Ќе се менуваат и имињата на зградите во Скопје

15.06.2012 14:11
Ќе се менуваат и имињата на зградите во Скопје

Владата на Република Македонија утрово излезе со соопштение во кое се вели дека во текот на идниот месец, по брза постапка, ќе се сменат и имињата на некои од репрезентативните згради во главниот град.

Имено, станува збор за зградите на Македонската радио-телевизија, која со новиот предлог ќе се нарекува Александрова радио-телевизија, потоа зградата на Македонски пошти, која сега ќе се вика Антички пошти, па зградата на ЕВН, која отсега ќе се нарекува Барок... Тука спаѓаат и зградите на Студентскиот дом „Гоце Делчев“, сега преименуван во Студентски дом „Тодор Александров“, Градски ѕид, кој отсега ќе се вика Македонска фаланга, зградата на Народна банка на Република Македонија, која од идниот месец ќе се нарекува Приватен трезор на ВМРО, како и зградата на Собранието, која ќе се преименува во Детски театар-Скопје.

„Новите времиња, како и потребата архитектурата во главниот град да соответствува со новата македонска реалност, беа начелна инспирација за идејата да се преименуваат главните архитектонски симболи на Скопје. Со тоа, ќе се заврши уште една фаза од неповторливиот светски проект ’Скопје 2104’ и ќе се постави бетон во темелите на новата македонска нација, чија изградба е во тек“, се вели во кусото соопштение на Владата.

Пара вести се обидоа да стапат во контакт со премиерот и неговите министри, како и градоначалникот на Скопје, за да побараме дополнително објаснување за најновите преименувања, но оттаму засега ги игнорираат нашите телефонски повици.