„Македонија до Токија“, „Брат Љубе“ на робија

02.12.2011 13:01
„Македонија до Токија“, „Брат Љубе“ на робија

Замислете, неколку места по Виена, усмрденото ни Скопје се нашло на листата на најдобри градови за живеење. Така вели насловот „Виена, неколку места... па Скопје најдобар за живеење?!“ Насловот во „Вечер“ е едно, а скопската реа-лност е друго: „Втора година по ред Виена е најдобро место за живот во светот, според листата од 221 град... Македонската престолнина годинава напредуваше за едно место од ланското 151 место...“ Зошто насловот не е „Виена, 149 места... па Скопје најдобар за живеење“? Па, зашто пропагандистите се тука за да ја претворат лошата вест во добра. Така, „149 места“ станале „неколку места“ . Нестрпливо ги очекувам следните наслови во „Вечер“: „Дунав, неколку места... па Вардар најголем во ЕУ“; „Моцарт куглите, неколку места, па скопските гурабии највкусни слатки“...

Замислете, пак ударен наслов во „Вечер“– „Македонија ѝ нуди на Грција рок за решавање на името!“ Што ли му стана на времево откако Паско стави три часовници, зарем не работи веќе за нас? Од каде баш сега овој непристоен предлог со „рок за решавање на името“? Па, нели во понеделник ќе добиеме пресуда од Хаг во наша полза, и ЕУ ќе мора да започне преговори со нас без решение на спорот за името? Згора на тоа, зошто молиме да нè примат во „пропаднатото друштво“ од „педери“, „евроталибани“ и „евроболшевици“ кое, нели, сака „да нè збрише од лицето на Земјата"? Тешко на Неделко Миленковски и Велинка Мирковска, со вакви непристојни предлози. Што ќе прават сега, откако успешно нè убедија дека прекарот не значи промена на името? Дали ќе нè убедуваат дека на Љупчо не му се смени идентитетот откако стана Љубчо? Дали ќе нè уверуваат дека на ВМРО-вецот Митре ептен му тргна откако си го смени името во Мартин, па сега е најголем борец против промена на името во Брисел? И каде е „пастирот“ да му го објасни на послушното стадо патриотскиот став „Ако треба и прекар ќе си најдеме, само да почнеме преговори со ЕУ“? Ете, каде ми ти бил – си пишува во „Вечер“. Го промовира новиот концепт: „Македонија до Токија“.

Замислете, во текстот „Македонија до Токија“ пишува дека Груевски му изразил благодарност на јапонскиот премиер „за досегашната финансиска и техничка поддршка од Јапонија, особено успешната реализација на повеќенаменскиот хидро-проект Злетовица, кој беше финансиран од јапонска страна“. Една реченица, а две манипулации. Прво, што значи тоа „финансиран од јапонска страна“? На интернет страницата „Хидросистем Злетовица“ пишува дека „Главен инвеститор на проектот е владата на Република Македонија“ која зела „јен-кредит со поволни услови“. Кој се обидува кредиторите да ги претстави како инвеститори? Втората манипулација е „успешната реализација на повеќенаменскиот хидро-проект Злетовица“. Како може проектот да е „успешно реализиран“ кога е завршена само првата фаза, а втората и третата фаза не се почнати затоа што јапонските кредитори си заминаа? Но, штом може „Македонија до Токија“ – тогаш може и Злетовица да е успешно реа-лизиран проект.

Замислете, по економскиот бум, од ЕУ ни испратија честитка дека не го исполнуваме критериумот на функционална пазарна економија и конкурентност: „И по 20 години стапката на невработеност е висока, сивата економија учествува со речиси 20 отсто во БДП, недоволно развиен е финансискиот сектор, странските директни инвестиции се на ниско ниво без јасни знаци на нивно постојано зголемување...“. Ма, како е можно толку да лажат од ЕУ, кога кога премиерот убаво си кажа дека „последните месеци имаме позасилено доаѓање на странски компании во Македонија“? Па, ете, дури и „Викиликс“ потврди дека сме ти биле вистинска „оаза за инвестиции“. Што убаво нè фалат Американците: „и покрај ваквата реторика дека сака да привлече странски инвестиции, Владата без логика го откажа инвестицискиот договор тежок стотици милиони долари. А, ова веројатно ќе беше најголема поединечна инвестиција од независноста на Македонија и ќе ја обезбедеше толку потребната електрична енергија.“ И, ко за беља, истиот ден снема струја во МАНУ, среде изборот на нов претседател. Има ли поарни реклами за привлекување инвестиции од „пофалбите“ на ЕУ и САД, од снемувањето струја во МАНУ, од незаконското уривање на „Космос“?

