Модерните пирати кои го изменија интернетот

13.02.2012 17:23
Модерните пирати кои го изменија интернетот

Долго време интернетот беше место за размена на најразлични содржини кои главно беа недостапни за раката на законот. Откако беа предложени законите за спречување на пиратеријата на интернет (SOPA) и спречување на загрозување на економската креативност и кражба на интелекуалната сопственост (PIPA), многу страници за споделување секакви документи беа затворени и се стекнува впечаток дека би можело да дојде до ограничување на слободите на светската мрежа.

Во вакви околности, интернет страницата Business Insider реши да ги претстави најзначајните интернет „пирати“ кои оставија трага на мрежата.

1. Ким Дотком (горе десно) е неодамна уапсениот сопственик на империјата Megaupload. Дотком живееше во огромен раскош – од милионски вили до луксузни коли и хеликоптери. На табличките од неговиот „ролс ројс“ пишуваше „БОГ“. И сето тоа заработено преку страницата за бесплатно споделување и размена на содржини.

2. Џулијан Асанж и Бредли Менинг – откривање на доверливи државни информации, пиратерија од друг калибар. Со откривањето на документите и тајните белешки на владите низ светот, Асанж, Менинг и Викиликс го протресоа светот. Менинг, кој објави снимка од воздушни напади и над 250.000 документи, го очекува судење за капитално злосторство, додека Асанж во Англија го очекува исходот од обвинението за сексуално злоставување.

3. Шон Фенинг (лево) можеме да го сметаме за зачетникот на споделувањето музички содржини. Уште како тинејџер ја развил интернет страницата Napster. Стекна светска слава и имиџ на државен непријател број 1, кога станува збор за музичката индустрија. Подоцна Napster беше продаден и го легализираше своето работење. Фенинг ја основаше социјалната мрежа Path, која ја напушти и сега работи за Airtime, овојпат со Шон Паркер, следниот на листава.

4. Шон Паркер, еден од основачите на Napster. Сепак, неговата соработка со компаниите Фејсбук и Spotify покажува дека има нос и за проекти кои се во склад со законот.

5. Николас Зенстром (на сликата) и Јанус Фрис се основачи на гигантската страница за споделување документи Kazaa. Функционирањето на страницата во нејзиниот првобитен облик беше спречено по бројните судски спорови. Се најде на мета на критиките, меѓу другото, поради злонамерните софтвери (malware) и рекламните програми (adware). Зенстром и Фрис се познати и по тоа што ја основаа мрежата и програмата за телефонирање преку интернет - Skype.

6. Кристофер Пул не е класичен пират. Сепак, тој лансираше форум за поставување и коментирање слики и стрипови 4chan.org, чии членови се врвни хакери.

7. Џеј Фримен, наречен Саурик, откри како да го пробие ајфонот. Apple првин сакаа да го тужат поради кршење на авторските права, но потоа решија да го вработат.

8. Брем Коен е основач на протоколот BitTorrent, кој одигра значајна улога во споделувањето содржини на интернет. Овој протокол овозможи создавање на најозлогласените страници за споделување документи, вклучувајќи го и PirateBay.

9. Марк Гортон е творец на страницата LimeWire која се претставува како „најпопуларната p2p програма“. Од основањето на LimeWire Гортон се влечка по судови.

10. Питер Санди чека отслужување осуммесечна казна затвор поради работење на страницата Pirate Bay. Оваа страница, каде што Санди се јавува како соосновач, се рекламираше како „најживотворниот сајт за споделување во нашата галаксија“.

11. Хана Амал Бешара, позната и како Кралицата Фара, стекна популарност благодарение на страницата за споделување видео содржини NinjaVideo. Откако беше осудена на 22 години затвор, постави низа чудни коментари на Фејсбук за да ги поттикне своите следбеници да ја поддржат и се понуди да позира за списанијата GQ или Maxim.

Извор: blic.rs

„4chan.org, чии членови се

„4chan.org, чии членови се врвни хакери“

Ако членовите на оваа страна се врвни хакери, јас и ти сме Дороти и Волшебникот од Оз... 4chan нема класични членови, туку секакви луѓе што придоаѓаат од секаде - од таканаречените тролови, деца и тинејџери, до канцелариски работници и забегани интелектуалци. Тоа и ја прави оваа страна толку голема - го претставува мислењето на пукот, нема правила, се' може да е исмеано, а анонимноста им дозволува на посетителите да се искрени на најболниот начин што им се наоѓа на располагање.

ОкоБоли главаВицФото