Ако мораш да клоцнеш куче, гледај да е мало

12.02.2024 13:43
Ако мораш да клоцнеш куче, гледај да е мало

Станувајќи од своето место, на крајот од заедничката прес-конференција во Собранието на Македонија, министерот за надворешни на Велика Британија, Даглас Херд, кој во својство на нов претседавач на ЕЗ дојде на разговори во Скопје веднаш по лисабонската декларација во 1991, ми рече: „Па тебе никој ништо не те праша“, и додаде дека баш би сакал тоа нему да му се случи во неговата држава со неговите новинари. Се насмевнав и ништо не му одговорив. Како некому од странство да му објасниш дека малкумина во твојата земја ги разбираат маките на малите држави во светската политика, па уште и меѓународно непризнати, и дека мнозинството луѓе се убедени дека сите држави се исти.

Исти?

„Ако веќе треба да клоцнеш куче, погрижи се да е мало, таа е наша поговорка“, ми рече министерот за надворешни на Естонија. На границите со еден колос, Русија, тој знае што зборува. Кога, во една пригода, во почетокот од нашата независност, им се обратив на пратениците со зборовите дека мора да имаат предвид дека сме мала држава, алудирајќи на потребата да ги намалат очекувањата од мене како одговорен за надворешната политика, добив запрепастувачки одговор дека немало мали држави, туку само мали министри за надворешни работи.

Во тие години немаше човек кај нас кој не се налути на мојата практика вистинито да зборувам за положбата на нашата држава во меѓународните односи по насилното распаѓање на федерацијата, и за компромисите што бевме принудени да ги направиме. Искуството ме научи дека луѓето бегаат од непријатната вистина и самите бараат да бидат лажени. Зашто, кој министер не сака да дојава на бел коњ и на народот да му донесе и име и знаме и сè што ќе посака? Најмногу признание и пофалби добив кога во едно соопштение ја обвинив ЕЗ за нешто, став што секогаш го избегнував, упатувајќи ја основната критика врз нашето поведение.


Разбирајќи ја демократијата само како лута критика, а не и како лична одговорност, новинарот кому требаше да му дадам изјава по телефон после важна средба во Вашингтон, не се појави во закажаното време за разговор. Зошто? Сабота било, па ми се јави техничарот, кој ми порача: кажувај, снимам. Словенечкиот министер за надворешни работи на прашањето „Каква е позицијата на Словенија за ирачката војна!“ еднаш одговори вака: „Словенија е премала за да има свое мислење“. Такво нешто кај нас не минува.

Тоа незнаење за положбата на малите држави во светската политика, но и таа неконструктивност во дебатата, продолжува и денес: ако сакаш лична промоција или да ѝ носиш поени на твојата партија, треба да лажеш. Устата да ти е полна со зборови од типот, ние сме суверена држава, баш како секоја друга, рамноправни сме во сè, согласно меѓународното право, нема големи и мали туку само еднакви итн. Така во ОН зборуваа претставниците на сиромашните земји од Африка, кои никогаш во настапите не пропуштаа можност да истакнат дека се суверени земји, одново и одново.

Моќните држави, оние со реален суверенитет, никогаш не ги слушнав да велат такво нешто. Деновиве, на веста дека со доаѓањето на О’ Брајан, високиот претставник на американскиот Стејт департмент, повторно се огласуваат истите глупости. Америка ќе влијаела врз нашите избори и тоа не е демократски. Ретко кој го разбира односот меѓу малите држави и големите сили. Имено, дека се тоа два различни примера на поведение во меѓународната политика, две различни приказни во еден заеднички свет.


Убаво му кажал Хенри Кисинџер на Филипов, нашиот амбасадор во Германија, во кулоарите на Минхенската безбедносна конференција: токму сега ја читам вашата книга „Дипломатија“, му рекол амбасадорот на Кисинџер. Оставете ја, тоа не е книга за вас, всушност може да биде и против вас, му одговорил Кисинџер кој во спомнатата книга ја кажува приказната за односите меѓу големите сили кои ја држат и ја уредуваат рамката на светската политика. Тоа го прават благодарејќи на својата моќ и на своето влијание.

