Да се биде Џон Малкович

04.08.2023 11:06
Да се биде Џон Малкович

 

 Малку сум разочаран од изјавата на премиерот Димитар Ковачевски дека Владата и по година и пол сѐ уште не донела одлука дали таканаречените „филмски студија на Џон Малкович“ ќе бидат прогласени за стратешка инвестиција или нема.

Не знам зошто, ама некако бев убеден дека овој проект веќе е одбиен за влегување на листата „стратешки инвестиции“. Вака излегува дека Владата го одложува решението за проектот (поднесен на 27 јануари минатата година) за предизборниот период. Веројатно тогаш ќе пресметаат дали за рејтингот ќе им се исплаќа да го прифатат или ќе го остават на евентуалната идна влада на Христијан Мицкоски, кој веќе му даде сесрдна поддршка на проектот. И потоа ќе го градат својот опозициски маркетинг врз уште еден „случај Субрата Рој“.

Имено, според скудните податоци со кои располагаме, се чини дека не станува збор за ништо друго, туку токму за уште една измама по принципот АПП (ако помине – помине).

Првото прашање кое се поставува е: зошто Џон Малкович би градел студија токму во Скопје? Зошто не, на пример, во Хрватска, земјата од каде што потекнува? Или зошто не во САД, неговата родна земја и земјата во којашто живее? Или зошто не каде било во светот?

Затоа што Скопје има убава клима? Затоа што е инфраструктурно поврзан со светот? Затоа што Македонија има најпристапна даночна политика? Поради субвенциите што тука ќе ги добие?

Зарем навистина мислите дека Џон Малкович седнал да прави компаративна анализа на климатските услови, сообраќајната инфраструктура и даночните политики во сите земји во светот, па Македонија ја избрал како земја со најмногу компаративни предности? Или дека платил некоја стручна агенција да му ја направи таа анализа?

Се разбира дека не. И тоа од едноставна причина: проектот „студијата на Џон Малкович“ – не постои! И Џон Малкович ништо нема да инвестира. Тој е само „рекламно лице“ на една друга кампања за еден друг проект, каде што изградбата на филмски и музички студија се наведени само како спорадичен дел. И тоа, би рекле, само како форма преку која ќе можат да се ангажираат ѕвезди од калибарот на Малкович токму за постигнување високи маркетиншки ефекти.

Проектот е таканаречениот „Скопски технолошки парк“ (Skopje Tehnology Park), поднесен од фирмата „СТП капитал партнерс“ (STP Capital Partners). Зад оваа фирма, формирана специјално за овој проект, стои името на извесен Иван Видаковиќ, кој веројатно живее и работи во Белград.

Велиме „веројатно“ затоа што на интернет не можат да се најдат речиси никакви податоци за него и за неговото бизнис-портфолио. Единствениот релевантен податок што успеавме да го најдеме е дека е дел од тричлениот управен одбор на агенцијата „Артлинк“ од Белград, која го организира истоимениот фестивал на класична музика во Србија и која стои зад организацијата на гостувањата на Џон Малкович во регионот (минатата година, токму во рамките на фестивалот „Артлинк“, Џон Малкович гостуваше во Заечар, од каде што што прати видеопорака до „македонската јавност“ за значењето на студија „зад кои стои“).

За сите други податоци мора да се потпреме на официјалната страница на „СТП Капитал партнерс“. Во тимот на оваа компанија се наброени 14 познати, помалку познати и воопшто непознати имиња. Главно од САД и главно банкари, инвеститори, консултанти, градежници… Меѓу нив не е Џон Малкович.

Затоа, пак, има три имиња од Балканот, односно од Србија и од Македонија. Покрај споменатиот Иван Видаковиќ, наведен е и нишкиот адвокат Небојша Станковиќ, еден од актуелните кандидати од Србија за претставник во Судот за човекови права во Стразбур. Во неговиот богат животопис, поместен на неговата интернет-страница, наведени се по години многубројните негови достигнувања и ангажмани. „СТП Капитал партнерс“ никаде не се споменува.

