Програмска мизогинија

24.12.2014 11:20
Програмска мизогинија

Мизогинијата претставува централен дел на сексистичките предрасуди и сексистичката идеологија и како таква е важна основа за угнетување на жените во машко доминираните општества. Многу теоретичари сметаат дека мизогинијата е резултат на комплексот „Мадона-курва“, кој произлегува од неможноста жените да се видат како ништо друго освен како „мајки“ или „курви“. Луѓето со овој комплекс секоја жена ја ставаат во една од овие категории.

Нашата влада секојдневно ја докажува мизогинијата во своите политики. Најпрво почна со промени во Законот за прекинување на бременоста, каде ѝ го одзедоа правото на жената самостојно да донесе одлука за прекинување на својата бременост. Поставија комисија во надлежност на Министерот за здравство која ќе одлучува наместо неа, наметнаа задолжително советување за жените кои веќе се одлучиле на прекин на бременоста и оставија 3 дена за нивно евентуално премислување. Веќе во првите месеци по донесувањето на овие промени ги видовме резултатите. Видовме и слушнавме жени кои во себе носеле мртви плодови чекајќи да поминат задолжителните 3 дена по советувањето. На таков начин беше загрозено нивното здравје, но тоа веројатно не стигаше до комисиите.

Понатаму, пред една недела, беше донесена измена во Правилникот за советување при прекинување на бременоста каде се воведе ново правило кое гласи дека при советувањето, на жената мора да ѝ се овозможи да го слушне срцебиењето на плодот. Она што носителите на промените мора да го сфатат е дека ниту една жена не сака да го доведе своето здравје во прашање. Ниту една жена не сака да абортира доколку нема легитимна причина за тоа. Самиот процес на абортус за жената е повеќе од стресен и болен. Ваквото емотивно и психолошко малтретирање и уценување на жените зборува за несвесноста за проблемот како и за мизогинијата кај носителите на одлуките. Не само што на таков начин се јавува поигрување со телото на жената, сега тоа се случува и со нејзините емоции. Несвесноста за проблемот ја усложнува ситуацијата која и онака е сложена. Очигледна е намерата оние жени кои ќе се одлучат за прекин на бременоста да се претстават како несигурни грешници, кои немаат право на глас за одлуката која се однесува на нивните тела.

Сега, пак, носителите на одлуките ги вмешаа своите раце и во процесот на породување. Последната измена се состои во тоа што на гинеколозите им се дадени упатства и овластување тие да одлучат на каков начин ќе се породи жената. Доколку жената сака да се породи со царски рез (на пример, затоа што не може да поднесе болка), на гинеколозите им е пружена можноста да не ѝ го дозволат тоа. Замислете, една жена се одлучува да роди, мислејќи дека за разлика од прекинувањето на бременоста, во овој случај, би имала поголемо право на одлучување и дека помалку би страдала, кога одеднаш е изложена на болка и страдање затоа што гинекологот не ѝ дозволил да се породи со царски рез. На ваков начин ѝ е одземено правото на жената да одлучува за себе и за своето тело.

Со ваквите политики се создава една слика за тоа каква треба да биде жената според очите и желбите на носителите на законите. Мизогинијата се вткајува длабоко во целосната програмска сфера. Жената се гледа само преку нејзината улога на мајка. Сè што е различно од тоа се смета за „курва“ која треба да се преиначи според системот. Изборот за прекинување на бременоста е скоро невидлив, а одлуките ги носат надлежнитево туѓо име. Оние жени кои пак ќе одлучат да родат мораат да бидат мајки во праисториската смисла на зборот, а им се одзема можноста да ги користат пронајдоците и благодатите на модерното време. Живееме во век на вештачко оплодување и разни технолошки и медицински пронајдоци, но во клучниот момент на раѓање на нов живот не смееме да ги користиме. Со ваквите правила жената се уназадува, се ограничуваат нејзините права поврзани со одлуките за сопственото тело.

Моето тело подложи на мој избор. Тргнете ги вашите раце од нашите тела. Тие, за разлика од другите работи, не се во ваша сопственост.

Извор: Излез

Постери: Антифеминистички пропаганден материјал од периодот 1900-1914

ОкоБоли главаВицФото