Само неуки политичари, новинари и интелектуалци бараат свет без влијанија разбрани како начин да се принуди некој да направи нешто што не би го направил, освен под притисок. Таков свет без надворешни влијанија, без интереси, без моќ и сила, не постои. Може ли конечно на неуките тоа да им влезе тоа во главата? Всушност, интересите, моќта и влијанието се суштината на меѓународната политика.

Не ви се допаѓа?

Не ми се допаѓа ни мене, ама тоа е реалниот свет. Во тој реален свет живее нашата држава, па ако сака да преживее, мора своите политики да ги гради согласно тие животни факти. А, идеалниот свет кој е производ на неразбирање и незнаење е, просто речено, лага која одлично се вклопува во омилената политичка игра наречена лажење. Штетите се далекусежни и опасни, зашто врз оваа ноторна лага се вградува во свеста кај гласачите, кои почнуваат да веруваат дека и малата држава може „да тресне со тупаница на преговарачката маса“ за да се издејствува своја позиција. Никакво трескање не ѝ помага. Зашто, и за да удриш на маса, треба да имаш со што, тупаницата на преговарачот тука не помага, ако нема економска моќ, воена моќ, ако нема луѓе и ресурси зад неа…


Не случајно Теодор Рузвелт вака ја дефинирал американската надворешна политика: носи голема суровица во раката и зборувај тивко. За мала држава како Македонија која има само дипломатија, но не и суровица (сила), пресудниот фактор во меѓународните односи, задачата на нејзината дипломатија, не е да докаже колку сме во право, туку да ги придобие другите за остварување на својата главна цел: опстанок. Ако мислите дека и во иднина ќе можете да го користите безбедносниот чадор на Америка и предностите од трговијата со Кина, ве чека изненадување. Ќе мора да се определите за Америка или за Кина, а бидејќи безбедноста е најважна ќе се определите за Америка, рече Џон Мершајмер, истражувач на меѓународните односи, на едно неодамнешно предавање во Австралија. Публиката, верзирана во меѓународните односи, не се буни бидејќи знае дека е така и учествува во една конструктивна дебата со аргументи.

Истото ова Америка, меѓу другите работи, ѝ го вели на партијата ВМРО-ДПМНЕ. Дека за безбедноста на Македонија мора да се плати цена: малата држава да внимава и на геополитичките интереси на оној под чиј безбедносен чадор стои. Зашто, колку и да не ни се допаѓа, во меѓународната политика силните го прават она што можат, а слабите она што мораат. Ние мораме да се вклопиме во приказната на големите сили зашто, ако сакаме да сме искрени до крај, малите држави нема ни што да бараат во светската политика, иако демократската реторика последниве децении нè измами да поверуваме дека сите сме исти и дека правото со своите параграфи е посилно од меѓународната политика со нејзините интереси, моќ и влијанија. Тоа го кажува и второто име на научната дисциплина Меѓународни односи: политика на сила (Power politics). И, зарем војната на Русија против Украина не е потврда за сето кажано?

Инаку, од ова неразбирање на сопствената позиција на мала држава, произлегува омаловажувањето на успесите на државата, компромисите прогласени за предавства, но и главниот успех: живот во мир еве веќе 75 години. Огромно достигнување за Македонија, би рекол секој кој знае нешто од меѓународна политика. Кога го прашале поранешниот претседател на Чешка, некогашниот дисидент Вацлав Хавел, кое е неговото главно остварување во политиката, тој одговорил: „членството во НАТО, со што обезбедив барем 20 години мир на мојата земја“. Пиххххх… само 20?

Е па, како тргнал светот кон војна, можеби и сегашните генерации ќе ја научат вредноста на мирот, заедно животниот факт: секојдневно треба да се бориме за да го продолжиме времето на мир, таа секогаш незавршена битка, зашто во работите меѓу живите луѓе вечен мир има само во „Бутел“.


Слики: Rafael Silveira

Извор за текстот: Слободен печат 

ОкоБоли главаВицФото