Т: Албанците

10.05.2010 12:58
Kosovo-3.jpg

Таму некаде во 2000 или во 2001 година, сега не можам точно да се сетам, бев повикан да учествувам на една книжевна вечер во некој австриски град. Покрај мене, како „претставник“ на Косово, на оваа средба беше и еден книжевник од Босна и Херцеговина. Станува збор за познатиот писател, сега веќе покоен, Изет Сарајлиќ. Ја имав читано неговата поезија. Дека е непоправлив бунтовник, и за тоа имав читано. Во тоа и самиот се уверив на таа незаборавна вечер.

Во разговорот, Сарајлиќ, како и сите наши суетни луѓе, не го криеше задоволството што многу знаев за него, за Џеват Карахасан, за Меша Селимовиќ и за другите бошњачки автори, како и за српските и за хрватските писатели. Се чудеше зашто во соговорникот виде „дете“ кое во текот на 90-тите години го доживеало истото низ што поминувале и неговите врсници: исфрлување од училиште, од универзитетите, од политиката, економијата, јавниот сектор...

Во тој голем слом, кој почна пред целосниот распад на поранешна Југославија, а кој се продлабочи за време на кравите војни во Хрватска и во Босна и Херцеговина, и кулминираше во војната на Косово, се случи големото одвојување на косовските Албанци од словенската заедница. Не само политичко, и делумно економско, туку особено културно. Секако дека до почетокот на војната на Косово албанските интелектуалци – писатели и новинари, лекари и инженери, академици трескавично, преку медиумите, пасивно ја следеа крвавата воена кампања и го проживуваа чекањето и лошата коб која вака или онака се случи.

Во истиот период оние кои живееја со своите родители, значи помладите генерации, не се заморуваа многу со тоа „што тие“ работеа. Многу од нив тргнаа кон западна Европа како бегалци, додека други продолжија да живеат во потесно опкружување на целосна изолација.

Одлуката на режимот на Милошевиќ освен јавниот живот да ги укине и училиштата и општото образование на албански јазик предизвика суштински бумеранг во албанско-српските односи. Децата и младите Албанци ја следеа наставата во паралелен „систем“, во „приватни“ училишта на алтернативни места: од домашни подруми до џамии и католички цркви. Одбивањето на една земја или народ да учествува, а со тоа и да се покори на режимот, придонесе за одвојување од јазикот, во тоа време српскохрватскиот. Цели генерации Албанци почнаа да следат вести, и тоа не само вести, телевизиски или радио емисии преку сателитски антени, на англиски или на германски, а и на албански јазик. Албанскиот јазик од Албанија, кој, иако се најде во тешки политички превирања, во периодот после транзицијата, полека во голем обем почна да продира во големото и празно културно поле на Косово.

Секако дека ова албанско-албанско запознавање не беше лесно. Други алтернативи немаше. Како можност не постоеше потчинување или враќање назад или нов почеток – нов период со српскиот, хрватскиот или босанскиот јазик. Десетте последни години од српското присуство на Косово беа деценија на албанско културно просторно одделување од сето она што се однесува на јазикот и културата на соседите. Од книгите, преку виртуелниот свет, до публицистиката.

Денес, дваесет години подоцна, кога косовските Албанци влегуваат во втората деценија на слободата, може да се зборува за апсолутно мнозинство на оние кои не знаат и не сакаат ништо да знаат за соседната култура.

Има ли причини за носталгија или за жалење? Нема. Зашто без принципот на реципроцитет тешко дека може да има дијалог и разбирање. Ако прашаме еден млад академски граѓанин, Албанец од Косово, дали знае кои се најдобрите писатели, најконтроверзните публицисти и научници во Србија, Хрватска или Босна и Херцеговина, она што најмногу можеме да добиеме е насмевка меѓу жалење или задоволство што ништо не знае за нив. Во исто време можеме да разговараме за Ден Браун или Филип Рот, Мајкл Фридман и Џереми Рифкин – сите тие се или преведени или нивните дела се читаат во оригинал.

