За Атанас Вангелов (1946-2021): Руското кокиче на Миладинов

25.10.2021 12:47
За Атанас Вангелов (1946-2021): Руското кокиче на Миладинов

„Во 1860 година Константин Струшки разбира дека зимата ќе трае: по руски - силни ветришча и виулици пустат веќе над Струга, над езерото, а тие, пак, уште му блескотат в душа.

Ретко, дури и кокичињата шепотат дека под снегот, низ руската земја струјат идеи за револуција - обесиле глави, небаре сите под присмотра на царската полиција.
Како човек кој нужно поверувал дека ги згрешил страните на светот, од Москва Константин оди на запад, а потоа на југ, нималку расколебан: оди сам да го дотурка сонцето еднаш до сртот на Јабланица и оттаму да го стркала во Македонија.

Меѓутоа, на граница слугата Алахов и верен ѓумругџија падишахов, случајно, во душата на Константина догледа едно притулено кокиче и руско уште - според документите. Лишен од слобода, под стража, веднаш е спроведен Константин во Цариград: како приврзаник или симпатизер на раја од подземјето, од која потекнува и кокичето.
Знаеја Турците да стават сé на свое место: преку цариградската зандана итно го пратија Константин Струшки (сосе кокичето) в подземје и така му помогнаа да не лута многу.

Една година потоа во Струшко (според други, по сета Македонија) почнало да никнуваат кокичиња што знаат руски. Турците внимателно проверија да не би да избегал Константин од подземјето и кога се уверија во спротивното, мудро заклучија: таква била волјата Алахова“.


Ова е песна од книгата поезија „Строго доверливо“ на почитуваниот професор и писател Атанас Вангелов објавена во 1984 година кај издавачот Наша книга со наслов „Константин Миладинов и руското кокиче“. На песната се сетив во еден разговор со Главуртиќ при една моја посета на неговото ателје. Зборувавме тогаш на разни теми, меѓу другото за забранети книги, исчезнати ракописи, изгорени библиотеки, заборавени архиви и за разни други мистерии. Ги спомнав Миладиновци како една столетна неодгатната тајна закопана во цариградските архиви, османлиски и патријаршиски. Притоа ја спомнав како убав пример за поетска мистификација песната на Вангелов за Константин и руското кокиче.

На Главуртиќ не му требаа повеќе од три минути да пронајде една мошне дебела фасцикла од својата неверојатно богата документација за натприродното и необјаснивото. Во фасциклата се наоѓаше негов превод на книгата „Утрото на волшебникот“ од француските автори Луј Пауел и Жак Бержие и, меѓу другото, компилации од книгите на Чарлс Форт, чудак и фантаст, „фоката од Бронкс“, како што тој го нарече. Имено, Форт го посветил целиот свој живот собирајќи докази за постоењето на натприродното, чудесното и фантастичното. Живеел во Њујорк од 1874 до 1932 година.

Во преведениот ракопис, меѓу извештајот на „La science Por Tous“ од 1861 година за земјотресот во Сингапур и за неверојатните дождови од кои се направиле повеќе езера кои необјасниво се наполниле со риби и извештајот за појавата на Aurora Borealis на Фарукабад, постои опис на една неверојатна појава на Балканот, поточно во областа околу Охридското Езеро. Имено, според извештајот на Дејвид Херст Томас во „Harper`s Weekly“ од 1863 година забележана е појава на цветање на „Galanthus Nivalis“ на површина од неколку стотини квадратни милји. Целата површина непрегледни полиња била покриена со расцветани кокичиња, но не онакви какви што се вообичаени во овие краишта, туку некаков вид руско кокиче. Висибаба, дреновец, мали звончек.

Во главниот хербариум на Одделението за ботаника на Природонаучниот музеј „Д-р Никола Незлобински“ во Струга, кустосот-ботаничар Наум Јанески на ваше барање може да ви го покаже единствениот примерок Galanthus Nivalis, вид руско кокиче, а во инвентарната музејска книга може да прочитате дека примерокот е собран зимата 1962 година во градината на родната куќа на Константин Миладинов, на стогодишнината од неговата смрт.
Се појавило само тогаш, и никогаш повеќе.

Од книгата „Црни пророци“, 1996.

Фотографии: Емилија Томаноска

 

 

Слични содржини

Општество / Став / Историја
Став / Теорија / Историја
Книжевност / Став
Книжевност
Општество / Став / Историја
Книжевност / Историја

ОкоБоли главаВицФото