Машината за перење алишта

11.07.2011 09:57
Машината за перење алишта

Дали некогаш искрено сте се прашале како изгледало перењето алишта пред да влезат во нашите домови машините за перење алишта? Дали имате претстава колку време, труд и енергија се вложувале за она што денес го правиме со само едно стискање на копчето?

Имате ли воопшто идеја за тоа колку семејства во светот немаат ваква машина? Колкумина од нив и денес тоа го прават на ист начин на кој во „развиениот свет“ се правело пред 50 години?

Одговорите на овие прашања ги даде шведскиот статистичар Ханс Рослинг на TED Woman конференцијата која се одржа во декември 2010 г. Во своето предавање за машината за перење алишта тој се обидува да го подели светот во неколку категории и да ни ги прикаже суштинските разлики меѓу жителите на одредени региони. Исто така Рослинг се обидува да го предвиди економскиот раст на овие групи и нивната материјална состојба во 2050 г.

Рослинг се присетува на мигот кога неговото семејство за првпат купило машина за перење алишта и какво влијание имала таа врз нив. Се присетува на својата баба која пред машината поставила стол и го изгледала целиот процес на перење. Иако денес ова ни делува тривијално, купувањето машина за перење алишта од корен го менува општеството, бидејќи на жените им овозможува да се занимаваат со нешто покреативно и попродуктивно одошто со долга и тешка физичка работа. Тој исто така забележува уште еден интересен аспект кај феноменот со машината за перење алишта, а тоа е односот на студентите кон нив. Имено, многу студенти во Шведска денес се обидуваат да бидат еколошки свесни и наместо коли возат велосипеди, промовираат штедење на енергијата и слично, ама никој од нив не се буни против машините за перење алишта. Иако овие направи се далеку поштетни за околината од рачното перење, никој не се осмелува да се откаже од нив, за разлика од автомобилите, каде што многумина се подготвени да купат многу поскап хибрид или дури многу побавен автомобил на струја.

Ханс Рослинг е еден од водечките светски стручњаци од областа на глобалното здравје. Тој е статистичар кој се обидува да ги прикаже податоците на интересен и очигледен начин. Тој е чест предавач на TED конференциите, а е претседател на фондацијата Gapminder (www.gapminder.org).

Извор: НИН

ОкоБоли главаВицФото