Мечката и комшијата

02.07.2013 09:01
Мечката и комшијата

1.

Не сум стручњак за народни поговорки, ама очигледно не случајно народот рекол: „Ако мечката игра во дворот на комшијата, кога-тогаш ќе заигра и во твојот двор“! И не случајно смислил уште десетици слични поговорки, во различни варијанти, но со едно и единствено наравоучение: не се сити на туѓи неволји! Или, преведено, туѓата неволја може и тебе да те снајде; или, ако не реагираш на време на туѓите неволји, ќе дојдат и кај тебе итн. И таквата поговорка, во идентичен контекст, ја има кај речиси сите народи. Тоа, се разбира, е резултат на со векови таложена мудрост, на искуство со секаков вид маки и проблеми, тоа (треба да) е поука за идните генерации да не ги повторуваат истите грешки. Се разбира, тоа никогаш не е така, односно секоја генерација како да ужива постојано да си учи од сопствени грешки.

2.

Зошто ваков вовед? Па, ми се чинеше прикладен заради целана булумента „интелектуалци“ кои наеднаш рипнаа во одбрана на ликот и делото на Славко Јаневски, а по повод неговото прогласување за кодош од страна на веќе „славната“ Комисија за утврдување на фактите.

Нивната работа, на тие пет-шест морални креатури кои за пари чепкаат по туѓите животи, навистина не завредува ни збор. Уште кога ќе ги видите, сè ви е јасно. Особено лицено на оној Аџиев! Па оној „историчарон“ Велјановски. Минорни човечиња кои одненадеж добиле некаква власт да уништуваат луѓе! И ја користат итромански и бескрупулозно! Онака, најсељачки, со секира (и тоа со тапиот дел, повеќе да боли) – па удри!

Ама, зошто некој би им се лутел ним? И за што, всушност, тие би биле виновни? Та нели сите потрчавме да им поднесуваме изјави дека не сме биле кодоши, да им се правдаме на тие до вчера маргиналци, пигмејци во човечки облик, дека не сме грешеле во животот, барем од тој кодошки аспект! И уште ни поставуваа рокови, демек ако не поднесете изјава до тој и тој ден, ќе ви ебеме мајката! Фрикови! Та нели самите им ја дадовме таа инквизиторска секира да ги мават луѓето и нивните семејства по глава, со тапиот крај, за да нанесат поголема штета, и болка?

Па каде беше тогаш целата оваа „интелектуална“ булумента која тера на повраќање, каде беа овие доцнобудни „умни“ писатели и академици да промислат и да нè предупредат што сè може да ни случи? За што впрочем добиваат од сите нас такви плати и додатоци, државни и секакви други награди, томови и томови изданија на нивни избрани, собрани и којзнае какви уште дела? Само да мислат на сопствените џебови и газови, или барем малку да помислат и на тоа што се случува во државата? Во што се тие елитата на оваа држава? Во среброљупството и молчењето? Во даден контекст и оние инквизиторчињана имаат поголема доблест зашто јавно седнаа на местата и се зафатија со валканата работа. А овие нашиве Македончиња-интелектуалчиња се криеја во глувчешки дупки!

3.

Немам намера и не можам да го бранам Славко Јаневски, ниту пак мислам дека му е потребна мојата одбрана. Немам намера и не сакам ниту да го напаѓам.

Имав чест, по службена должност, да го запознам и да поминам ден-два со него за време на една негова промоција во Софија. Она што ми остави впечаток беше сериозноста, достоинството, онаа ненаметлива но силна нота на вистински Господин! И – толку го знам. Знам, се разбира, и по нешто од неговиот богат литературен опус. (Ама паметам дека дел од овие исти „пријатели“ му ја бутнаа чивијата за Нобеловата награда и го изрезилија човекот!). Гледано во целина, повторно, не сум во позиција, ниту пак сакам да бидам, да судам за што и да е сврзано со него.

Ама, сакам, и еве можам, да кажам збор-два за сите овие сегашни „бранители“. Да биде појасно: не мислам дека никој не треба да стане во одбрана на овој големец на македонската култура. Ама овие сегашниве, „чекачиве“, упикувачиве, подлизурковциве, сите овие кои токму тој Славко ги примаше во МАНУ и другите македонски институции и асоцијации, секако не се валидните бранители! Заради многу веќе спомнати нешта, а меѓу нив особено зашто им се нејасни – мотивите!

4.

На пример, што им се чинеше на овие денес одненадеж освестени „интелектуални“ умови кога гледаа што им прави Македонската Државна Инквизиција на едно чудо луѓе од нивното окружување? Или – не гледаа? Не ги интересираше? А сега, одеднаш, нападот врз Славко Јаневски е напад врз МАНУ? Бреее, богати! А нападот врз Фрчкоски не беше ли напад врз Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“? Па нападот врз некои други поединци не ли беше напад врз некои други професии, еснафи, институции…? Не пуштија глас за ништо што се случуваше околу нив.

За кој проблем од таа славна македонска култура за која што, еве, тооолку се залагаат проговорија отворено? И бидејќи говорат за Јаневски, гледаат ли што им се случува секоја година во „славното“ македонско издаваштво? Или во музеите, каде Јаневски често доаѓаше? Ќе гукнат ли за најновата измислица на Министерството со откупот на дела за музеите? Ќе се најде ли барем еден маж (во фигуративна смисла) да ѝ „честита“ на тетка Есма како на национален уметник и да го смести и Министерството и Хорхета таму каде што им е местото?

Или, всушност, овие одеднаш освестени, да простите, ги заболе за другите? Просто беше одвратен тој молк на оние дебело платени за да зборуват, уште подебело платени за да мислат. И уште поодвратно беше нивното проституирање лево и десно, напред и назад, во слава на ова или она. Е па сега – славете!

Или, дали можеби, ова сегашно „освестување“ е резултат на очигледниот факт дека Инквизицијава забега (а таа всушност е забегана од самиот почеток!), дека практично им влегла во нивниот двор, што ќе рече дека може да стигне и до нивниот праг? Дали е тоа проблемот, сега маскиран во грижа за човекот – Јаневски или кој и да е друг од нивното окружување – а всушност страв дека преку ноќ се стопил ѕидот од мраз што (божем) ги штител како недопирливи? И бидејќи се шупелки по дефиниција, не им е јасно дека за Инквизицијата нема недопирливи!

5.

Не случајно велат дека интелектуалецот е лесно расиплива роба. А нашиве (квази)интелектуалци – особено! Ним не им требат надворешни услови да ги расипат. Тие се расипливи сами од себе. И по себе.

Се усмрдуваат со тек на времето. Онака, из чиста мира. Тие изгледа се расипани од самиот старт, ама подоцна замирисуваат.

А вакви надворешни поттици како овој со Славко Јаневски само ја ефектуираат смрдеата на големи дистанци. Ја шират до неподносливи граници. Не знам како се трпат меѓу себе од таа смрдеа. Или – токму заради тоа не ја чувствуваат?

Извор: teodosievski.blog.mk
Слики: Meghan Howland


ОкоБоли главаВицФото