Што е тоа лустрација и каде да ја најдам?!

18.07.2013 10:45
Бобан Карапејовски

Кога го лустрираа Владимир Милчин првпат надвисна темниот облак Комисиски и прашањата: До кога и колку лустрацијата ќе биде злоупотребена за пресметка со политичките противници? И, како што обично бидува, Марфи секогаш има право, па кога сте помислиле дека нема полошо, ќе ви прошепоти од левата страна, од ѓаволската, „оптимистот“: „Има, има!“

Македонската лустрација отвори многу прашања. Првото, за мене: зошто воопшто таа да се случува? Дали во Египет ќе има ваков процес? Или во Ирак? Кои европски земји спроведоа ваква постапка? Редовно ми го посочуваат источногерманскиот случај, кој е sui generis, веројатно зашто се работи за Германци. Потоа, може ли да се ГЛАСА за факти? Дали тие се утврдуваат, се верифицираат или се предмет на слободно читање? Белки тие не се романи и раскази, па да ги подложиме на книжевна херменевтика!?

Впрочем, кој организиран систем наречен држава нема тајни служби и не се подрива ли системот преку обелоденување на мрежата на соработниците? (Ќе речете дека таа држава веќе не постои, но јас ќе ви речам: Законот важи и потаму од 1991!) Можат ли вработените во таа служба да бидат лустрирани или само кривично гонети за злоупотреба на службената положба? Дали разговорот по службена должност е кодошлак или е работење за државните интереси? Веројатно сè е до аспектот на набљудување: биле ли солунските атентатори терористи или борци за човекови права?! Ги почитувал ли едикојси лустриран законите на неговата држава или бил „издајца“? Мислев дека ќе се казнуваат тие што злоупотребувале, а не тие што го штителе актуелниот уставен поредок (како во досието на Ѓунер Исмаил, на пример). Мислев дека треба доказ дека е регистриран соработник, а не „предмет на оперативна обработка“ (ерго, следен), како кај Милчин. Ми изгледаше логично да се види кој е кодошен и кој настрадал, а не да се најде половина ливче полно со небулози и тоа да биде крунскиот доказ (види го досието на Милован Стефановски).

Со многу елементи на трач-рубрика, она што денеска би го виделе во некој посериозен таблоид (колку и да е оксиморонска оваа синтагма), е досието на Благоја Иванов. Да не зборувам дека оној црн маркер е смешен: ги идентификував сите споменати внатре. Јас, роден многу години по настаните. Замислете да го чита тоа некој нивни современик!

Конечно, законот предвидува „дополнителен услов за кандидирање или вршење јавна функција“. Тоа е шлагвортот за смешката со лустрирање покојници: која ли функција може да ја извршува Славко Јаневски? Претседател на советот на станарите од околните бутелски парцели? Да не е трагично, ќе беше смешно и материјал за црнохуморна драмолетка.

За да бидат лустрирани, треба и да злоупотребиле со доставувањето податоци и да добиле нешто како соодветна компензација. Што добиле овие луѓе повеќе од тоа што го заслужиле со својата работа? На кои функции биле, што имаат денеска? Дали, еве, барем четири стана им купиле мајките-медицински сестри?!

Многу е веројатно дека Стале Попов го напишал првиот македонски роман и тој бил чуван во некои фиоки додека не излезе „Село зад седумте јасени“ на Јаневски. Се чини и дека Ледината на Шолохов е предлошката на Селото. И, ова е крунскиот доказ по друштвените мрежи деновиве за „лошиот Славко“. А, одамна ме/нè учеа дека две баби и три жаби, едноставно – не се пет! Човекот со белиот костум, кој често седеше до другарот Тито на некои прослави, велат дека имал незгоден карактер. Ако продолжам да зборувам за нашиот „кандидат за Нобел“, веројатно ќе ме лустрираат, оти текстов ќе наликува на т.н. досиеја според кои се врши оваа смешна шарлатанерија со кодно име „лустрација“. Но, сето тоа кажано за него е недоволно за лустрирање. Воопшто недоволно.

Сум бил чест гостин во многу книжевни салони (официјални и неофицијални). Сум слушал многу озборувања: за пијанките, за досиејата, за препишувањата (како оние на Божина, на пример, за кои чесното перо на Атанас Вангелов напиша и цела книга, но тоа не ги намалува моите симпатии за неговиот гест на будење – со истапувањето од МАНУ и од ДПМ; но, и тука има мала подлост лустро-комисиска: редоследот изгледа намерно избран и темпиран за Селото и Ледината да се доведат во егал ситуација со Преписите на Божина, а тоа не смее и не може – ех, подлеци, подлеци!). Ако ги раскажам сите нив, ќе ризикувам да бидам најчитан, најтужен и најозборуван. Но, сето тоа не е предмет за лустрација. Не е аргумент. Не е доказ. Најважно: на тој начин не се соочуваат жртвите со џелатите, не се рехабилитираат, не се обезбедува поправедно општество, кое треба да тргне напред без товарот на минатото.

Ако можам да предвидам, тогаш ќе заклучам: најголемата рехабилитација на грешките на претходниот систем се прави со налудничавата желба да се елиминира сè, вклучително и доброто, во него од страна на овој систем. Како што забележаа мудро Софија Куновска и Никола Гелевски, се работи за шизофрената потреба од чукањето во гради дека сè изградиле тие, затоа СК014; од нив почнува естетиката, уметноста, книжевноста. А, сето тоа е производ на фрустрацијата дека во оваа држава повеќето работи се втемелени во еден друг систем, систем што им предизвикува чемер и болка, зашто тој донесе држава. Македонија е, пред и над сè, авнојска и асномска творба, а политиката на дисконтинуитет и „пред мене – ништо, по мене – или САМО моето, или потоп!“ е причинителот за ова што ни се случува. Затоа ќе страдаат уште многу Славковци. Тоа треба да им биде пример на сите слободомислечки луѓе дека долга е раката на Лустрациска. Ќе ве стигне. Затоа, молчете и бидете „на линија“.
Или, како што напиша Иван Антоновски, обраќајќи му се на Ивица Боцевски, по повод една негова дамнешна констатација дека актуелната власт е режим (можеби подобро: диктатура?!): „Дали еден режим може да лустрира друг?“

Да не беше селективната, тажна, жална, мрачна и антимакедонска лустрацијата, мислев да пишувам за демократизацијата на културата, одрекувањето на поединецот во демократските општества од автономните стремежи и процесот на градење култ на личноста како последица на сето ова. Но, кој да го демонтира погрешниот (?) систем, кога ежедневните работи не допуштаат повисок (духом) полемички тон...

Еднаш одамна си живеело едно момче. Било бестрашно. „Што е тоа страв и каде да го најдам?“, беше прашувало. Како ли завршуваше таа приказна...?

Слики: Свирачиња

ОкоБоли главаВицФото