Фашизмот им дава на масите да дојдат до својот израз, но не и до своите права

09.05.2014 12:41
Фашизмот им дава на масите да дојдат до својот израз, но не и до своите права

Според Умберто Еко, ова се главните обележја на фашизмот:

1. Култот на традицијата.

2. Синкретизмот.
Новата култура мора да биде синкретистичка. Синкретизмот не е само, како што вели речникот, „комбинација на различни верски форми или практики"; таквата комбинација мора да ги толерира противречностите. (Ем православни, ем антички, ем Словени, ем мистична првобитна раса - тоа се Македонците, според актуелната несопирлива владина пропаганда.)

3. Традиционализмот.
Традиционализмот имплицира отфрлање на модерната. Просветеноста, векот на умот, се смета како почеток на модерното изопачување. Во таа смисла прафашизмот може да се дефинира како ирационализам. (Македонската модерна беше социјализмот. Затоа е и очекувано отфрлањето на таа традиција од сегашните десни болшевици. Иако резултатите на македонската модерна се просто неотповикливи - „вие не можете ни да го искречите она што ние го изградивме!“)

4. Ирационализмот.
Ирационализмот исто така е зависен од култот на акција поради акција. Една во себе убава акција мора да успее пред мислењето или во потполност без мислењето. („Остваруваме! 24/7! Не се откажуваме дури ни од најглупавите и најдеструктивните замисли!“)

5. Мислењето е форма на кастрација.
Оттаму културата станува сомнителна штом ќе се идентифицира со критичките ставови.

6. Либералната интелигенција е предавник на традиционалните вредности. Несогласувањето е предавство по себе.

7. Различното е опасно.
Прафашизмот расте и бара поддршка така што го користи и заострува природниот страв од различното.

8. Фрустрацијата.
Прафашизмот настанал од индивидуалната или социјалната фрустрација.

9. Заговор.
Во корените на прафашистичката психологија лежи опсесијата на заговор; најдобро е кога има меѓународен заговор. Следбениците мораат да се чувствуваат опколени.

10. Мачоизмот.
Бидејќи бесконечната војна и хероизмот навистина се тешки игри, фашистот својата волја за моќ ја пренесува на сексуалноста. Овде лежи изворот на мачоизмот (во кој спаѓа и насилничката нетолерантност спрема хомосексуалноста).

11. Водачот е толкувач на народната волја.
Прафашизмот се темели врз селективниот популизам. Во демократијата граѓаните имаат индивидуални права, но земени во целина тие поседуваат политичко влијание само со оглед на едно квантитативно гледиште - се следат одлуките на мнозинството. За прафашизмот индивидуите како индивидуи немаат никакви права, додека народот, напротив, е сфатен како квалитет, како монолитен ентитет кој ја изразува заедничката волја. А бидејќи големиот квантитет од луѓе не може да има никаква заедничка волја, водачот се претставува како нејзин толкувач.

***

Фашизмот им дава на масите да дојдат до својот израз, но не и до своите права, вели Валтер Бенјамин, еден од највлијателните филозофи на 20 век (кој извршил самоубиство 1940 година). Деновиве прочитав еден фасцинантен текст, „Молчењето на Бенјамин“, од Шошана Фелман, и со оглед дека таква ни е темата, еве неколку сведени и приредени реченици и од Бенјамин, за врската меѓу историјата и фашизмот:

Историјата сега е во сопственост на нацистите, на оние кои можат да го надзираат и манипулираат нејзиниот дискурс. Хитлер ја заговара верноста спрема историјата како доблест со која Германија ќе се одмазди за нанесените неправди.

Во нацистичка Германија историјата е фашистичка. Фашизмот се легитимира во име на националниот идентитет, на темелите на единството во континуитетот на историјата.

Историцизмот затоа се темели врз разбирањето на историјата како победа. Фашизмот навистина е филозофија на историјата како победа.

Задачата на историчарот денес се состои да ја избегне соработката со криминалниот режим и со фашистичкиот дискурс. На сличен начин, историчарот на иднината ќе треба да биде внимателен за да го избегне соучесништвото со историскиот варваризам и со прикриените (а сега отворени) злосторства на културата. Историчарот мора да биде револуционерен за да не биде случаен соучесник. Соучесништвото е многу поголема опасност и поголема казна дури и од смртта.

***

Поентата е: наместо учесници подобро е да бидеме ученици (на Еко, на Бенјамин, на историјата и теоријата кои ловат структурни сличности за тревога). Оти и денес, во ерата на големите неизвесности и стравови, среде немилосрдната борба за опстанок и ресурси, фашистичките тенденции изгледаат мошне жилаво насекаде; можеби во најсоголена форма тие се присутни во исламскиот свет, искомбинирани со верскиот фундаментализам, но одново бабрат и бамборат и во своето место на потекло: Европа.

Како денес, пред новите форми на фашизмот, можеме да се спротиставиме на нешто толку познато и, се чини, толку неумитно?! Како да не станеме жртви на хтонските градинарски џуџиња?! Имануел Кант на девизата на конзервативците: „Не размислувајте, бидете послушни!“ одговори со умереното: „Бидете послушни, ама размислувајте!“ Се чини дека вистинскиот одговор пред тоталитарните тенденции сепак треба да биде: „Бидете непослушни! И размислувајте!“

Слики: Свирачиња

Утрински весник, 03.08.09.

Сродни текстови

Од Калигари до Хитлер

Пастирот и фирерот

Груевизмот и фашизмот

Фотоморгана

Посилни од извесноста

Слични содржини

Никола Гелевски
Никола Гелевски
Никола Гелевски
Никола Гелевски
Никола Гелевски
Став / Теорија / Историја

ОкоБоли главаВицФото