Уште поинтересна е ситуацијата со генерациите на албански академски граѓани кои се формираа и дејствуваа паралелно на овие јазици и во социокултурните контексти на поранешна Југославија. Постои игнорирање на „она“ што таму се случува. Синдром на жртва? А нашите соседи, како воопшто ги гледаат Албанците, особено оние од Косово? Со ресентименти на минатото? Со мешавина на жалење од „она што се случило“ и една подобра и помирна иднина? Да не заборавиме дека се присутни и стереотипи за валканите Албанци или терористи.

Прашањето што тука треба да го поставиме е есенцијално.

Дали има шанси, можности, начини за брзо воспоставување нормални односи меѓу албанскиот културен простор и просторите на поранешните соседи. Колку тие знаат за писателите, публицистите, научниците и за денешниот албански културен контекст воопшто? Малку или ништо. Додека не се случи тоа, тешко дека можат да се воспостават некои нормални односи. Би било нечесно и цинично ако малку не застанеме и во неколку зборови објасниме каква е ситуацијата кај Албанците денес.

По војната на Косово, влегувањето не само на силите на НАТО, туку и на илјадници други меѓународни претставници, на Косово се случи културен шок, чии позитивни и негативни последици сè уште не се согледани, бидејќи споменатиот „процес“ трае и понатаму. Меѓу овој меѓународен „хаос на системот“, од една страна и силната Албанија, од друга, имаше обиди да се разговара и дебатира за косовскиот јазик, за косовската нација, за косовскиот идентитет.

Се увиде дека овие дебати беа повеќе спонзорирани отколку што ја допираа жилата на еден поширок општествен консензус, ако сакате и национален. Албанскиот јазик и култура продолжуваат да бидат едно. Косовскиот Албанец ја гледа телевизија Косово и се забавува со оние другите: значи со телевизијата од Албанија, а зошто да не и со онаа од Велика Британија или Германија. Меѓутоа, главните вести за својата земја ги гледа на својата ТВ. Ништо необично. Иста е ситуацијата и во односите меѓу Германците и Австријците. Или, ако сакате, и на косовските Срби и оние во Србија.

Косовскиот Албанец чита весници од Приштина, додека оние од Тирана воопшто не ги бара зашто во нив нема нешто што му треба, па според тоа, не се наоѓаат на пазарот Република Косово. Како и во Австрија. Или во Србија. Законот на пазарот на книги е ист: како што книгите на „Suhrkamp Verlag“ од Франкфурт можат да се најдат во Целовец во Австрија, ја имаме ситуацијата издавачките куќи од Албанија со своите изданија да се повеќе присутни на Косово.

Дали тоа се копирани закони и системи? Нималку. Тоа се правила на игра кои се препознаваат и чувствуваат. Еден е јазичниот и културниот простор. Две држави со различни знамиња и различни политички и економски интереси и слоеви. Тоа е денешниот Албанец. Нормален. Потрошувач во културен контекст.

Како и многу колеги од културниот простор на поранешна Југославија, кои имав можност да ги сретнам низ разни места во Европа, и Изет Сарајлиќ ме праша за покојниот писател Азем Шкрели. Не пропушти да го поздрави Али Подрим и на тоа се заврши сè. За младите не знаеше ништо. Дали е време да се почне ново поглавје?

Велам дека е. Но, тоа нема да се случи брзо и автоматски. За тоа нè учат и историите на многу посилни земји од западна Европа. На пример, историјата на Германците и Французите кои после четири децении крвава војна во 1992 година потпишаа меѓудржавен договор за отворање заеднички телевизиски канал „Arte TV“.

Нашите држави сè уште ја негираат сувереноста и територијалниот интегритет на соседната држава. За меѓусебно признавање не ни може да се зборува. Во таква средина културата нема што да каже. Зашто таа може само да гради мостови и да отвора патишта. Како „Arte TV“.

Извор: Sarajevske sveske

ОкоБоли главаВицФото