Е, има – експресното судење на Љубе Бошковски. Замислете, „Брат Љубе“ доби седум години робија, а „борците за човекови права“ од 2001 уживаат во амнестијата за воени злосторства. Колку што е пресудата попарадоксална, толку повеќе ја постигнува целта – да им втера страв в коски на сите што ќе се дрзнат да ја критикуваат „фамилијата“. Владата фрлаше десетици милиони евра буџетски пари во провладини медиуми за да ги финансира предизборните кампањи на владејачката партија – и тука нема ништо незаконско, нели? Сите споменици од проектот „Скопје 2014“ се незаконски изградени како локални спомен обележја – и тука нема злоупотреба на ничија службена положба, нели? Врв на глупоста, ароганцијата, и неписменоста е објаснувањето на „Центарот за контаминација“ зошто процесот против Бошковски не бил политички: „Прашање е дали воопшто може да се користи поимот политички за човек кои се обиде, но на последните избори не успеа да освои макар едно пратеничко место. Ако некој излегува во јавноста со политички ставови, не значи дека е политичар додека не добие легитимитет од народот.“ Ало, толку ли бргу заборавивте дека Љубе Бошковски беше министер и пратеник на ВМРО-ДПМНЕ?

Ете, така, да си знаете. „Центарот за контаминација“ одредува кој е политичар, а кој не е политичар, кој е новинар, а кој не е новинар, кој е патриот, а кој предавник, кој е „кодош“, а кој „заштитен сведок“. Центарот за контаминација, нашето министерство за реа-лност, органот на „фамилијарната“ партија која постојано ги јаде не само своите деца, туку и своите родители, основачи, секретари, министри, амбасадори... Нема потреба од мерни инструменти околу штабот на владејачката партија. Воздухот таму е редовно „многу нездрав“. На моменти преоѓа во критичната фаза „опасно“.

Иронијата е ефикасен

Иронијата е ефикасен „инструмент„ за штедење. Штеди зборови, време, хартија, мастило, носачи на звук и слика, пари и .... Со неа се служат завидно интелегентни луѓе, а ја сваќаат релативно поголем број на слушатели/читатели. Се употребува за ефикасно да се разберат соговорниците и да се стави крај на одвишна дебата. Но огромен дел од неистомисленици, во неа гледаат малициозност, отсуство на аргументација, арогантнос и што ли уште не, во прилог на оправданоста на нивното спротивставено мислење. Често пати, иронијата се употребува од умореност на говорникот во застапување на своите ставови и може да се толкува како покажување на малодушност и отстапување од „рингот„ што му оди во прилог на демагогот.
Ако вашите пишувања имаат „мисија„ на демаскирање на лицемерието, алчноста, некомпентентноста, или која и да е таа, поцелисходно би било ирониата да ви биде „зачин„ а не супстрат и „запршка„
Ова е мое мислење, што не значи дека вашите ставови не ми се блиски и не ги читам со задоволство. Едноставно,често пати ми изгледаат како сеирџиски.

Vo reklamata za 100-te denovi

Vo reklamata za 100-te denovi na vladata kako USPEH e staven i turskiot aerodrom. Ednostavno, si go prisvoija....mozhe bi i TE-TO ke si go pripishat kako niven uspeh :))

Слични содржини

Жарко Трајаноски
Жарко Трајаноски
Жарко Трајаноски
Жарко Трајаноски
Жарко Трајаноски
Жарко Трајаноски
Жарко Трајаноски

ОкоБоли главаВицФото