во областа на проучувањето на стресот е Волтер Бредфорд Канон, американски физиолог од Универзитетот Харвард. Во своите експерименти, Канон следел различни физиолошки промени кои се случуваат во организмот во состојба на стрес. Како резултат на своето истражување, на почетокот на минатиот век, Канон го воведе терминот хомеостаза. Хомеостазата е физиолошка рамнотежа и се однесува на одржување на стабилноста на внатрешната средина на организмот.

Доколку некој физички или психолошки фактор ја наруши внатрешната рамнотежа, тогаш организмот се наоѓа во состојба на стрес. Стресот претставува секоја промена во внатрешната или надворешната средина која бара од нашето тело да се прилагоди, како одговор на стресната ситуација или настан кој може да претставува закана.

Кои се најважните хормони за стрес?

Кога организмот е под стрес, хипоталамусот - контролниот центар на нашиот мозок, иницира каскадна реакција која резултира со ослободување на хормоните за стрес, како што се адреналинот и кортизолот. Овие два хормона преку крвотокот пренесуваат пораки до целните органи, за телото да може адекватно да одговори на промените во околината. Ослободувањето на хормоните на стрес е начин на кој природата нѐ подготвува да се соочиме со опасноста и да ги зголемиме шансите за преживување.

Кортизол

Кортизолот е глукокортикоиден хормон кој се произведува во кората на надбубрежните жлезди, кои се наоѓаат во близина на врвот на бубрезите. Глукокортикоидите се вид стероидни хормони и имаат бројни важни улоги во нашето тело. Кога ќе влезат во крвотокот, овој хормон ги забавува сите физиолошки функции кои не се неопходни во ситуација опасна по живот, како што е работата на дигестивниот и репродуктивниот систем.

При соочување со стресна ситуација, нивото на кортизол во телото расте, а црниот дроб почнува да ослободува поголеми количини шеќер (гликоза) во крвотокот. Тогаш организмот ги претвора мастите и јаглехидратите во енергија, која многу брзо ги снабдува мускулите, така што телото би можело да одговори на заканувачката ситуација. Врз основа на ова, кортизолот е директно одговорен за инстинктивната реакција „бори се или бегај“, кој ни помага да преживееме кога ќе се најдеме во непосредна опасност.

Адреналин

Адреналинот е еден од катехоламините, вид хормон кој се произведува во сржта на надбубрежната жлезда. Адреналинот преку крвта допира речиси до сите органи, каде што се врзува за рецепторите, за да ја изврши својата функција. Овој хормон делува така што ги шири зениците, ја забрзува работата на срцето, го забрзува дишењето и ги шири бронхијалните цевки во белите дробови.

За време на напливот на адреналин во телото, доаѓа до стегање на крвните садови (вазоконстрикција) во внатрешните органи, така што крвта би можела да се насочи кон мускулите. Под дејство на адреналинот, рецепторите за болка во телото можат да отапат, овозможувајќи ни да трчаме или да се бориме дури и кога сме повредени. Денес, синтетички произведениот адреналин се користи како лек за разни кардиоваскуларни заболувања, како и примена кај тешки алергиски реакции - анафилактичен шок.

Реакција „бори се или бегај“

Во 1915 година, Волтер Канон бил првиот кој ја опишал реакцијата на организмот „бори се или бегај“. Во текот на своите истражувања најмногу се занимавал со работата на дигестивниот систем кој е под контрола на парасимпатичкиот дел на автономниот (вегетативен) нервен систем. Кенон заклучил дека овој систем успорува во стресни ситуации, бидејќи не е од суштинска важност за преживување. Од друга страна, забележал дека при стрес, симпатичкиот нервен систем се активира со нагло ослободување на хормони, кои го подготвуваат телото да остане и да се соочи со заканата или да побегне на безбедно.

Телото може да остане во состојба на стрес и до 60 минути откако ќе престане опасноста. Кога парасимпатичкиот нервен систем повторно ќе се активира, телото се враќа во состојбата во која било пред стресот. Отчукувањата на срцето се забавуваат, крвниот притисок опаѓа, а дигестивниот систем продолжува да работи нормално. Оваа состојба се нарекува „одморај и вари“. Кенон објаснил дека реакцијата „бори се или бегај“ е вроден механизам кој ни овозможува да се соочиме со стресна ситуација и да ја надминеме воочената закана, како и тоа дека таа игра клучна улога во нашиот опстанок.


Слики: Кит Негли

Извор:https://nationalgeographic.rs/

ОкоБоли главаВицФото