На листата се наоѓа и името на Неби Хоџа, претседател на Стопанската комора на северозападна Македонија. Интересно е дека од сите 14 членови на „тимот“, само кај Хоџа стои дека е член на бордот на компанијата. Другите имиња од бордот не се наведени. Останатите членови на „тимот“ главно се претставени како советници.

Што се однесува до основачот на компанијата, Видаковиќ, во биографијата што самиот ја приложил, се вели дека потекнува од дисидентско семејство, кое во 1982 година морало да избега од тоталитарниот режим во Југославија и да бара (и да добие) политички азил во Кипар. Без да навлегуваме во веродостојноста на биографијата, само ќе констатираме дека се работи за период по смртта на Тито и пред доаѓањето на Слободан Милошевиќ на политичката сцена, како и тоа дека Кипар никогаш не бил познат како дестинација на југословенските политички дисиденти. Напротив, познат е како дестинација за некои други дејанија, главно врзани за перење пари и прикривање даноци.

Видаковиќ наведува дека таму се занимавал со градежништво и во еден момент решил да се врати во татковината. Инаку, Видаковиќ, наводно, има двојно државјанство, македонско и српско. Имено, мајка му била Македонка, а татко му Црногорец. Се наведува уште дека семејството на мајка му имало земја во Скопје, односно во неговата околина, која била национализирана, па овој податок исто така се користи како адут во преговорите со Владата за „стратешката инвестиција“.

Што се однесува до самиот проект „Skopje Tehnology Park“, тој за обичниот граѓанин опфаќа помпезни, но помалку познати термини, од типот на ИоТ хабови, центри за сајберсигурност, бизнис-инкубатори, центри за аплицирање грантови, регистрација на фирми, за вработување, мостови на поврзување на образовните центри од светот со овие од регионот итн.

Меѓутоа, има и две ставки што се лесно препознатливи: изградба на резиденцијални објекти за домување, кои ќе вклучуваат ресторани, продавници, паркинзи… Како и два луксузни хотела, заедно со конференциски центар.

За следната фаза на проектот: „Стоун бриџ студијата“, како што се именувани студијата на Малкович, на официјалната страница на компанијата нема никакви податоци, освен една компјутерски генерирана фотографија како тие би требало да изгледаат во екстериерот.

И, повторуваме, името на Џон Малкович не е никаде спомнато. Од нешто попознатите холивудски „фаци“ во тимот се споменува актерот Д. В. Мофет, кај нас евентуално познат по некои телевизиски серии и хорор филмови. Она што уште може да се пронајде во некои новински написи за „студијата на Малкович“ е дека Мофет и Малкович се наводно добри пријатели.

На официјалната страница не е наведена адресата на фирмата, но затоа е наведен телефонот со повикувачки број од Србија (+381). Страницата е направена 2018 година.

Официјална поддршка на „студијата на Малкович“ досега дадоа најголемата опозициска партија ВМРО-ДПМНЕ и Јордан Плевнеш, односно Универзитетот Еуропа Прима (поранешната ЕСРА), кој потпиша протокол за соработка со „СТП Капитал партнерс“, а Џон Малкович го прогласи за почесен доктор на науки.

Уште во септември минатата година проектот го поддржаа и 27 уметници од регионот, упатувајќи писмо со поддршка до македонската влада. Од попознатите имиња, медиумите ги наведуваат Драган Бјелогрлиќ, Мики Манојловиќ и Срѓан Драгојевиќ. Освен во споменатото писмо, барем овие тројца српски филмски работници никаде се немаат јавно изјаснето за споменатиот проект.

Ова се податоците што за релативно кусо време може, во домашни услови, да се пронајдат за „Холивуд во Скопје“. Токму затоа е нејасно зошто на Владата ѝ се потребни 18 месеци за да соопшти дека „предметот уште се разгледува“.

Инаку „стратешка инвестиција“ навистина подразбира низа олеснувања и погодности за инвеститорот, какви што впрочем доби и Субрата Рој.


Фотографиите се од филмот Being John Malkovich (Spike Jonze, 1999)

Извор за текстот: Слободен печат

Слични содржини

Општество / Активизам / Култура / Теорија / Историја
Општество / Активизам / Култура / Теорија
Општество / Активизам / Книжевност / Култура

ОкоБоли главаВицФото